Михајло Лахтов е искусен медиумски експерт и комуниколог со долгогодишно искуство во новинарството и медиумските истражувања. Во своите анализи, Лахтов ги истражува современите предизвици со кои се соочува новинарството, особено во ерата на вештачката интелигенција, дигиталната медијатизација и брзиот проток на информации. Во интервју за ПИНА тој говори за влијанието на технологијата врз креативноста и критичкото размислување, опасностите од униформирање на медиумскиот израз, како и потребата од образовна реформа која ќе ги подготви младите да се справуваат со ВИ-содржини и инфодемии.
Деветтиот Медиумски фестивал Скопје е посветен на вештачката интелигенција и медиумите. Дали сметате дека ова е моментот кога новинарството навистина влегува во пресвртна фаза?
Сметам дека светот влезе во пресвртна, пост-хуманистичка фаза, не само новинарството. Иако вештачката интелигенција (ВИ) е концепт кој е познат одамна, дури од 50-тите години во минатиот век, во последните неколку години, таа од научен експеримент прерасна во неизбежна компонента на секој сегмент од живеењето. Користењето на ВИ, не само во професионалните аспекти од животот, туку и во сите секојдневни активности станува сè поинтензивно и веќе е неизбежно, и сè повеќе го обликува начинот на кој размислуваме, комуницираме, носиме одлуки и ја разбираме реалноста околу нас.
Што значи тоа? Тоа значи дека ја користиме ВИ да ни го организира денот, да ни ги пишува мејловите, да ги завршува нашите работни обврски, за нас да ги пишува извештаите, студентските трудови или ученичките задачи, но и да нè лекува и да ни дава дијагнози, да ни кажува како да смениме масло во колата или како да го одзатнеме лавабото во кујната.
И како и сите технолошки процеси, така и развојот на ВИ се поврзува со сонот машините да нè одменат (не заменат) и да ја вршат нашата работа. Нешто што уште во 1964 Маршал Меклуан во неговата книга Разбирање на медиумите: продолжетоците на човекот, го гледа како своевидно продолжување на нашите тела во просторот, продолжување на нашиот нервен систем, и во последната фаза, која можеме да ја следиме денес, „технолошка симулација на свеста, каде што креативниот процес на спознавање ќе биде колективно и корпоративно проширен на целото човештво, слично на тоа како што веќе ги продолживме нашите сетила и нерви преку разни медиуми.“ Тоа значи дека како што очилата се продолжеток, а со тоа и помагало кое ни го подобрува лошиот вид, или тркалата на автомобилот се продолжеток и замена на нашите нозе, па така наместо да одиме со километри, ние седиме во седиште и поминуваме големи далечини, така и ВИ денес е продолжеток односно замена на нашите когнитивни функции и креативност. За жал, секој продолжеток или помагало, колку и да е корисно, во исто време придонесува за закржлавување на органите кои ги одменува. Што повеќе сме во автомобил, толку нашите нозе се повеќе ја губат способноста да се движат, па така и што повеќе ја користиме ВИ во различните аспекти од живеењето, толку повеќе ќе закржлавува нашата способност за пишување, креација, критичко и креативно размислување.
Ако зборуваме за новинарството, колку и да е ВИ важно помагало, несомнено ќе доведе до закржлавување на главните новинарски вештини, како пишувањето, аналитичкото размислување, истражувањето и објективното проценување на информациите.
Со други зборови, кога ВИ ни ги пишува вестите, ни ги моделира мислите, ни го диктира изразот, ние полека ја губиме способноста да раскажуваме вистински, новинарски, автентични приказни.
Каде вештачката интелигенција може реално да му помогне на новинарството – особено во истражувачките стории и анализите? Дали постои опасност ВИ да го замени критичкото размислување и теренската работа на новинарите?
Не може да се исклучи фактот дека вештачката интелигенција донесе значајни придобивки за новинарството. Пред сè, таа презема дел од секојдневните задачи кои одземаат страшно многу време, како собирање информации, пребарување низ огромни бази на податоци или сортирање документи. Благодарение на тоа, новинарите успеваат да завршат некои подготвителни аспекти од сториите за неколку минути, нешто што на пример на новинар од пред 30-40 години би му требало цела вечност. Особено во ситуации со брз развој на настаните, како што се вонредни вести или преноси во живо, ВИ нуди брза анализа и му овозможува на новинарскиот тим да реагира побрзо и да им понуди на луѓето навремени и проверени информации. Покрај тоа, вештачката интелигенција помага и во автоматски преводи и транскрипции, препознавање на трендови, визуелизација на податоци, креирање графикони, инфографици, табели за многу кратко време.
Сепак, сметам дека ВИ за новинарството носи многу опасности и предизвици, кои многу ќе ја променат професијата, но и начинот на кој се информираме и носиме одлуки. И тие опасности се бројни, од губење на работни места, неточни информации кои ги генерира ВИ, манипулации и дипфејк визуелни содржини, пристрасност на алгоритмите итн. Но, она на што јас сакам да ставам акцент во овој момент е униформноста односно губењето на автентичноста на изразот.
Употребата на вештачка интелигенција во новинарството, но и во сите професии чија основа е пишувањето, ќе доведе до униформирање на стилот и начинот на размислување. ВИ, особено најкористените системи како Чет ЏиПиТи или Џемини, имаат свој, специфичен израз, кој веќе се повторува во сите мејлови, извештаи, но и новинарски текстови. Ние веќе не можеме да го издвоиме уникатниот глас на некој автор, и имаме впечаток дека содржината е иста во се што читаме, односно, ни се чини дека сè што читаме звучи како да го пишувал еден ист човек.
Тоа што е многу важно тука, е дека алгоритмите често преферираат доминантни епистемолошки рамки, односно поттикнуваат одредени теории, повторуваат гледишта на одредени авторитети или научници, и со тоа потенцијално го потиснуваат плурализмот на идеи. Ако размислиме малку за ова, ќе сфатиме колку е ова страшно. Без разлика кои се тие идеи и концепти кои ВИ алгоритмот ќе ги промовира и повторува, нашата мрзеливост и потпирањето на ова помагало, ќе придонесе за глобално едноумие. Тоа што денес можеме да го видиме, а е заслуга на ВИ и алгоритмите кои се управувани од ВИ, е глобална трибализација, како и живеење и функционирање во сопствените ехо-комори. Персонализацијата на информациите кои стигнуваат до нас онлајн, направи да сме заглавени во своите информативни меури, да ги гледаме информациите од своето „идеолошко племе“, и понекогаш од спротивното, па и сè повеќе да веруваме дека тоа се единствените два концепта кои се единствено можни. Таквата идеолошка бинарност ја гледаме во новинарството, или сте син или сте црвен, или лев или десен, и ако во некоја работа слепо верува вашето племе, вам за тоа, доказ не ви е потребен.
Дипфејковите стануваат сѐ пореалистични. Дали сме на прагот на ера во која „видеото веќе нема да биде доказ“?
Трибализацијата, односно поделбата на идеолошки племиња, се одлична основа за ширење на манипулации и дезинформации. Исто како што навивачите на еден фудбалски тим нема да веруваат на она што ќе го кажат оние од спротивниот табор, но и нема да бараат потврда за она што доаѓа од нивниот, така и во сите сегменти на живеењето, слепо и некритички се потпираме на она во што нашето племе верува и го пропагира.
При тоа, не смееме да заборавиме дека во последните неколку децении, особено со појавата на интернетот, живееме во еден целосно медијатизиран свет, каде ништо што се случува не може пројде без да е медиумски презентирано и врамено.
Во таква медијатизирана реалност, дезинформациите и лагите кои не се воопшто нова појава, се шират како никогаш порано. Дипфејк видеата се напад на нашето доминантно сетило, сетилото за вид, на кое историски, најмногу сме се потпирале. Често дозволуваме другите сетила да не излажат, но за видот велиме, „ќе верувам, ако видам со свои очи“. И затоа дипфејк видеата се толку опасни, затоа што го предизвикуваат она што е свето – нашиот вид, она што претходно никогаш не било ставено на тест.
Во последните неколку месеци гледам видеа кои навистина, по ниеден параметар не можам да ги класифицирам во реални или дипфејк. И тоа е застрашувачки. Не верувам во брзи решенија, во креирање апликации и дебункирање, затоа што сметам дека секогаш ќе бидеме чекор поназад, но сè уште верувам во образование кое ќе се базира на критичко размислување и аналитички пристап.
Што треба да се промени во образовниот систем за младите да научат критички да се справуваат со ВИ-содржини?
Ова е одговор на претходните неколку прашања. Образованието, и тоа не само во Македонија, мислам глобално, мора сериозно да се реформира. Особено со предизвиците кои новата технологија и ВИ ги наметнаа, не е доволно само да се менуваат образовните содржини, туку образованието ќе мора да добие целосно нова форма. Не негирам дека образованието мора да ги следи современите технолошки трендови, но тоа нема да биде клучно.
Она што ќе биде пресудно за тоа каков ќе биде светот кој ќе го создаваме во наредните години, ќе зависи од тоа дали ќе успееме да создадеме образование во кое главниот фокус ќе биде на критичкото и независно мислење. Она што во стоицизмот се нарекува технологија на собството, односно грижа за себе, но не за сопственото тело, туку за сопствениот ум и душа. Образованието не смее само да создава кадри кои и се потребни на индустријата, послушници на системот, штрафчиња во големата капиталистичка машинерија. Образованието ќе мора да создава луѓе кои ќе се грижат за сопствениот ум и душа, ќе се трудат да го најдат најдобриот модел на живеење, живот кој ќе се потпира на етички принципи, но во кој сите ќе бидат слободни да се изразуваат и креираат.
Таквите индивидуи ќе градат отпор кон манипулациите затоа што од една страна критички ќе ги восприемаат информациите, а од друга ќе немаат толеранција кон лагите кои денес стануваат секојдневна појава. Современите општества својата современост не смее да ја градат само преку технолошкиот напредок, туку и во односот со технологијата. Целосното, неселективно, некритичко препуштање на технологијата, ќе има огромни последици.
Образованието не смее да го запостави читањето, но и пишувањето, кое е основа за развојот на индивидуата уште од антиката. Иако оралната култура доминирала во политичкиот живот уште во Стара Грција, и реториката била мошне значајна, па Платон забележува дека дијалектиката сè повеќе станува преписка, и човек кој држи до себе, мора да биде не само добар оратор, туку и одличен пишувач. Реториката, но пред се вештината на пишување, која е денес под огромна опасност особено од ВИ, мора да се негува и образованието тука има главна улога.
Тука ќе се надоврзам и на новинарството. Новинарство во кое основната задача на новинарот – пишувањето, е заменето од машина или вештачка интелигенција, ја губи секоја функција. Негувањето на оваа вештина преку образованието, особено во новинарските студии и обуки е клучно за опстанок на новинарството.
На крај, мора да кажам дека трендот во последните неколку децении на исфрлање на хуманистичките науки, особено филозофијата, етиката, лингвистиката, применетите уметности од наставните програми, е една од основните причини за создавање на јавност која нема способност критички да ги опсервира секојдневните случувања. Мора да инсистираме на враќање на хуманистиката во образованието, затоа што таа е еден од основните елементи кои недостасуваат во создавањето генерации кои имаа критички однос кон информациите, општеството и светот кој ги опкружува.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





