Почетна Анализи Мизогинија, сексизам и навреди за изгледот и возраста – говорот на омраза...

Мизогинија, сексизам и навреди за изгледот и возраста – говорот на омраза кон политичарките сè поприсутен

0
27
Илустративна фотографија | Фото: Canva pro

„Не знам што и е погрдо, фацата или душата“, “, Ова гуска е најголемиот душман и предавник на МК народ“, Паразитна Цветница (народно Чума), „Кој кредибилитет оваа страчка направи…..!!!“

Скриншот од објава на Фејсбук

 

Ова се само мал дел од коментарите полни со говор на омраза кон Радмила Шекеринска, заменик-генералниот секретар на НАТО, поранешна министерска за одбрана и долгогодишна македонска политичарка, напишани на Фејсбук под објава од медиум по Самитот на НАТО во Анкара.

Овие коментари не се исклучок ни за другите жени во политика кај нас, напротив говорот на омраза и дезинформацииите кон политичарките е долгогодишен и континуиран проблем што се засилува во изборни кампањи и политички кризи. Со говорот на омраза се поткопува јавното учество на жените, се диксредитира нивната работа, се промовираат стереотипи и предрасуди, а целта е да се замолчат жените и да го намалат своето учество во политичкиот и јавен живот во земјава.

Изминативе години меѓу најчестите цели на говор на омраза беа политичарките Данела Арсовска и Славјанка Петровска. Арсовска покрај онлајн напади беше и физички нападната при извршување на службени задачи, додека двете со години беа изложени на дезинформации, навреди и закани. Мизогините и сексистички коментари се секојдневие, а честопати се таргетира и возраста, како во случајот со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која редовно е навредувана како „баба Гога“.

Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист од „Метаморфозис“ вели дека поврзаноста меѓу говорот на омраза и дезинформациите е сложена и често меѓусебно условена.

Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист од „Метаморфозис“            Фото: Ванчо Џамбаски

„Во многу случаи, токму дезинформациите претставуваат почетна точка за создавање и ширење омраза кон одредени групи, при што жените во политиката се меѓу најчесто таргетираните во овој контекст. Она што особено загрижува се штетните наративи кои не секогаш можат лесно да се проверат или демантираат. Тие најчесто не се засноваат на една конкретна неточна информација, туку на сугестии, стереотипи, стравови и претпоставки кои постепено влијаат врз перцепциите на јавноста“, вели Ковачевска.

Според нашата соговорничка, жените многу поретко се критикуваат врз основа на професионалната работа, а многу почесто се таргетира нивниот изглед, приватен живот, возраст и родов идентитет. Таа потсетува дека жртви на онлајн напади не се само политичарките, туку и новинарките кои работат на чувствителни теми.

Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет вели дека според истражувања на Хелсиншкиот комитет, политичарките значително почесто се изложени на сексистички, мизогини и дискриминаторски напади отколку нивните машки колеги.

„Наместо јавната дебата да биде насочена кон нивните политички програми и ставови, нападите најчесто се однесуваат на нивниот физички изглед, возраст, семејна состојба, приватен живот или на стереотипни претстави за улогата на жените во општеството“, вели таа.

Кога нападите стануваат лични

Поранешната министерка за одбрана и пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, вели дека говор на омраза пријавила само еднаш, во август 2024 година, кога на профил на социјалната мрежа X, незаконски биле објавени фотографии од неа пред зградата во која живее, пропратени со закани кон нејзиниот живот.

Скриншот од објава на Фејсбук

„Пријавив во Министерството за внатрешни работи, пријавата беше уредно примена, но и по две поминати години нема никаков резултат. Една година подоцна со писмено барање побарав да ме известат до каде е евентуалната истрага, за жал и до ден денес немам никаков одговор. Во јули 2025 година, пред мојот дом лично ми беше упатена закана по животот, и тоа го пријавив во МВР. Но, за жал и од за тој случај немам никакво известување. Овие два конкретни случаи го покажуваат односот на институцијата која треба да не заштити, кој за жал не е онаков каков што се очекува. И ова е поразително, кога две години немате никаков одговор“, вели Петровска.

Кога за прв пат на социјалните мрежи започнале нападите врз неа проследени со ширење дезинформации за нејзината работа како министерка била „запрепастена од ниското ниво на комуникација, од злото и од непристојниот речник кој се користеше“.

Славјанка Петровска | Фото: ФБ профил на Петровска

„Но, ми беше јасно дека најголем дел од тие коментари беа дел од планска и смислена кампања против мене и нивната цел беше да ја поткопаат мојата сигурност и одлучност, но и да ме обесхрабрат. Не бев рамнодушна, но знаејќи ја злобната намера тоа ме мотивираше да продолжам со мојата посветена работа и одговорно да ја извршувам должноста министерка за одбрана, а подоцна и пратеничка. Кога после секој завршен проект ќе го видите резултатот, кога ќе видите задоволни вработени, кога ќе прочитате пораки со позитивна мисла, тогаш секој лош збор што сум го прочитала на социјалните мрежи станува безвреден и тоа допринесе да ја изградам и својата индивидуална отпорност“, дополнува Петровска.

Санела Шкријељ, поранешна заменик министерка за труд и социјална политика и долгогодишна активистка за родова еднаквост вели се соочила со различни форми на навредлив, сексистички и омаловажувачки говор.

Санела Шкријељ, поранешна заменик министерка за труд и социјална политика и долгогодишна активистка за родова еднаквост

„Често тоа не било политичка критика на моите ставови, туку лични дискредитации, родови стереотипи и обиди да се доведе во прашање мојот кредибилитет како жена во јавниот простор. Секако дека таквите напади може да влијаат, затоа што не се насочени само кон вас, туку често и кон семејството, приватноста, чувството на безбедност. Јас лично сум решавала да ги игнорирам затоа што знам дека целта е истиснување на жените од јавниот простор. Но, ниту молчењето ниту игнорирањето е решение. Напротив, кога зборуваме за овие напади, покажуваме дека проблемот не е индивидуален, туку системски. Многу жени поминуваат низ слични искуства, но често не ги пријавуваат затоа што не веруваат дека ќе има институционална реакција,“ вели Шкријељ.

Петровска дополнува дека политичарките кај нас се познати по својата борбеност и природна отпорност и упорност да се изборат за своите права.

„Покрај себе, како позитивен пример ќе ја споменам и колешката Моника Зајкова, која исто како и мене се соочуваше со крајно непристојна негативна, црна кампања, но како што гледаме таа е сѐ уште активна и брои успеси во својата политичка кариера. Или говорот на омраза кој го гледаме кон поранешната министерка за одбрана, а сега заменичка генерален секретар на НАТО Радмила Шекеринска. Погледнете го говорот на омраза кој се шири, а е поттикнат или од личната фрустрација или од партиската насока“, вели Петровска.

Поврзаност на дезинформациите и анти-родовите наративи

Родово базираните дезинформации не се карактеристични само за Македонија, туку се дел од поширок глобален тренд. Тие најчесто се испреплетуваат со анти-родовите и анти-ЛГБТИК+ наративи, а нивното ширење е олеснето преку социјалните мрежи, каде што жените во политиката се меѓу најчестите цели.

„Дезинформациите, говорот на омраза и штетните наративи претставуваат една од најчестите причини за намалување на учеството на жените во политиката. Во глобален контекст политичарките често лажно се претставуваат како трансродови лица или како „не вистински жени“ со цел нивна дискредитација. Во локалниот контекст, пак, најчесто се таргетира нивниот изглед, моралот и личните способности, наместо нивните политички ставови и резултати. Жените дефинитивно се почеста цел од мажите, а во одредени случаи ваквите кампањи ескалираат и во директно или индиректно насилство“, вели Ковачевска.

Слично предупредува и Шкријељ, која смета дека ваквите напади не се случајни, туку претставуваат организирани обиди за обесхрабрување и замолчување на жените што јавно зборуваат, носат одлуки или се залагаат за родова еднаквост и човекови права. Според неа, коренот на проблемот лежи во длабоко вкоренетите родови стереотипи и отпорот кон женската политичка моќ.

„Анти-родовите движења дополнително го продлабочуваат овој проблем, затоа што свесно градат наратив дека родовата еднаквост е закана за семејството, децата, традицијата или националниот идентитет. Во таква атмосфера, жените кои се борат за еднаквост лесно стануваат „непријатели“ во јавниот дискурс. Наместо да се разговара за политики, се создава морална паника и се мобилизира страв,“ вели Шкријељ.

Петковска од Хелсиншкиот комитет вели дека манипулирањето со концептите поврзани со родот е основна стратегија на екстремистичките и десничарските популисти, и оваа реторика несомнено зема многу посилен замав во период на предизборните кампањи.

„Сето ова, но и очекувањата жените да се „потчинат“ на традиционалните улоги што ги наложува патријархатот и да седат дома, особено кога се „осмелуваат“ да се вклучуваат во процесите на донесување одлуки, ги прави поизложени на говор на омраза. Особено се на удар жените кои не се плашат да учествуваат во јавниот живот и да го искористат своето демократско право да учествуваат на избори како кандидати без разлика на нивната возраст, етничка или религиска припадност“, вели правната советничка.

Колку е голем проблемот?

Според извештајот на „Метаморфозис“ за  мониторингот на говорот на омраза во Северна Македонија 2025 речиси секој петти регистриран случај на наративи на омраза е поврзан со родот. Од вкупно 138 евидентирани инциденти на говор на омраза во традиционалните медиуми и на социјалните мрежи, речиси 20 проценти биле насочени врз основа на род. Истовремено, трендот на родово базирани дезинформации во периодот од 2021 до 2024 година според  анализата „Мапирање на родовите дезинформации во Западен Балкан“ укажува на значителен пораст, при што нивната застапеност е двојно поголема во последните две години.

Според долгогодишниот мониторинг на Хелсиншкиот комитет, интензитетот на говорот на омраза е тесно поврзан со актуелниот општествено-политички контекст.

„Во периоди на избори, политички тензии, општествени кризи или јавни дебати поврзани со родовите прашања, се забележува зголемување на говорот на омраза, негативните коментари и дезинформациите, особено на социјалните мрежи. Нашите анализи укажуваат дека жените во политиката се меѓу групите кои најчесто се изложени на сексистички и мизогини напади, особено за време на предизборни кампањи“, вели Петковска.

Според нивниот мониторинг за 2025 година имало вкупно 678 пријави за говор на омраза, од кои 36 се поради пол и род, а 95 поради сексуална ориентација и идентитет. За политичка припадност имало дури 116 пријави.

„За тоа колку жените се обесхрабрени да учествуваат во јавниот живот во државава, и за тоа колку родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт, покажува соодносот помеѓу бројот на жени градоначалнички и мажи градоначалници, соодносот меѓу жени и мажи министри во Владата, а сега и бројот на жени кандидати за претседател во споредба со мажи“, дополнува Петковска.

Медиумите и нивното влијание спречувањето на говорор на омраза и дезинформациите

Покрај институциите и дигиталните платформи, клучна улога во спречувањето на говорот на омраза и родово-базираните дезинформации имаат и медиумите. Начинот на кој известуваат може да придонесе за поквалитетна јавна дебата, но постои опасност и да се нормализира дискриминацијата.

Леунора Калиќи, Совет за етика во медиумите

„Говорот на омраза не започнува секогаш со експлицитна навреда. Понекогаш започнува со сензационалистички наслов, со непотребно потенцирање на полот, изгледот или приватниот живот на политичарката, со селективен избор на фотографии или со некритичко пренесување на дискриминаторски квалификации. Во такви случаи медиумите можеби немаат намера да поттикнат омраза, но придонесуваат кон создавање амбиент во кој таа полесно се прифаќа“, вели Леунора Калиќи од Советот за етика во медиумите.

Сличен став има и Ковачевска од „Метаморфозис“, според која медиумите имаат клучна улога во спречувањето на говорот на омраза, но во пракса честопати несвесно придонесуваат за негово засилување. Таа вели дека сензационалистичките наслови и недоволно контекстуализираното известување можат да поттикнат негативни реакции и да создадат простор за говор на омраза во коментарите. Според неа, редакциите треба поактивно да ги модерираат коментарите и, кога станува збор за чувствителни теми, да размислат и за нивно исклучување.

„Во пракса често се наведува дека нема доволно човечки ресурси или дека одговорноста е на платформите, што покажува дека сè уште нема систематски пристап кон проблемот“, вели Ковачевска.

Калиќи посочува дека новиот Кодекс на новинарите јасно ја поставува границата меѓу професионалното известување и содржините што можат да поттикнат дискриминација. Кодексот обврзува на непристрасно известување, јасно разграничување меѓу факти и мислења и почитување на достоинството на личноста, додека членот 15 нагласува дека известувањето за политички прашања подразбира фер претставување на релевантните факти и ставови, а не само формален баланс.

Според неа, промената започнува во редакциите. Жените во политиката треба да се третираат како носителки на јавни функции, а не како предмет на коментари за нивниот изглед, приватен живот или семејна улога. Наместо тоа, фокусот треба да биде ставен на нивните политики, аргументи, одлуки и јавна отчетност.

„Говорот на омраза не се победува само со бришење коментари. Тој се победува со професионално новинарство, проверени информации, етички стандарди и редакции кои нема да дозволат омразата да стане нормален јазик на јавната комуникација. Нашето искуство покажува дека едукацијата има далеку посилен и подолгорочен ефект од која било санкција“, вели Калиќи.

Таа предупредува дека денес најголемиот простор за ширење на говорот на омраза и дезинформациите се социјалните мрежи, каде алгоритмите ја фаворизираат содржината што предизвикува поларизација, конфликти и силни емоции. Дополнителен предизвик претставува и употребата на вештачката интелигенција за создавање манипулативни фотографии, видеа и други содржини. Затоа, смета таа, покрај регулацијата, неопходни се професионално новинарство, медиумска и дигитална писменост, како и поголема одговорност од дигиталните платформи и институциите.

Слаб институционален одговор

Иако говорот на омраза е казнив со закон, неговото спречување останува сериозен предизвик. Според Кривичниот законик, поттикнувањето омраза и нетрпеливост, како и ширењето расистички материјали, претставуваат кривични дела. Дополнително, државата има законска, регулаторна и саморегулаторна рамка за справување со говорот на омраза и дезинформациите преку Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Советот за етика во медиумите. Сепак, ниту еден од овие механизми сам по себе не е доволен.

Во 2025 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација работела на вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација. Најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (22%), а потоа следат друга основа, политичко уверување (18%), лично својство и општествен статус (17%), образование (11%), пол (10%), род (8%), здравствена состојба (8%), попреченост (5%) и возраст (5%). Жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основите пол, род, образование, возраст, семејна или брачна состојба и друга основа, додека мажите почесто од жените поднеле претставки за заштита од дискриминација врз основите национална или етничка припадност, политичко уверување, лично својство и општествен статус и имотен статус.

Од КСЗД велат дека жените во политиката се изложени на зголемен ризик од говор на омраза и дискриминација, особено на социјалните мрежи и за време на изборните кампањи. Исто така имало примери и кога ваков говор се употребува и од Собраниската говорница, кога има пратенички прашања или дебати на некои чуствителни теми. Од Комисијата посочуваат дека при секој случај се оценува дали станува збор за политичка критика или за говор заснован на заштитени лични карактеристики, како што се полот, родот, возраста или друга основа утврдена со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Кога една жена политичарка е нападната поради тоа што е жена, штетата не се ограничува само на поединката, туку испраќа порака дека жените не треба да учествуваат во политиката или јавниот живот. Во такви случаи постои јавен интерес Комисијата да реагира и без формална претставка“, велат од КСЗД.

Оттаму сметаат дека покрај доследната примена на законите, неопходни се поголема одговорност од институциите, политичките партии и медиумите, како и континуирана едукација за човековите права, медиумската и дигиталната писменост.

Правната советничка Петковска, смета дека е потребен сеопфатен пристап кој истовремено ќе ја заштити слободата на изразување и ќе обезбеди ефикасна заштита од говорот на омраза.

„Како приоритетни мерки може да се издвојат воспоставување поефикасни механизми за пријавување до надлежните институции, побрзо отстранување на содржини што содржат говор на омраза, подобра соработка меѓу институциите и платформите на социјалните мрежи, како и доследна примена на постојната законска рамка“, вели Петковска.

Според неа, неопходно е и континуирано зајакнување на капацитетите на институциите за препознавање и процесирање на родово базираниот говор на омраза, особено во онлајн просторот, како и континуирани кампањи за медиумска и дигитална писменост и јасна јавна осуда на сексистичкиот и мизогиниот говор од страна на политичките партии, институциите и медиумите.

На потребата од поодлучна институционална реакција укажува и Шкријељ, според која механизмите за заштита сè уште не се доволно ефикасни, а онлајн насилството често се третира како помалку сериозно од насилството во физичкиот простор, иако остава реални последици.

„Тоа создава страв, притисок, самоцензура, повлекување од јавниот простор и чувство дека жената е оставена сама да се брани. Не смееме постојано да им кажуваме на жените „биди силна“, додека институциите остануваат слаби. Жените се веќе силни. Системот треба да стане одговорен“, вели Шкријељ.

Таа додава дека институциите треба побрзо и поефикасно да постапуваат по пријавите за говор на омраза и онлајн вознемирување, да воспостават јасни протоколи за заштита и да покажат поголема сензибилизираност за родовата димензија на онлајн насилството.

Од анализираните податоци и собрани сведоштва како и експертски мислења на оваа тема, едно нешто се провлекува и, за жал, станува јасно – сè додека мизогинијата останува дел од политичката комуникација, а одговорноста ја нема, секој напад врз една политичарка испраќа порака и до сите други жени дека всушност се напаѓа и демократското учество и еднаквоста во јавниот простор.

Авторка: Марта Стевковска

Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.

Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.

Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.