Триесет и едногодишната Ивана и нејзината шестгодишна ќерка кои вчера починаа по пад од шести кат од зграда, биле жртви на семејно насилство, кое повеќепати е пријавувано во надлежните институции, тврдат членовите на семејството и соседите.
Обвинителството и полицијата отворија истрага за случајот, а од Министерството за внатрешни работи изјавија дека сопругот и татко е уапсен и осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Два часа пред смртта на Ивана и нејзината ќерка, таа го пријавила во полиција за насилство. Тој од претходно ѝ бил познат на полицијата и имал пријави за насилен криминал, трговија со дрога и напад врз службено лице.
Ова е уште еден случај кој укажува на институционална нефункционалност да се обезбеди навремена ефикасна системска заштита на жртвите од семејно/партнерско и родово базирано насилство.
Претходно фемицид се случи лани во Велес, откако Илија Стефановски ја уби Росица Коцева иако таа претходно го пријавувала во полиција. За него, исто така Основното јавно обвинителство Велес потврди дека против него биле поведени постапки за закани и насилство, и постоела изречена судска мерка за забрана за приближување до Росица.
Жртви на фемицид беа и Танкица од Кочани, Рамајана од Скопје…
Она што е заеднично за сите фемициди досега е што жртвите секогаш ги пријавувале насилниците, но институциите не гледале потенцијална опасност по живот. Иако загубата на нивните животи можела да биде спречена, сепак нефукционалноста на системот од година в година носи фатални исходи.
Oд Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побараа итна, темелна и независна истрага за трагедијата со Ивана и нејзината ќерка.
„Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции“ велат од Мрежата којашто обединува 24 организации.
И од организацијата Новинари за човечкови права се огласија по случајот. Тие бараат итно воведување на терминот фемицид во Кривичниот закон.
„Бараме јасни протоколи за задолжителна и брза институционална реакција, нулта толеранција за родово базирано насилство. Насилството не е „семејна работа“. Тоа е кривично дело. И мора да се третира како прашање на живот и смрт“ велат од таму.
Организаторите на Осмомартовскиот марш којшто треба да се случи во недела, прашуваат „Уште колку жени ќе снема додека институциите се неми поддржувачи и поттикнувачи на насилство?“.
Тие повикаа на протестен марш оваа недела во 12:00 часот во Жена Парк Борец, за како што велат, „за сите оние кои повеќе немаат глас, за оние кои побарале помош и не ја добиле, за оние кои требаше да бидат спасени, а не беа и за сите оние кои не можат да излезат зошто го ризикуваат својот живот“.
ПИНА лани пишуваше на темата родово базирано и семејно/партнерско насилство.
Од ПИНА објавено на: 20.12.2025
Во лавиринтот на судството – жртвите чекаат, реформите остануваат на хартија
Од ПИНА објавено на: 09.10.2025
Фемицидите во Македонија – последица на институционални пропусти
Од ПИНА објавено на: 09.10.2025
Момировска: Насилството често е скриено, но секогаш остава траги





