Почетна Анализи Вештачка интелигенција во новинарството: Меѓу иновацијата и одговорноста

Вештачка интелигенција во новинарството: Меѓу иновацијата и одговорноста

0
27
Фото: Emiliano Vittoriosi, Unsplash

„Дали ти се допаѓа овој текст или сакаш да ти генерирам нов текст кој опфаќа поширок контекст на темата за која пишуваш?“ – оваа реченица е прилично препознатлива за секој кој барем еднаш користел ChatGPT. Оттука и забележување на истата во македонските онлајн медиуми не е исклучок со оглед на широко распространетата употреба на вештачка интелигенција (ВИ) која е сѐ почеста во новинарските текстови, во трката за вести.

Во неколку наврати медиуми по грешка ги објавија инструкциите (prompts) што му ги дале на ChatGPT откривајќи дека генерираат текстови со ВИ, но без доволна редакциска проверка.

Ваквите случаи брзо станаа тема на критика во јавноста бидејќи покажаа недостаток на професионалност, но отворија и важни прашања за употребата на вештачка интелигенција во новинарството.

Скриншот од разговор со АИ апликација

Вештачката интелигенција сѐ повеќе станува дел од редакциите ширум светот – од пишување кратки вести, до преводи, анализа на податоци, ВИ го менува начинот на кој се создаваат и пласираат вестите. Иако алатките за ВИ можат да помогнат новинарите да работат побрзо и поефикасно, нивната употреба отвора прашања за точноста, етичките стандарди, довербата кај јавноста.

Каде е границата помеѓу корисната технологија и злоупотребата? Кои се придобивките, а кои ризиците од користење ВИ во медиумите? Но, најважно од сѐ, како читателите да препознаат кога содржината што ја читаат е создадена или обработена со помош на ВИ?

Скриншот од разговор со АИ апликација

До Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се упатени жалби во врска со употребата на вештачката интелигенција во медиумски содржини – потврдуваат од таму за ПИНА.

Една од пристигнатите жалби кон крајот на 2024 година, се однесувала за текст целосно креиран од ВИ алатка, потпишан со „СhatGPT“ и објавен во рубрика во интернет портал насловена како „АИ анализи“. Жалителот имал наведено дека посочениот текст претставува „неточно и нефер известување“, односно дека „ВИ не може да се користи како новинарски производ“. 

Имајќи предвид тоа што во Кодексот на новинарите на Македонија и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, во тој момент, не постоела одредба која го уредува ова прашање, Комисијата за жалби при СЕММ не ја разгледувала претставката. 

Според Зоран Ричлиев – експерт за дигитални медиуми и менаџер на медиумски проекти во Фондацијата Метаморфозис, во македонскиот медиумски простор, вештачката интелигенција е сè поприсутна, но за жал, нејзината примена е доминантно во сивата зона на професионалната етика. 

Зоран Ричлиев, експерт за дигитални медиуми и менаџер на медиумски проекти во Фондацијата Метаморфозис                                                                                          Фото: Приватна архива

„Сведоци сме на загрижувачка транзиција од класичното „copy-paste“ (копирај-залепи) кон т.н. „prompt-and-publish“ (смени со ВИ и објави) новинарство. Најчестата употреба на големите јазични модели (LLM) како ChatGPT или Gemini е како алатка за масовно „перење“ на оригинални авторски вести. Процесот функционира така што одредени онлајн ентитети, кои не би ги нарекол медиуми, земаат оригинални, авторска вести и анализи од конкуренцијата (најчесто лоцирана преку агрегаторите), ја процесираат низ ВИ со наредба за парафразирање или промена на стилот и ја објавуваат како навидум „автентична“ содржина. Со ова легално се избегнуваат дури и напредните софтверски алатки за откривање плагијат, бидејќи синтаксата е сменета. На тој начин се паразитира преку суштинско бесправно присвојување туѓиот истражувачки труд и откриените факти,“ појаснува Ричлиев.

Според него, порастот на ВИ генерирани содржини во македонските медиуми е експоненцијален. Тој истакнува дека таквите текстови кај онлајн медиумите веќе се побројни од оригиналните или тие што се легално преземени од агенции. 

Овој феномен во дигиталната теорија веќе се дефинира како „интернет-отпад“ (internet slop) што подразбира масовно генерирана, компилирана и синтетизирана неоригинална содржина чија единствена цел не е информирање, туку манипулација со алгоритмите и ловење кликови за микро-приходи.

Уште пострашно, додава Ричлиев, е што таа содржина повторно ги храни алгоримите, и се шири бесконечно.

„Конкретен пример за овој тренд на нашиот пазар е појавата на ентитети како Паноптикум.мк, чија содржина е целосно автоматизирана. Исто така, секојдневно сме сведоци на заборавени артефакти од комуникацијата со ВИ моделите, објавени во самите текстови дури и на посериозни онлајн медиуми.

Дополнително, интересен е примерот со агрегаторот Time.mk. За време на масовниот бојкот од страна на издавачите во мај 2025 година, агрегаторот беше принуден технички да интегрира сопствени АИ алатки за генерирање синтетички текстови, со единствена цел да ги пополни информативните празнини и да овозможи алгоритмот успешно да формира кластери за важните дневни теми кои останаа непокриени по заминувањето на дел од редакциите на друг агрегатор Скрол.мк,“ вели тој.

Скриншот од Паноптикум.мк

Доколку се користи етички, ВИ може да ја зголеми продуктивноста во медиумите

Како во светските редакции така и во македонскиот медиумски простор постојат медиуми кои користат ВИ со цел создавање иновативни производи кои се во чекор со напредокот на технологијата, но со јасни назнаки за употребата и степенот на користење на алатките на ВИ.

Напомена што дел од медиумите ја користат под објавите за кои користат вештачка интелигенција

Транскрипција на интервјуа, анализа на финансиски извештаи, проверка на факти во реално време, анализа на големи бази на податоци, лоцирање на соодветна литература, законска поткрепа – се некои од главните придобивки од ВИ алатките за новинарите.

„Како истражувачка редакција ние не го користиме АИ за генерирање текстови, но на сите генерирани илустрации пишуваме дека се направени со алатки на вештачката интелигенција, без оглед што најчесто се познава дека тоа не се вистински фотографии (на пример крава висока 20 метри среде Крива Паланка).

Илустрирана фотографија со помош на вештачка интелигенција за потребите на текст на истражувачката редакција на Призма (БИРН)

Користиме LLM за пребарување информации, но со многу дополнителни проверки. Користиме и за наоѓање клучни елементи во големи документи. Редовно се користи за транскрипција, преводи, пресметки и анализи. Користиме и алатки за генерирање илустрации. Употребата на LLM за генерирање идеи за приказни, наслови, или за пишување делови од текстови е проблематична бидејќи LLM не знае да создаде оригинална содржина, знае само да преземе и преработи нешто што други веќе го смислиле,“ изјави за ПИНА, Гоце Трпковски од истражувачката редакција на Призма.

Трпковски потврдува дека користат повеќе ВИ алатки и секогаш се отворени да научат нови, па така секогаш кога некој од нив ќе научи нова алатка, ги истражуваат можностите како таа може да се искористи за нивната секојдневна работа.

Гоце Трпковски | Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Неодамна, за да испробам како би функционирало тоа, му побарав на ChatGPT да ми даде идеи за истражувачки стории за едно природно заштитено подрачје во Македонија, со назнака – нешто што досега воопшто не е објавувано. Идеите што ми ги даде беа од веќе објавени истражувачки приказни, и беше нагласено дека „ова се теми за кои многу малку е објавувано”.

Веднаш сфатив дека ги зел во предвид сите медиумски содржини поврзани со тоа место и, како статистички модел, сфатил дека најмалиот број објави се однесуваат на темите обработени во истражувачките стории. Што е нормално, ако се споредува со споменување во временска прогноза, црна хроника или во локални вести. Но тоа беа најголемите и најдобро обработени стории, и не може да се наречат „нешто што многу малку е објавувано”. А LLM да смисли нешто што не е објавувано – не може. Затоа, кога се користи во креативниот процес, треба да се ограничи на тоа да отвори можеби нови начини на размислување што потоа ќе се доработат, а не за готови идеи што ќе се употребат како што се дадени,“ додава тој.

Споделувајќи го неговото искуство, Трпковски вели дека ВИ може да го забрза новинарскиот процес, но во истражувачкото новинарство брзината не е главниот приоритет, што значи треба да го забрза онолку колку што е можно без да се наруши квалитетот и релевантноста.

 

 

Ризици од употребата на ВИ во редакциите

Непроверувањето на информациите добиени со ВИ пребарување е голем ризик, земајќи го предвид фактот што и самите алатки се оградуваат дека можат да направат грешки и затоа важно е да се провери веродостојноста на информациите.

„Можеби има употребна вредност за преработка на соопштенија во дневни редакции, за новинарите да не губат време со тоа и да работат повеќе на оригинални содржини, но и тогаш треба да се провери. Всушност, секоја употреба на АИ без проверка е ризично, без разлика дали се работи за генерирање, анализирање или за други потреби. Треба да го сфатиме како корисен помошник во кој имаме ограничена доверба – истакнува Трпковски додавајќи дека преголемата употреба во креативниот процес исто така е проблем, бидејќи иако ВИ може да генерира текстови со пристоен квалитет, тоа е само преработка на туѓи стилови, не оригинална содржина, што не е секогаш во линија со основните етички стандарди,“ потенцира Трпковски.

И според експертот за дигитални медиуми, Ричлиев, доколку се користи етички, ВИ може драстично да ја зголеми продуктивноста, но според неговата експертиза, денешните распространети ВИ модели во значителна мера халуцинираат и грешат, а тоа е недозволиво во новинарството и затоа треба да се прават проверки со повеќе модели истовремено и сета генерирана содржина мора да ја провери и врами новинарот, но и уредникот, и секако новинарскиот продукт да се обележи дека при неговото создавање се користени ВИ алатки.

Ричлиев истакнува дека најголемиот структурен ризик од „системското паразитирање“, резултира со економско уништување на медиумите кои реално инвестираат во новинари, од страна на оние кои работат со нула трошоци преку ВИ. 

„Од аспект на кредибилитетот, најголем проблем е „етичкото слепило“ на алгоритмите. Како што би рекол Ник Кејв, ВИ нема внатрешно битие и не може да страда. Машината нема човечка емпатија за да ја разбере тежината на веста, не ги познава локалните општествени нијанси и често продуцира „халуцинации“ (измислува факти кои звучат многу уверливо), кои потоа преку создавањето на нови копии неконтролирано се шират низ целиот екосистем. Сепак, алгоритмите симулираат емпатија и на тој начин наведуваат на погрешни заклучоци. Нивната примарна цел е да го задоволат барањето на корисникот, често по цена на точноста,“ додава Ричлиев.

Во македонското медиумско законодавство, терминот „вештачка интелигенција“ е сè уште непознат 

Ричлиев смета дека целосно застарена и немоќна е постојната правна рамка во нашето медиумско законодавство, додавајќи дека нашиот Закон за авторски права, слично како и старите глобални норми не е модернизиран. 

„Светот се соочува со проблеми, а ние не сме ни погледнале во очи на проблемот. Нашиот закон за авторски права и покрај тоа што неодамна беше унапреден, сѐ уште не може да ги види ризиците. На тоа треба да се додаде и инертноста на правосудниот систем, кој сѐ уште се смета себеси за ненадлежен за интернет просторот. Дури и да се применуваше законот, (со чија ревносна примена бројот на онлајн медиуми во земјава би се броел на прсти) сегашната примена на ВИ ги маскира копирањата. Во целокупното македонско медиумско законодавство, терминот „вештачка интелигенција“ е сè уште непознат,“ вели Ричлиев и додава дека неодамнешните измени на Законот за медиуми, од 2025 година, се класичен пример за пропуштена шанса, според кој, наместо да се стави фокус на справување со дигиталната трансформација и ВИ, тие се со фокус на бирократски барања (како броење минимален број вработени за упис во регистар), што според анализите на граѓанскиот сектор претставува само делумен и недоволен чекор кон вистински европски реформи. 

Македонија доцни во однос на европските регулативи за употреба на ВИ

Ова се трите европски регулаторни столбови кои е потребно да се интегрираат со цел заштита на новинарството, граѓаните и демократијата:

 

Според Ричлиев, Македонија сериозно доцни во овој процес и иако имаме обврска за хармонизација поради кандидатскиот статус, институциите се пасивни. 

Етички и транспарентни медиуми = доверба кај јавноста

Медиумите имаат апсолутна етичка обврска недвосмислено да ја означат секоја содржина (текст, слика, видео или аудио) што е генерирана или значително модифицирана со вештачка интелигенција. Тоа е внесено и во новиот Кодекс на новинарите на ЗНМ и СЕММ. 

И според новинарот Трпковски апсолутно треба да постојат правила за употреба на ВИ во секоја редакција поради постојаната еволуција на алатките и појавувањето нови, каде тешко може да се напише еден правилник кој би важел засекогаш, и затоа некои основни принципи треба да бидат водилка, особено внесувањето на човекот во секој дел од процесот. Тој вели дека низ светот обично законодавството се развива реактивно, односно кога ќе се појават нови злоупотреби потпомогнати од АИ, се воведуваат правила за тие да се ограничат или забранат, но и тоа е подобро отколку да не се прави ништо.

„На крајот некој одговара за објавените содржини и никој нема да прифати дека нешто е неточно или погрешно протолкувано затоа што „АИ така ни кажа”,“ вели Трпковски.

Во мај 2025 година, СЕММ, заедно со останатите совети за етика во медиумите од Западен Балкан и Турција, усвои Декларација за етичка и транспарентна употреба на ВИ во редакциите, во која на самиот почеток се наведува дека „Вештачката интелигенција треба да служи како алатка што ги поддржува новинарите и редакциите, но никогаш како замена за човечката проценка, професионалниот суд или уредничката одговорност.“

Според Билјана Георгиевска – извршна директорка на СЕММ, овој документ овозможи добра основа за носење одлуки на Комисијата за жалби при СЕММ, за претставките што во последно време главно се однесуваат на нетранспарентно креирање фотографии со помош на ВИ алатки.

Промовиран Кодекс за новинарите со правила за користење на вештачката интелигенција и известувањето

По 25 години македонските медиуми добија нов Кодекс на новинарите , односно ажурирана верзија на општите стандарди за професионално и етичко новинарство, дополнети со одредба за користење на ВИ алатките.

Според креаторите, Кодексот со правила за користење на вештачката интелигенција и известувањето е етичка рамка која одговара на дигиталната ера, а ги задржува основните принципи на новинарството како точност, независност, проверка, одговорност.

Кодексот опфаќа теми и предизвици кои досега не биле регулирани во документ.

Новина се члeновите 5 и 6, кои се однесуваат на дигиталните медиуми, а како главна новина е употребата на вештачката интелигенција. 

Член 5. Новинарот има обврска секоја измена на веќе објавена содржина да ја означи јасно и без одлагање. Исправките треба да бидат лесно видливи и директно поврзани со основната информација.

Член 6. Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Насловот и визуелизацијата треба да ја одразуваат содржината на  новинарскиот производ.

Претставници на СЕММ учествуваа во процесот за осовременување на Кодексот, оттука нивниот став околу етичката употреба на технолошките алатки е вграден во членот 16 од новиот Кодекс, кој вели:

„Создавањето новинарска содржина со ВИ мора да биде јасно означено. Новинарот е целосно одговорен за точноста на информациите и интегритетот на медиумскиот производ. Неприфатливо е користење ВИ за создавање или ширење лажни, манипулативни или суштински изменети содржини што можат да ја доведат јавноста во заблуда. Новинарскиот производ не смее да претставува целосно генерирана содржина од ВИ.“

Но, Георгиевска дополнува дека за етичката примена на ВИ навистина да стане редовна практика, потребна е системска поддршка за едукација на новинарите и медиумските работници. 

Таа дополнува дека овој процес треба да биде заокружен со едукација на јавноста за критичко разбирање и безбедна употреба на новите технологии. Писменоста за ВИ треба да стане составен дел од медиумското образование и јавните кампањи. Јавноста така ќе биде подготвена полесно да „лови“ неетички содржини во медиумите креирани со ВИ и со помош на медиумска саморегулација, односно преку можноста за поднесување жалби до Советот за етика во медиумите на Македонија, да се стави во улога на коректив на медиумските содржини. 

Сепак, Ричлиев вели дека не станува збор за законска регулатива, туку за саморегулација, која кај нас, за жал, не функционира задоволително. 

Од друга страна, вели тој дека публиката е веќе дигитално преоптоварена. Според извештаите на Институтот Ројтерс, огромен дел од корисниците активно избегнуваат вести поради „заштита на менталното здравје“, а во исто време трошат по неколку часа дневно на забавни бескорисни содржини. Сепак, охрабрува фактот што над 54% се чувствуваат исклучително неудобно со вести произведени примарно од ВИ. 

Според искуството на Ричлиев, единствениот начин да се задржи довербата е преку хибридниот модел „Human-in-the-loop“ (човек-во-процесот) каде јавноста е сигурна дека човечки уредник ја валидирал информацијата, според експертот, во ера на синтетички хаос, човечкиот потпис станува највредната валута, но тоа сѐ уште не е препознаено од публиката, која секој слободен момент го троши на видео содржини со сомнителен квалитет, што им користи единствено на платформите задржувајќи ја публиката бесконечно, воедно монетизирајќи од спонзорираните содржини.

„Ништо не е бесплатно. Публиката плаќа со времето на изложеност на спонзорирани содржини, како и со податоците за нивните навики,“ вели Ричлиев.

Темата за користење на ВИ во медиумите е од егзистенционално значење за иднината на новинарската професија, затоа Ричлиев вели дека во контекст на медиумската писменост, граѓаните не смеат да се потпираат на пасивната перцепција „вестите сами ме наоѓаат“, туку мора активно бараат и да анализираат, доколку сакаат да останат информирани. Инаку, тие се заглавуваат во т.н. „филтер-меури“ каде алгоритмите на платформите континуирано ја следат нашата дигитална трага (историја на пребарување, кликови, време на задржување) за да предвидат што точно сакаме да видиме.

Со тоа, системот започнува да сервира исклучиво содржини што ги потврдуваат нашите постоечки ставови, додека алгоритмот тивко ги отстранува сите спротивставени или алтернативни перспективи. Исто така се чувствуваат и тие што се во другиот меур. Заради тоа имаме радикализација на ставовите, каде секој мисли дека сите мислат како него.

Авторка: Љубица Анѓелкоска

Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.

Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.

Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.