
Непријавувањето или ненавременото пријавување на имотната состојба од страна на дел од државните функционери и понатаму претставува сериозен предизвик за транспарентноста и отчетноста на институциите во Македонија. И покрај јасната законска обврска, значителен број избрани и именувани лица не ги доставуваат потребните податоци до надлежните органи во предвидениот рок.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, функционерите се должни да ја пријават својата имотна состојба, како и имотот на членовите на нивното семејство, со цел да се спречи незаконско збогатување и злоупотреба на функцијата.
Сепак, праксата покажува дека дел од нив ја игнорираат оваа обврска или доставуваат нецелосни податоци. Иако ваквото постапување ја загрозува транспарентноста, отвора сомнежи за корупција и го оневозможува институционалниот надзор над евентуално незаконско збогатување, прекршокот се санкционира со парична глоба која е симболична во однос на приходите и моќта на носителите на јавни функции.

Државната комисија за спречување на корупцијата во декември соопшти дека 35 лица, по завршувањето на функцијата градоначалник, не доставиле изјави за имотната состојба, а 19 лица по изборот за градоначалник не доставиле изјави за имотната состојба, и најави дека за истите ќе започне постапка во согласност со законот.
Од Антикорупциска за ПИНА.мк велат дека, согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси неподнесување на изјавата за имотна состојба и интереси од избраните и именуваните лица по избор/именување/престанок на функцијата согласно со член 82 од законот, претставува прекршок казнив по член 109 од истиот закон за кој е предвидена прекршочна санкција во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност.
„Државната комисија за спречување на корупцијата по констатирање на прекршокот издава прекршочен платен налог. Доколку лицето на кое му е издаден прекршочниот платен налог не постапи по истиот во законски предвидениот рок, ДКСК поведува прекршочна постапка пред прекршочната комисија во ДКСК“, велат од Антикорупциска.
Од таму додаваат дека, по донесување на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси и надлежноста прекршочните санкции за прекршоците утврдени со законот да ги изрекува Прекршочна комисија во ДКСК е зголемена свеста за обврската за пријавување на имотната состојба и интереси.
„Од страна на Министерот за правда беше формирана работна група за изготвување на измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со цел подобрување на законот во насока на намалување на детектираните слабости во неговата примена и вградување на препораките на ГРЕКО за зајакнување на системот на санкции. Од страна на работната група изготвен е текст на измените и дополнувањата на законот и истиот е во владина процедура“, потенцираат од ДКСК.
Од друга страна од Транспаренси Интернејшнл Македонија оценуваат дека, непријавувањето на имотната состојба од страна на градоначалници и други функционери отвора сериозен простор и дава индикацци за судир на интереси и прикривање на можни случаи на незаконско збогатување, односно остава простор за сомнеж дека градоначалниците сакаат нешто да прикријат во делот на својата имотна состојба. Од таму велат дека недостига ефективен механизам за контрола и санкционирање.
„Нема конкретен и ефективен механизам освен законската основа која ја определува ДКСК како контролен орган за имотната состојба на функционерите. Од мерките предлагаме зајакнување на висината на санкциите како и воведување на алтернативни забрани за вршење на јавни функции во одреден период доколку навремено не се поднесат изјавите на имотна состојба“, потенцираат од ТИ Македонија.
Од таму додаваат дека, во моментов податоците кои што се содржани на сајтот на ДКСК не ги содржат сите потребни информации предвидени со законот, и препорачуваат тие да се ажурираат.
„На пример, кај некои функционери фалат информации за начинот на стекнување на имотот, фалат информации за тоа во кои банки се наоѓаат трансакциските сметки и долговите на функционерите и сл. ДКСК мора да изврши ажурирање на овие податоци со цел изјавите да бидат воедначени и во согласност со законот“ се вели во одговорот на Транспаренси Интернејшнл за ПИНА.
Инаку, од ДКСК најавија дека во текот на оваа година, шеесет функционери, десет судии, десет јавни обвинители, десет пратеници, десет министри, десет градоначалници и десет лица чии позиции како градоначалници им престанале во 2025 година ќе бидат опфатени во Годишниот план за мониторинг на имотната состојба и судирот на интереси на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2026 година.
Актуелен случај со непријавување на анкетен лист е градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој доби казна за непочитување на законската обврска.
На последната Седница на Град Скопје, изјави дека казната е платена и дека анкетниот лист ќе биде пополнет.
„Тоа е моја грешка. Човек сум јас како и сите други. Поради обврските во Градот не сум стигнал. Треба секој којшто има одговорност да си постапи согласно она што е негова одговорност и да си ги сноси последиците доколку направи грешка“ рече Ѓорѓиевски одговарајќи на советничко прашање.
Автор: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




