Специјалисти „ни за лек“ во болниците во Крива Паланка и Кратово

0
11

Здравството во Североистокот на земјава со хронични проблеми. Жителите на Крива Паланка и Кратово, како и руралните места од околината, се соочени со недостиг на лекари специјалисти – проблем кој ја мачи целата Македонија.

Во помалите градови ова потегнува низа проблеми со себе. Кога за стручен преглед, контрола или консултација треба да се патува подалеку од своето населено место, пациентите се соочуваат со дополнителни трошоци.

Кривопаланчани, од пред неколку години, останаа „лишени“ од здравствените услуги на неколку клучни лекари специјалисти, па така за да се прегледаат мора да издвојат дополнителни финансиски средства за превоз до соседно Куманово и/или Скопје, но и да изгубат ден од работа, со оглед дека патувањето одзема време.

Некои специјалисти се достапни само три пати во месецот

Иако надлежните тврдат дека во текот на месецот во Јавната здравствена установа „Академик Професор Д-р Димитар Арсов“ доаѓаат лекари специјалисти, во пракса, пациентите и нивните матични лекари се жалат дека тешко е да се дојде до термин.

Од болницата во одговор на нашето прашање кои специјалисти им се достапни на пациентите велат дека се ангажирани еден невролог , двајца интернисти и еден рентгенолог и истите доаѓаат до  три пати во месецот. Има вработено доктор интернист, додека за специјалностите дерматовенерологија и офталмологија веќе се испратени доктори на специјализација, но додека да се стекнат со титулата, веројатно ќе се ангажираат здравствени работници од овие специјалности од страна.  За постапката за ангажирање на уролог се чека одобрение од Министерство за здравство. Во болницата има хирург, како и специјалист за физикална и рехабилитациона медицина.

Додека се чека, пациентите се приморани „чарето да го бараат“ во подалечните болници или пак на приватно, но повторно во некој од поблиските градови.

Доктор Сашо Маџовски, отопедски хирург, кој има приватна ординација по општа медицина го потврдува проблемот.

„Во Крива Паланка нема доволен број на лекари специјалисти. Од секојдневната работа на нашата ординација, но и од контактот со колегите и пациентите, реална е потребата да се прошири кадарот од одредени специјалности. Знаеме дека проблемот е системски, на ниво на целата земја, но е и од организациски карактер. Овој проблем е повеќедецениски, од пред три-четири децении. Системот е проблем, сведочиме дека нема доволни општи лекари, а уште помалку специјалисти“, вели д-р Маџовски кој наедно и го поздравува фактот што во кривопаланечката болница изминатите години се вработени млади лекари за кои вели дека и покрај ниските плати сепак се одлучиле тука да ѝ служат на медицината.

Во Крива Паланка најмногу недостигаат интернисти и барем еден психијатар и/или невролог

Кривопаланчанката Анка Ѓ. вели дека своите родители кои се пензионери, еднаш на три месеци, а по потреба и почесто, ги вози во Куманово на интернист и невролог, на приватно.

„Еден интернист е. Ако закажеме термин за едниот во еден ден, за другиот добиваме термин во друг ден, а се чека пред ординација со часови. Морам јас да ги придружувам, па така губам денови од работа, а со оглед дека работам приватно, потоа одработувам часови“, споделува таа и вели дека, иако поскапо, поизводливо ѝ е да заврши на приватно за неколку часа, макар и со дополнителен трошок за превоз.

Доктор Маџовски нагласува дека најмногу потребни се интернисти.

„Тројца сметам дека ќе се доволни за да се покријат сите пациенти. Најмногу потребни се и невролог и/или психијатар, ендокринолог, уролог… Истовремено да се дадат поголеми ингеренции на матичните лекари за да не се одзема време на лекарите специјалисти“, апелира Маџовски алудирајќи дека кај специјалистите кои се дефицитни се прави метеж поради административни процедури.

За лекарите кои се ангажирани да доаѓаат само неколку пати месечно вели дека немаат прецизни известувања за деновите и времето во кое доаѓаат лекарите специјалисти кои се ангажирани од болницата во Крива Паланка за да навремено закажат термин за пациентите кај бараниот специјалист.

„Приказна е дека за два часа некој специјалист ќе обрне доволно внимание на сите пациенти кои имаат потреба од преглед. Тешко е да се направи дијагностика со стари апарати“, констатира тој додавјќи дека не е ниту функционален, нуту практичен овој модел со оглед дека за кратко време не се успеава да се креираат повеќе термини, па така дел од пациентите „извисуваат“ и мора да се праќаат во Куманово или Скопје.

И Кратово „кубури“ со специјалисти

Слична е состојбата и со болницата во Кратово. Оттаму велат дека на пациентите достапни им се супспецијалист кардиолог, радиолог, оториноларинголог, специјалист по физикална и рехабилитациона медицина и специјалист педијатар.

Во здравствениот дом еднаш неделно доаѓаат специјалисти од страна.

„Од специјалистите кои доаѓаат со договор помеѓу нашата установа и Клиниките, одобрени со издаден патен налог од Министерството за здравство се застапени следниве медицински области: Психијатриска амбуланта,  Oртопедска амбуланта и Уролошка амбуланта – сите функционираат еднаш неделно со креирани по 12 термини за преглед“, велат од кратовската болница.  Најавуваат дека наскоро болницата ќе добие офталмолог, а се бара и трансфузиолог.

Потребно е трајно решение

И докторката Александра Георгиева од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) овој проблем со недостигот на специјалисти го оценува како алармантен и повеќедецениски.

„Во рамките на мрежата на јавни здравствени установи, потребата од лекари специјалисти, особено во внатрешноста на земјата, е алармантна. Овој дефицит не е резултат само на миграција, туку пред сè на долгорочен недостиг од стратегија, план и визија за креирање и задржување на медицински кадар од моментот на независноста на државата до денес“, вели таа.

Фото: Александра Георгиева, Здружение на лекари специјализанти (ЗЛС)

Особено во интернистичките медицински гранки, вели д-р Георгиева, на пациентите им е потребна континуирана здравствена заштита.

„Практиката со повремено доаѓање на специјалисти од поголемите центри во помалите градови (како Крива Паланка, Кратово, Кочани и други) претставува само привремено, делумно решение. Таа може да помогне за покривање на итни случаи или контроли, но не овозможува континуирана здравствена грижа, особено во интернистичките гранки каде што пациентите бараат секојдневен третман, дијагностика и следење“, децидна е таа.

Има ли решение?

Според докторката Георгиева од Здружението на лекари специјализанти Македонија не ги губи своите лекари, туку како што вели, ги брка!

„Земјава, за жал, ги брка, преку недоволна поддршка, несоодветни услови и недостиг на визија. Позитивен исчекор во оваа насока е вработувањето на над 600 приватни специјализанти во јавното здравство – чекор за кој Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) се залагаше со години. Ова претставува значаен пример дека кога постои волја и соработка помеѓу институциите и стручните тела, може да се направат конкретни и одржливи реформи“, вели таа.

Предлага трајно решение да се бара во системски пристап:

-распишување на доволен број државни специјализации според реалните потреби на здравствената мрежа;

-реформа на приватните специјализации, со јасни критериуми и ограничување на бројот според државните приоритети;

-десетгодишен план за медицински кадар, кој ќе обезбеди рамномерен распоред на специјалисти во сите региони;

-вработување на сите специјализанти во јавните здравствени установи за стабилен систем и предвидливост.

„Сепак, овој потег мора да биде почеток на една поширока стратегија, а не изолиран случај. Само преку системско планирање, вложување во човечки ресурси и рамномерна распределба на кадарот може да се обезбеди квалитетна, достапна и континуирана здравствена грижа за сите граѓани“, заклучува Георгиева.

И докторот Маџовски со сличен став:

„Ние нема што да измислуваме, има позитивни модели во земјите од Европа од каде може да ги пресликаме добрите практики“, вели тој алармирајќи дека лекарите во Македонија се меѓу најниско платените во регионот што ги демотивира здравствените работници.

Крива Паланка е на дното на градови со можности за здравствена заштита на жителите, покажа и истражување на Центарот за граѓански комуникации за степенот на здравствена заштита на жителите во 30-те здравствени центри во земјата, реализирано во 2024 година.

Според истото, Крива Паланка е на претпоследното место според можностите за здравствена заштита. Иако има служби за претшколски и школски деца и младина, нема лекари, а нема ниту служба за медицина на трудот, а еден лекар и специјалист покриваат многу повеќе жители отколку во другите градови. Има само по една болничка постела на секои илјада жители, се наведува во ова истражување.

Иако, според зборовите на властите, се инвестира во здравството во Крива Паланка, како во човечки ресурси, така и во апаратура, засега сликата од терен пациентите ја опишуваат како „песимистичка“. Чекајќи со децении подобри услови за здравствена заштита, свесни се дека за да си го зачуваат здравјето во секој момент треба да се подготвени за посета на некој „кумановски или скопски доктор“, иако, нагласуваат дека ги ценат добрите лекари во кривопаланечката болница. Сепак, на секој, а најмногу на болен пациент му е неопходна соодветна стручна помош, човечки однос, помалку чекање во болничките ходници и помалку трошоци!

За утеха, проблемот не е само локален и национален, туку се јавува и на глобално ниво!

Светската здравствена организација очекува недостиг од 4,1 милиони здравствени работници во земјите од Европсата Унија до 2030 година, и покрај тоа што има повеќе здравствени работници од кога било досега.

Авторка: Христина Стојановска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за новинарки на ПИНА