Загадувањето на воздухот со години е меѓу најголемите еколошки и здравствени проблеми во Македонија, но прашањето останува – дали мерките што се преземаат навистина го решаваат проблемот или само го ублажуваат. Во интервју за ПИНА.мк проф. д-р Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, анализира каде се најголемите слабости во системот, кои мерки можат да донесат брзи резултати и зошто Македонија мора да премине во фаза на анализи кон вистинска имплементација, ако сака почист воздух и подобра заштита на здравјето на граѓаните.
Мираковски е учесник во голем број мониторинг програми за загадување на амбиентниот воздух, изложеност на прашина, гасови, бучава изработени за државните и локални институции како и за најголемите компании на национално ниво, но и во регионот. Професорот е раководител и на лабораторијата Амбикон при Универзитетот „Гоце Делчев во Штип“, која на целосно не комерцијална основа, обезбедува информации за квалитет на воздухот во дел од градовите кој не беа целосно покриени за државната мониторинг мрежа Штип, Кавадарци, Прилеп и Струмица.
Во рамки на вашата истражувачка дејност дојдовте до податоци дека во зима, најголем загадувач е горењето на дрва, додека во лето прашината од градежништвото. Државата преку Министерство за економија дава субвенции за клими, како и некои од општините, што според состојбата на терен се чини парцијално решение на проблемот со греењето на домаќинставата, кој во поголемата слика не дава најдобри резултати. Оттука кои поопсежни мерки се потребни, за ефектот реално да се почувствува?
– Субвенциите за клими се корисни, но сами по себе се недоволни, посебно ако останат изолирана мерка. За жал, во најголем број случаи овие уреди се користат само како надополнување на постојните системи за греење или пак нивната употреба се сведува на ладење во текот на летната сезона, а системите за греење базирани на нечисти горива остануваат примарни извори на затоплување. Научните студии без исклучок укажуваат дека за нашите урбани средини императив е да се намали употребата на нечисти горива и неефикасни системи за греење во домаќинствата, јавните и комерцијалните објекти, како и дека за тоа да се реализира потребни се таргетирани и детални планови, што нема да останат на хартија туку систематски и реално ќе се спроведуваат. Доколку сакаме видливи резултати неопходни се мерки со кои ќе се обезбеди:
- масовна енергетска ефикасност (фасади, прозорци, кровови) – затоа што најчисто е греењето што не мора да го обезбедиме.
- изградба, ширење и модернизација на централните системи за греење каде што е возможно, посебно во густо населените урбани зони.
- таргетирана замена на најзагадувачките печки/котли, проследена со строги стандарди за квалитет на горивата и контрола на продажбата.
Во Македонија, слично како и другите земји од Западен Балкан, печките/котлите на дрва остануваат доминанти системи за затоплување кај повеќе од 45 % од домаќинствата, а во некои урбани средини овој процент надминува 70 % па дури и 90 %. За споредба, со исклучок на нордиските земји, во Европа овој процент не надминува 10 до 15%, надополнет со фактот, што во најголем дел во европските земји во употреба се сертифицирани „чисти“ и високоефикасни котли/печки, кои во најголем дел се користат само при екстремни временски услови, како надополнување на основните системи за греење.
Секако, за целосно да се исполнат целите поставени со европските директиви и препораките на СЗО, неопходно е таргетирање и на другите извори, пред се преку целосно забрана за палење на стрништата и растителниот и другите видови на отпад, соодветна контрола на индустриските и сообраќајните емисии, строги правила и контрола на емисиите на прашина од градилишта (покривање, наводнување, чистење на тркалата, излезни рампи), како и редовно чистење/миење на улиците. Само сеопфатни и ефикасни планови ќе овозможат целосно надминување на проблемите и здрави и безбедни урбани средини.
Какво е влијанието на индустријата врз загадениот воздух, дали нивните дозволи кои ги имаат може да бидат гаранција дека не загадуваат или загадуваат во рамките на дозволеното? Дали е потребна поголема инспекциска контрола врз истите?
– Ниту една дозвола (како ИСКЗ или сличните дозволи) не е гаранција дека индустријата не емитира загадувачки материи во амбиентот. Тие дозволи се само рамка која дефинира дека емисиите треба да се во одредени граници под дадени услови и дека индустриските објекти имаат имплементирано соодветни мерки за контрола и ограничување на емисиите. Дали во реалноста овие услови се исполнети, може да се потврди само со активен инспекциски надзор и фокус на сите (интерни и екстерни) механизми на контрола.
Лично сметам дека за ова, нам не ни е потребен поголем, туку „попаметен“ инспекциски надзор. Надзор со кои субјектите ќе бидат таргетирани врз основа на предвидените ризици, со повеќе ненадејни контроли, проверка на горивата и работните режими (како на процесните, така и на контролните системи/уреди), вкрстување на податоците и моделите на дисперзија (емисии–метеорологија–концентрации), како и поголема транспарентност кон јавноста од сите чинители.
Дали нашите законски регулативи се усогласени со европските закони, односно дали во нашите закони е предвидено да се мерат сите оние честички што се потенцијална опасност за човековото здравје?
– Во пракса, нашите прописи се формално усогласени, а процесот на усогласување со новата европска директива од 2024 година е во тек, но клучното прашање е дали имаме доволно систематско мерење и хемиска спецификација на честичките за да ги идентификуваме изворите и целосно да се проценат здравствените ризици. За жал, државната мониторинг мрежа иако во голема мера доволно екстензивна и соодветно опремена, само во ограничен обем ги вклучува параметрите релевантни за целосна процена на здравствените ризици и идентификација на изворите. Мерењата кои покрај масата на честичките вклучуваат и нивна хемиска анализа се спорадични и дел од научни или проектни активности, наместо регуларни и планирани активности.
За ефикасни политики и мерки, неопходни се периодични хемиски анализи кои ќе овозможат идентификација на изворите и процена на ефикасноста, односно модификација на мерките, поради што верувам дека напорите на Министерството за животна средина ќе бидат насочени во тој правец.
Кој сектор треба прв да биде таргетиран со конкретни и мерливи мерки- индустријата, домаќинствата или пак транспортот?
– Иако постојат варијации помеѓу различните урбани средини во нашата држава, доколку сакаме брзи и видливи резултати, јасно е дека мерките треба да бидат насочени кон намалување на употребата на дрвото/биомасата и другите нечисти горива во неконтролираните и неефикасни печки/котли за греење. Но мерките не може и не треба да бидат „или-или“, туку паралелно применети.
Впрочем во најголем дел тие ќе бидат ефикасни и економски оправдани само доколку се применуваат паралелно. На пример замената на системите за греење треба да биде проследена со мерки за зголемување на енергетската ефикасност. Мерките за контрола на сообраќајните емисии преку подобрување на структурата на возила, мора да бидат проследена со мерки со мерки за контрола на ре-суспензија на прашина од коловозите. Мерките за контрола на фугитивните емисии од градежништво, подобра контрола на индустриските емисии или подобро управување со сите текови на отпад, се независни и нивната имплементација може и мора да почне без одлагање и со кратки рокови на имплементација.
Каква е ситуацијата со локалните власти имаат ли капацитет и политичка волја да се справат со изворите на загадување во своите општитни?
– Локалните власти се клучен елемент, затоа што многу од изворите се локални: градилишта, чистење улици, контрола на согорување на отпад, стрништа, локален транспорт и мали индустриски погони. Со оглед на интензитетот на проблемите со кои се соочуваме, верувам дека политичката волја е без исклучок присутна, но капацитетите се различни во различни градови, иако во голема мера, барем гледано однадвор може да се оценат како недоволни. Издвојување на соодветни буџетски ресурси, обучени инспекциски тимови и целосна имплементација на активностите дефинирани во плановите, се нешто што веројатно може да се обезбеди, иако верувам дека најважно е проблемите со аерозагадувањето да се третираат не како чисто еколошка, туку здравствена и економска тема.
Улогата на еколошките здруженија е од ислучително значење во борбата за почиста животна средина, како го оценувате нивното влијание врз властите како на локално така и на државно ниво?
– Еколошкиот активизам е неопходен мотор за општествените промени и за одржување на јавниот притисок. Сепак, сметам дека е време како општество да созрееме и да преминеме од фаза на подигање на јавната свест, во фаза на стручна анализа и решенија базирани на докази. Во овој процес, емоциите се поттик, но доколку сакаме да видиме резултати, научните информации се основа за насочување на мерките.
Не смееме да дозволиме дефокусирање на јавноста со дубиозни дискусии или полу-информации кои служат само за одржување на нечија релевантност. Нашата заедничка одговорност, и на науката и на здруженијата е одговорно соопштување на информациите и поврзаните ризици. Наместо темата да се користи за политичка агенда, мораме да инсистираме на „демократизација“ на квалитетни податоци. Само преку факти, прецизни мерења и издржани мерки ќе спречиме чистиот воздух да стане терен за политички поени и ќе овозможиме вистинска заштита на здравјето на граѓаните.
Каква улога имаат граѓаните и дали индивидуалните навики можат значително на влијаат?
– Улогата на поединецот е клучна, бидејќи нашите индивидуални избори директно ја одредуваат нашата лична изложеност на загадувачи. Истражувањата покажуваат дека со несоодветен избор на начинот на загревање, не ја загрозуваме само околината, туку примарно сопственото здравје и здравјето на најблиските. Податоците се алармантни, бидејќи домаќинствата кои користат стари и неефикасни печки на дрва често имаат неколкукратно повисоки концентрации на штетни честички (PM2.5) во внатрешниот простор, отколку во самиот надворешен амбиент. Дополнително, оние кои практикуваат палење отпад или градинарски остатоци се првите и најдиректно изложени на екстремно токсични соединенија кои се ослободуваат при нецелосното согорување на овие материјали.
Затоа, промената на навиките, од изборот на начинот на греење, преку редовното одржување на возилата, па сè до воспоставување на граѓански притисок за системски мерки, не е само прашање на еколошка свест, туку на основна здравствена култура и лична заштита. Институционалниот капацитет мора да биде поддржан од индивидуална одговорност за да имаме мерливи резултат во намалувањето на штетните емисии.
Ваша лична оценка, дали постои политичка волја за овој проблем да биде решен, бидејќи очигледно дека само се зборува, а многу малку се дејствува?
– Како што кажав и погоре, имајќи ги во предвид обемот на проблемите со кои се соочуваме, верувам дека политичката волја е присутна. Но, за вистински резултати, неопходни ни се јасно дефинирани цели, соодветен буџет, прецизни рокови, хиерархија на одговорност и транспарентност. Без овие елементи, мерките остануваат на ниво на декларативни препораки, без реално влијание. Секоја мерка која нема соодветни ресурси и дефиниран рок за реализација, има многу мала веројатност за успех.
За жал, ние како општество, многу долг период сме во фаза на дијагностицирање на проблемите, наместо на нивно решавање. Затоа сметам дека е крајно време да преминеме во фаза на оперативна имплементација, каде успехот ќе се мери со намален број на денови на надминувања и пониски просечни концентрации, а не со број на донесени стратегии.
Автор: Ивана Крстеска Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




![[Интервју] Гетова: Eколошките проблеми се политички, економски и социјални проблеми](https://pina.mk/wp-content/uploads/2020/09/67C883B4-1BC8-4132-B7AC-E2779F66F653-100x70.jpeg)
