Почетна Анализи Учениците чекор напред со технологијата, чекор назад со знаењето

Учениците чекор напред со технологијата, чекор назад со знаењето

0
10
Илустративна фотографија | Фото: Johnny McClung, Unsplash

Сè поголем број на ученици во Македонија читаат, но не разбираат што прочитале, сè потешко ги искажуваат своите мислења и имаат проблем за нив да влезат во дискусија, покажува истражувањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во десет училишта во две скопски општини.

Петар Атанасов од Институтот, за ПИНА вели дека, според резултатите, се претпоставува дека генерацијата од четврто, кога ќе дојде до осмо одделение ќе биде послаба од сегашната генерација осмоодделенци. Во тие години, кои се важни за когнитивниот и афективниот развој на учениците, се губи време и се прави голем јаз, празнина, која тешко потоа ќе се надомести.

Петар Арсов | Фото: Веб страна на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања

„Кога се бараше посуштински одговор, како што е издвојување на две-три важни поттеми од една општа тема изложена на една или две страници,  учениците стануваа несигурни. Но, најголем проблем се појавуваше кога требаше да дадат личен став или мислење за текстот“, вели Атанасов.

Додава дека токму оваа вештина недоволно се развива во образованието.

„Се работи за начинот на размислување кога треба јавно да се искаже сопствениот став. Во основното училиште оваа активност или не се вежба или не се вежба доволно. Учениците мора да се мотивираат повеќе да работат на сопствениот развој“, посочува Атанасов.

Генерациските разлики во однос на знаењето стануваат сè поголеми

Роза Здравковска, одделенски наставник во ОУ “Мустафа Кемал Ататурк” во Гостивар, потврдува дека е чест случај учениците да не ја разбираат содржината што ја читаат, најчесто читаат механички без да се внесат во содржината, внимавајќи повеќе на брзината на читање и точноста.

Мора да го читаат текстот неколку пати, вели, и да им се укаже што се бара од нив за соодветно да одговорат. Додава дека секоја нова генерација е послаба од претходната.

Роза Здравковска, одделенски наставник во ОУ “Мустафа Кемал Ататурк”

„Ваквата појава се должи на многу честата употреба на социјални медиуми каде што децата најчесто пасивно примаат информации како кратки видеа, без да вложат ментален напор за логички да дојдат до одредени заклучоци, додека пак читањето е когнитивен активен процес на обработка на информации“, вели Здравковска.

Укажува на потребата од повеќе интерактивни активности на часот како и  да се ограничи користењето на технологија кај децата за да се подобри читањето со разбирање.

„Потребни се низа активности како работилници, читање текст, потоа илустрирање на делови од текстот, читање по улоги и драматизација, игри кои вклучуваат читање и одговарање за да се премине на следен чекор од играта, прераскажување со свои зборови и најважно од сè поставување јасни граници за користење технологија кај децата“, објаснува Здравковска.

Одговорноста не е само во технологијата, туку и во семејството и системот

Наташа Брезовска-Богоевска, библиотекар во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес и автор на книги за деца смета дека е поразително што учениците читаат без разбирање. Потешкотиите со читањето, додава, произлегуваат од задоцнетиот говор и отсуството на читање приказни, но има и ученици кои читаат течно, со правилен изговор, одлична дикција, но суштината не ја разбираат.

Наташа Брезовска-Богоевска, библиотекар во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес

„Со самиот развој на технологијата генерацискиот јаз се продлабочува. Моите родители, мојата, па и генерациите околу 1990-тите го сакаа мирисот на печатената книга. Денес тоа ретко се гледа, доминираат електронските изданија и книги. Голем дел од младите воопшто не читаат. Често кога бараме виновник за состојбата, го наоѓаме во интернетот, во новото време. Треба да го бараме во нас, општеството, образованието, а најпрво во самиот дом и родителите“, вели Брезовска-Богоевска за ПИНА.

Иако бројот на ученици во библиотеките не е мал, од година во година се намалува и најчесто се изнајмуваат лектири, а мал број слободна литература.

„Прашањето е колку книги изнајмиле во текот на годината, колку прочитале и најважно во колку од нив уживале. Факт е дека од година во година се намалува бројката. Јас не губам надеж, бидејќи има ученици кои навистина читаат. Тие се примери и двигатели на иднината“, додава таа.

Единствен начин да се надмине овој проблем е да се мотивираат учениците да читаат. Сами да пројават желба тоа да го направат, без притисоци.

„Патот е да им се доближи книгата преку работилници во училиштата и библиотеките, почести средби со автори за деца за да се доближат до процесот на создавање книгата. Дискусии за прочитани книги се неопходен елемент во читање со разбирање. Сето тоа треба да започне од најмала возраст од дома и од градинка, а првиот допир е со сликовница“, вели Брезовска-Богоевска за ПИНА.

Само 9% од децата се чувствуваат безбедно во училиште

Според Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, слабите резултати укажуваат и дека треба да се работи на поправање на секој елемент што генерира неквалитет.

„Децата изјавуваа дека најчесто се добро расположени, веруваат дека ќе успеат во животот, потврдуваат дека имаат добри услови за учење дома (се работи за скопски урбани училишта), дека имаат поддршка од родителите кои во голем дел и работат со нив. Но, единственото место каде се чувствуваат најбезбедно е нивниот дом со 64% од одговорите“, вели тој.

Податокот дека само 9% од децата се чувствуваат безбедно во училиште, навистина зборува дека училиштата не се простор каде децата добро се чувствуваат или не прават доволно ова да се создаде или проектира. Одговорноста за ваквите резултати се наоѓа во самото училиште, додава Атанасов.

„Надворешните влијанија од општеството, дигитализацијата, медиумите и темпото на живот имаат огромно влијание врз децата. Особено нивната неконтролирана изложеност на социјалните мрежи и користењето на мобилните телефони. 24 проценти изјавиле дека цел ден го поминуваат на телефон“, посочува тој.

Препорачува на децата во основното образование да им се помогне да градат сопствено мислење и став кон различни проблеми, прашања или предизвици.

„Тие треба да научат да мислат и да разговараат за решенија. На учениците треба да им се овозможи за време на наставата да имаат пристап и да работат со секакви текстови и форми на пишувани материјали. Да читаат различни текстови, поблиски до реалноста за да добијат употребливо знаење. Истражувањето покажа дека децата со одличен ракопис (12%) остваруваат многу подобри резултати. Ракописот е важна варијабла за нивните резултати“, додава Атанасов.

Препорачува да се ограничи употребата на мобилните телефони, затоа што прекумерната употреба директно влијае врз слабите резултати кај учениците.

„Убедливо најслаби резултати даваат категориите гледање слики, видеа и видео игрите. Активностите кои ги прават децата пасивни консументи на намерни содржини и им го одземаат целосното внимание се меѓу факторите кои влијаат врз слабите резултати“, објаснува тој.

Во однос на категориите што влијаат за подобри резултати, Атанасов ги посочува спортот, физичките активности и слушањето музика. Потоа, читањето и директната двонасочна активна комуникација.

„Континуумот на слушање, читање, раскажување, пишување, говорење пред публика, училница, дискусија или дебата на зададена тема и искажување на изграден став и лично мислење е нешто што мора постојано да се вежба како вештина уште од првите години на основното образование“, вели Атанасов.

Додава дека резултатите сигнализираат дека треба повеќе да се вложува во образованието и квантитативно и квалитативно.

Недоследните образовни политики носат слаби резултати

Од Министерството за образование и наука велат дека е во тек е постапка за избор на провајдер за подготовка и спроведување на програма за обука на наставници за унапредување на вештините за читање со разбирање кај учениците во основното образование.

„Преку обуките најпрво ќе се зајакнат вештините на наставниците за правилно подучување и насочување на учениците кон читање со разбирање, а потоа и  учениците ќе почнат да покажуваат подобри резултати во овој дел’’, вели Давор Политов, државен советник во министерството.

Слабите резултати учениците во делот на читање со разбирање на меѓународните тестирања, додава тој, се резултат на недоволната посветеност кон образованието и неконзистентноста на образовните политики во изминатите години.

„Буџетот за образованието значително се зголемува, годинава се одвоени најмногу средства досега и тој изнесува 40 милијарди денари, а политиките и активностите се насочени кон јакнењето на неколку клучни аспекти: нови наставни програми и учебници, подобрување на условите за настава, како и инфраструктурни инвестиции. Во моментов се реализираат 80 инвестиции на Владата и МОН во вредност над 50 милиони евра, како и јакнење на капацитетите и мотивацијата на наставниот кадар преку повисоки плати, кои за помалку од две години се зголемени за над 20%. Овозможено е напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник, зголемен е и обемот на обуки за развој на вештини’’, објаснува Политов.

Авторка: Бојана Спасовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.