Лични дискредитации, омаловажувања и говор на омраза се забележуваат на социјалните мрежи кога жена-советник ќе предложи нешто, ќе дебатира со колегите советници или ако има став кој е јавно изнесен на социјални мрежи, како и исечоци од учества на телевизиски дебати. На ова секојдневно „труење“ на социјалните мрежи не се имуни ниту дел од советничките во Советот на Општина Куманово.
Дел од нив велат дека биле изложени на говор на омраза, манипулативни објави, лични дискредитации и сексистички коментари. Други, пак лично не се соочиле со вакви напади, но препознаваат дека жените во политиката и понатаму се оценуваат по различни критериуми од мажите. Она што ги поврзува овие искуства е прашањето каде завршува конструктивната критика поврзана со нивната работа, а каде започнува родово базираното таргетирање.
Од критика за ставови до коментари за изглед, возраст и „местото на жената“
За дел од советничките нападите не се апстрактна тема, туку лично искуство. Една од нив е советничката Мила Петрушевска од ЗНАМ која вели дека во текот на политичкиот ангажман се соочувала со неточни информации и стереотипи кои не биле насочени кон нејзината работа, особено целејќи ја како млада личност. Манипулативните содржини според неа произлегувале од Фејсбук страници кои се претставуваат како медиуми, кои дозволуваат секакви коментари за носители на јавни функции со цел да го загрозат личниот углед и интегритет на поединецот.

„И покрај тоа што во текот на мојот настап бев објективна, реална и не говорев ниту во еден момент само како партиски претставник, туку и како студент, млада личност и правник, сепак дел од коментарите беа сексистички и со навредлива содржина. Сметам дека коментарите од типот дали знаеш баница да месиш, се крајно несоодветни и навредливи за една млада женска личност која живее во 21 век, а не во време кога владеел патријархатот и кога жените биле „само за дома“ вели Петрушевска.

Слично искуство има и нејзина колешка од СДСМ, Тамара Анастасовска која била мета на навредливи комнетари под лажни профили на социјални мрежи.

– Како жена во политиката сведок сум на тоа, наместо за мојата работа, резултатите и идеите, во јавноста пречесто се дебатира и коментира за мојот изглед, приватниот живот или мојата семејна улога. Реалноста е дека жените на јавни позиции се далеку поизложени на ваков тип лични напади и дискредитации во споредба со колегите мажи. Додека кај мажите во политиката речиси секогаш се оценуваат нивните политички ставови и одлуки, кај жените патот до јавната функција редовно води кон судење за приватниот живот и обиди за јавно понижување, – вели Анастасовска.

Двете иако доаѓаат од различни партиски опции се сложуваат дека таквите коментари не влијаат значително врз нивниот ангажман и ги мотивираат дополнително да работат. Младите советнички се воздржуваат да коментираат, забележувајќи дека често се мета поради генерацискиот јаз.
– Истото се случува и кон мои колешки кои доаѓаат од различни политички партии, а се млади жени кои се советнички или на водечки позиции во рамки на партијата. Но се трудам да ги игнорирам коментарите, бидејќи доаѓаат на социјални мрежи, а многу поретко во неформална комуникација. Го почитувам туѓото мислење, уште повеќе доколку е поразлично од моето, но не поддржувам омаловажување и навредување врз основа на пол, години и изглед, вели Петрушевска.
Кога нападот не е кон ставот, туку кон тоа што жената е видлива
Марина Тунева, професорка по комуникациски науки и експертка за медиумска етика и одговорно медиумско известување, смета дека овие искуства не се изолирани случаи. Таа објаснува дека жените во јавниот живот многу почесто стануваат предмет на комуникација која нема врска со нивната професионална улога, нападите кон нив не се само за ставовите, туку и кон нивното право да бидат видливи, гласни и политички релевантни.

– Додека кај мажите политичари критиката најчесто се врзува за одлуки, политики, резултати или партиски позиции, кај жените дебатата многу брзо се поместува од јавната функција кон приватната и личната сфера. Тоа е посебна форма на политичка дисквалификација, па така наместо да се оспорат нивните ставови, тие се сведуваат на етикети како „нервозна“, „емоционална“, „премногу амбициозна“, „стара за позицијата“, „несоодветна“ или „не ја личи да биде лидер“. На тој начин политичката расправа се извлекува од теренот на аргументите и се турка во просторот на личното понижување, каде што жената не се оспорува само како политички субјект, туку и како личност што се осмелила да заземе јавен простор – вели Тунева.

За неа ова е двоен стандард, укажувајќи дека родово мотивираните напади се механизам за дисциплинирање на женскиот глас во јавниот простор.
Слична оценка има и Александра Милевска од хуманитарната организација „Мајка“, која оценува дека ваквите појави не се само прашање на непристојна комуникација. Таа е јасна дека онлајн нападите, дезинформациите и говорот на омраза насочени кон жени се препознаваат како форми на родово базирано насилство кога предизвикуваат психолошка штета, страв, понижување или ограничување на нивното учество во јавниот живот. Според Милевска, особено е проблематично што нападите често не се насочени кон политичките позиции.

– Жените често не се напаѓаат поради нивните политики, туку поради нивниот изглед, возраст, брачен статус, мајчинство или приватен живот. Кај дел од жените се јавува автоцензура, избегнување јавни настапи и ограничување на учеството во дебати, вели Милевска.


И самите жени учеснички во локалната политика очекуваат критики на нивните политики или одлуки, но најчесто не се поврзани со нивната работа. Таквите напади имаат за цел да го намалат нивниот кредибилитет и да ја пренасочат јавната дебата од нивната работа кон личните карактеристики што создава дополнителен психолошки товар кој мажите многу поретко го искусуваат.
Милевска додава дека последиците можеби не се видливи веднаш, но жените кои се може да пројавуваат анксиозност, хроничен стрес, чувство на несигурност, намалена самодоверба и постојана потреба за самозаштита.
– Кај дел од нив се јавува автоцензура, односно избегнување јавни настапи или ограничување на учеството во јавни дебати од страв од нови напади. На тој начин, штетата не е само индивидуална, туку и општествена, бидејќи се намалува видливоста и учеството на жените во јавниот живот, вели Милевска.
Советничките препознаваат дека проблемот постои
За разлика од нивните колешкии, дел од советничките лично не се соочиле со негативни коментари, но и самите добро препознаваат говор на омраза насочена кон жените во политиката генерално.

Советничката Шпреса Реџепи од ДУИ вели дека досега не се соочила со дезинформации, говор на омраза или организирани напади, но додава дека жените во политиката и јавниот живот почесто се изложени на дискриминација врз основа на полот отколку нивните машки колеги. И советничката од ВЛЕН, Акиме Реџепи, смета дека постојат стереотипи кои влијаат врз жените.
„Жените честопати се сметаат за недоволно решителни или премногу емотивни во моменти на носење тешки одлуки“, велат советничките.
Советничката Христина Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека лично не се соочила со директни дезинформации, но забележува дека јавната дебата често се поместува од резултатите кон личното. Нејзината колешка од ДПСМ, советничката Рената Пандуревиќ, вели дека проблемот не треба да се сведува само на индивидуални искуства.

– Овие стереотипи можат да бидат дестимулациски за младите жени кои сакаат да влезат во локалната политика, додава Пандуревиќ.
Медиумите имаат клучна улога во правењето разлика меѓу политичка критика и родово мотивирана дискредитација
И Марина Тунева и Александра Милевска се согласни дека медиумите имаат клучна улога. Според Тунева, медиумите треба доследно да прават разлика меѓу политичка критика и родово мотивирана дискредитација, да не ги пренесуваат навредите како политичка содржина и да избегнуваат рамки кои го ставаат приватниот живот пред јавната функција.

Според Тунева медиумите треба постават границата меѓу легитимната политичка критика и родово мотивираната дискредитација.
– Не секоја навреда е став, не секој коментар е јавен интерес и не секој напад заслужува медиумски простор, вели таа.
Според неа потребни се редакциски правила, навредите да не се претвораат во наслови, приватниот живот да не се користи како замена за политичка анализа, а жените и мажите носители на јавни функции да добиваат еднаков, фер и достоинствен третман. И Милевска и Тунева сметаат дека институциите мора да реагираат побрзо и појасно и нагласуваат дека се потребни процедури за пријавување.

– Трето, платформите мора да преземат поголема одговорност. Алгоритмите не може да профитираат од омраза, а потоа да се претставуваат како неутрални посредници. Потребни се побрзи реакции на координирано вознемирување, подобра транспарентност за тоа како се шири штетната содржина и посилна заштита од злоупотреби со вештачка интелигенција, вклучително и „дипфејк“ содржини-вели Тунева.
И советничките и невлдините организации медиумските епскперти сметаат дека жените мора да бидат вклучени во создавањето на решенијата и самите да креираат, безбеден јавен простор и политичка средина.
Авторка: Александра Максимовска
Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.
Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.
Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.





