Казните се зголемуваат, а сообраќајните несреќи не престануваат. Во држава каде што секој ден се зборува за сообраќајни казни, ретко кој зборува за системот што стои зад нив. Без превенција и вистинска контрола, ниту еден закон нема да го направи сообраќајот побезбеден.
Во интервју за ПИНА, сообраќајниот инженер Роберт Рогожаров вели дека причината е едноставна – државата не го контролира сообраќајот, туку само ги казнува возачите. Според него, имаме закони, но никој не ги спроведува, а институциите одамна не ја работат својата работа, со што системот создава услови за грешки и несреќи.
Во јавноста често се зборува дека возачите се најодговорни за хаосот во сообраќајот. Вие, сепак, велите дека вината е системска. Што точно значи тоа?
Кај нас системот создава услови за грешки. Имаме закон, но немаме доследна примена. Имаме институции, но тие одамна не ја извршуваат својата работа. Сообраќајните инспектори, на пример, треба редовно да го контролираат спроведувањето на прописите и сигнализацијата, но тие практично не функционираат. Така се создава средина каде што секој вози како што мисли дека треба, бидејќи нема ред, нема контрола, а нема ни одговорност.
Еден од вашите примери беше автопатот Штип–Миладиновци. Зошто овој случај е толку илустративен?
Тој пат е класичен пример за нефункционален систем. Сè уште има сигнализации кои важеле во периодот кога на патот се работело, иако тој одамна е пуштен во употреба. Возачите доаѓаат во забуна затоа што ознаките не соодветствуваат со реалната состојба. Тоа не е мала работа, тоа создава услови за сообраќајни незгоди.
Кој треба да реагира во вакви случаи?
Сообраќајните инспектори и институциите кои ја следат инфраструктурата. Закони постојат, но никој не ги спроведува. Кај нас секогаш виновен излегува оној што нема моќ. Вистинските виновници, оние што дозволиле вакви пропусти не одговараат.
Во делот на „Safe City“ проектот, дали верувате дека технологијата може да ја подобри ситуацијата?
Искрено, не многу. Такви системи во Европа функционираат бидејќи таму има дисциплина и култура на одговорност. Кај нас, тоа ќе биде само уште еден инструмент за казнување. Ако нема превенција и редовна контрола, камерите нема да решат ништо.
Како гледате на улогата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и на МВР?
Тие треба да бидат двигатели на системот, но реално нивната улога денес е маргинална. Советот одамна не работи со сериозен капацитет, а МВР се сведе само на казнување. Законот не треба само да се спроведува преку казни, туку и преку превенција и контрола.
Сметате ли дека оваа состојба е резултат на транзицијата што ја споменувате?
Апсолутно. Транзицијата создаде хаос не само во сообраќајот, туку и во целото општество. Пред тоа, постоеше систем на ред, не совршен, но функционален. Денес имаме институции што меѓусебно не соработуваат, кадар без одговорност и интереси што го уништуваат јавниот интерес.
Како би изгледало доброто работење на институциите во сообраќајот според вас?
Добро работење значи редовна контрола, одговорност и транспарентност. Институциите треба да соработуваат, а не да си ги префрлаат надлежностите. Возачите не смеат да бидат единствената цел на казнени мерки. Законите треба да имаат стабилност и доследност. Ние секоја втора година менуваме закон, а не ги поправаме пропустите во постојните. Тоа не е развој, тоа е импровизација.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




![[Интервју] Јетон Мазлами: Наставата и учењето се можни и во време на Ковид 19](https://pina.mk/wp-content/uploads/2020/08/Jeton-Mazlami-100x70.jpg)
