Партиите да се обврзат дека ќе го донесат Законот за заштита од дискриминација

0
124

Девет граѓански здруженија ги повикуваат сите политички партии да ја поддржат декларацијата за донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав.

„Целта на декларацијата е политичките партии да се обврзат дека овој Закон ќе го донесат веднаш по формирањето на Собранието на Република Северна Македонија, без дополнителни одолговлекувања и дека потоа, во согласност со законскиот рок, ќе го изберат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Овој Закон го штити уставно гарантираното право на еднаквост на граѓаните, предвидува постапка за заштита од дискриминација, активно преземање на мерки за спречување на дискриминација и промоција на еднаквоста на сите граѓани, а особено на најмаргинализираните групи“, се вели во соопштението на здруженијата.

Тие велат дека битката за донесувањето на квалитетен Закон за спречување и заштита од дискриминација започна пред 10 години, а денес повторно нема законска рамка ниту ефикасни и функционални механизми за заштита од дискриминација.

„Ги повикуваме сите политички партии, без разлика на идеолошката позадина, да ја поддржат оваа декларација и да се обврзат дека ќе се застапуваат за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Само преку донесување на овој Закон и понатаму со негово спроведување, партиите конечно ќе покажат дека се грижат за човековите права и благосостојбата на сите граѓани“, се вели во соопштението.

Партиите кои ќе се одлучат да ја поддржат декларацијата може тоа да го сторат до 8 јули преку контактирање на едно од деветте здруженија. Иницијатори на декларацијата се дМрежата за заштита од дискриминација (МЗД), Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија (МППС), Мрежа 23, Неформална мрежа на ромски организации, Блупринт група за реформи во правосудството, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ) кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија.