Трендафилов: Македонскиот работник преживува – време е за минималец од 500 евра

0
17

Минималната плата одамна се провлекува како едно од најактуелните прашања во Македонија во период на зголемување на животните трошоци. Многу семејства се борат да ги задоволат основните потреби со сегашната минимална плата. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) веќе подолго време инсистира минималната плата да изнесува 500 евра, тврдејќи дека тоа е неопходен чекор за подобрување на животниот стандард и намалување на сиромаштијата. Во интервју за ПИНА, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, зборува за причините за ова барање, стандардот на македонските работници и политичките калкулации околу прашањето.

Во јавноста, Сојузот на синдикати постојано го повторува барањето за минимална плата од 500 евра. Кои се причините за барањето на оваа сума за минимална плата и како зголемувањето на истата ќе влијае на моменталните економски услови во Македонија?

ССМ е иницијатор за донесување на Законот за минимална плата уште во 2011 година и од тогаш постојано се бориме за нејзино зголемување. Причините се многубројни: цената на синдикалната кошница се зголеми за повеќе од 8.000 денари за една година, повеќе од половина граѓани не можат да си дозволат одмор, минималната плата кај нас е најниска во регионот и во Европа, а политичарите покажаа дека преку ноќ можат да носат закони кога сакаат. Зголемувањето на минималната плата ќе значи подобар животен стандард, намалување на сиромаштијата и задржување на квалификуваните работници. Ако ова не се доволни причини, тогаш не знаеме што е доволно, дали недостасува политичка волја или преовладува политички инает или нешто друго.

Граѓаните се жалат дека со сегашната минимална плата едвај ги покриваат основните потреби. Колку сегашната минимална плата реално ги покрива основните животни трошоци на едно просечно македонско семејство?

ССМ од 2011 година ја пресметува Синдикалната минимална кошница која е единствениот реален модел на пресметување на трошоците на живот.

Иако некој смета дека Сојузот на синдикатите на Македонија премногу бара, ставот на граѓаните се единствениот реален показател и истите со право како што велите се жалат дека со сегашната минимална плата со која едвај ги покриваат основните потреби имајќи во предвид дека во пресметката на вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец јули делот за храна и пијалоци изнесува 23.682 денари, што ќе каже дека со минимална плата од околу 24.400 денари во нето износ, работниците едвај можат да си ги овозможат само оние 63 основни прехранбени производи или синдикално кажано, можат да купат само леб и вода, па затоа се и реакциите.

Кога гледаат дека две минимални плати не се доволни да ја покријат вредноста на Синдикалната минимална кошница која за месец јули изнесуваше 65.328 денари, тогаш гледаат дека едно семејство не може да си ги овозможи ниту основните услови за живот што треба да ги загрижи сите, и тоа треба да им биде дополнителен показател за згололемување на платите.

Постојат бројни споредби дека македонскиот стандард значително заостанува зад другите земји во регионот. Како го оценувате стандардот на македонскиот граѓанин во споредба со земјите од регионот и каде најмногу заостануваме? Колку заостануваат нашите плати зад оние во соседните држави и кои се главните причини за тоа?

Една од причините кои веќе ги наведовме е тоа што минималната плата во Македонија е најниска во регионот, па така минималната плата во Србија од месец Октомври ќе изнесува 500 евра или за повеќе од 100 евра од минималната плата во Македонија, минималната плата во Босна и Херцеговина веќе изнесува 511 евра или за 111 евра повеќе од минималната плата во Македонија, а во Црна Гора минималната плата ознесува 600 со 800 евра или за 200 повеќе од минималната плата во Македонија, односно 400 евра повеќе од минималната плата во Македонија.

Ова покажува дека многу заостануваме зад земјите во регионот, односно не сме веќе ни на дното, туку сме го пробиле и дното со висината на минималната плата, па од тука прашуваме дали има некој за цел македонските работниците да ги избрка во некоја од земјите во регионот и дали тоа е целта?

Економските експерти често предупредуваат дека голем скок на минималната плата може да создаде притисок врз бизнис секторот. Што треба конкретно да преземе државата за да обезбеди минимална плата од 500 евра без да се загрози економијата?

Бизнис секторот секоја години ја краде државата близу 250 милиони евра од неплатени придонеси за задолжително социјално осигурување, поради тоа што на големо е распространета појавата на плата во плико.

Досегашните анализи покажаа дека ниту едно од зголемувањата на минималната плата немало негативни ефекти кон бизнисот, немало отпуштања на работници, а напротив, била зголемена продуктивноста на работниците и зголемен е капиталот на компаниите.

Фактот што 10 милиони евра колку што се предвидени за локалните избори, ако ги поделиме на околу 150 евра во бруто за зголемување на минималната плата добиваме 66.666, ако го поделиме во месеците октомври, ноември и декември, или на 3 месеци, добиваме 22.222 или околу 22.222 работници кои примаат плата во висина на минималната плата добиваат зголемување на 500 евра нето минимална плата.

Да не заборавиме дека овие 10 милиони евра повторно преку уплата на придонесите би се вратиле назад во буџетот и државата би имала двоен ќар и тоа, најмалку 10 милиони евра назад во буџетот и задоволни работници.

Или кратко кажано, ако економијата расте и продуктивноста се зголемува, ефектот врз инфлацијата може да биде минимален, а Владата и Народната банка може да користат други мерки за контрола на инфлацијата ако е потребно.

И покрај барањата од синдикатите, државата досега не го прифати предлогот за зголемување на минималната плата. Зошто сметате дека властите одбиваат да го прифатат ова зголемување?

Да знаете дека работниците живеат тешко, дека не можат да си ги овозможат основните услови за живот, да ви кажуваат дека од први до десетти во месецот не стигнува таа минимална плата и дека после тоа секој се справува сам како знае и умее, да знаете дека моменталната минимална плата не стигнува ниту за храна и пијалаци и да не преземате ништо, во најмала рака е сомнително и чудно.

Добро е што не бара само Сојузот на синдикатите на Македонија зголемување на минимална плата, се повеќе синдикати, работници и граѓани зборуваат се погласно за потребата од зголемување на минималната плата и тоа мислам дека треба да ги загрижи сите оние кои не ја зголемуваат минималната плата, а можат да го сторат тоа. Зошто одбиваат да го сторат тоа на штета на огромен број на работници ќе треба да ги прашате нив.

Инфлацијата и растот на цените на храната и енергенсите дополнително го влошуваат животниот стандард. Како растот на животните трошоци влијае врз аргументите за потребата од повисока минимална плата?

Вредноста на синдикалната минимална кошница од јануари 2024 година кога истата изнесуваше 57.163 денари, до јануари 2025 година кога истата изнесуваше 63.252 денари, е зголемена за 6.089 денари, а по завршување на мерките на Владата истата е зголемена за дополнителни 2.202 денари или на едно семејство му недостасуваат околу 150 евра за овозможување на најосновните услови за живот.

Сега веќе и податоците од Државниот завод за статистика го покажуваат истото, дека животот е сѐ поскап, дека сѐ потешко се живее, и дека сѐ потешко се справуваме со растот на цените.

Во нормалните држави, дел од Владите веќе втор пат, вонредно ја зголемуваат минималната плата затоа што сакаат да им помогнат на работниците и граѓаните да можат да го истуркаат месецот до крај, меѓутоа како да не допира тоа до нашите креатори на политиките. Аргументи има многу, а слух од спротивната страна има многу малку.

Некои аналитичари тврдат дека одлуките за платите не се само економско, туку и политичко прашање. Има ли политички игри и калкулации зад одлуката дали да се зголеми минималната плата, како тие влијаат врз работниците и што планирате да направите доколку преговорите продолжат да бидат без резултат?

Ниту еден од аналитичарите кои тврдат дека одлуките за платите не се само економско, туку и политичко прашање не се на минималец (минимална плата), а истото важи и за политичарите со нивните 79% зголемени плати, па затоа полесно им е да зборуваат за политика, наместо за плата.

Како ССМ предложивме и на протест им порачавме и тие да живеат на минимална плата како работниците па потоа да коментираат, но не видовме дека некој од нив го стори тоа.

Прашањето за раст на платите и за раст на минималната плата да беше политичко прашање, сите политичари ќе живееја на минималец, но не живеат, работничко прашање е и за работничка егзистенција е, а во Македонија како да стана тренд политичарите кога не сакаат да зголемат плата, да зборуваат за политика, а ги потсетуваме дека политиката не ги храни семејствата на работниците, платата ги храни. За повисоки плати сме се бореле во минатото, се бориме денес, ќе се бориме и во наредниот период.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА