Вработените во градинките и родителите на атипичните деца заедно сами наоѓаат начин како да ги подобрат нештата

0
9
Фото: Pixabay

И покрај напредокот во политиките за инклузија, децата со попреченост и понатаму се маргинализирани во предучилишното образование. Тие ретко се опфатени со квалитетни воспитно-образовни програми, а нивното присуство во градинките често се сведува на згрижување, без системска поддршка за рана стимулација и индивидуален развој, како и без соодветен кадар за грижа.

Секое дете, без разлика на неговите способности, заслужува топлина, разбирање и поддршка уште од најраната возраст. Детската насмевка, љубопитноста и желбата за игра и учење се универзални – но, за жал, не сите деца имаат еднаква можност да ги искусат радостите на детството во прифатлива и поттикнувачка средина. И покрај напредокот во политиките за инклузија, децата со попреченост и понатаму се маргинализирани во предучилишното образование. Тие ретко се опфатени со квалитетни воспитно-образовни програми, а нивното присуство во градинките често се сведува на згрижување, без системска поддршка за рана стимулација и индивидуален развој, без соодветен кадар за грижа. Недостигот на функционален механизам за рано идентификување и следење на овие деца дополнително го отежнува нивното вклучување. Освен просторни и кадровски недостатоци, проблем претставуваат и ниското ниво на свесност, постоечките стереотипи, како и слабата соработка со родителите. Во повеќето случаи, воспитувачите не се чувствуваат доволно подготвени за работа со деца со попреченост, што резултира со отсуство на индивидуален пристап. Ваквата состојба го ограничува правото на еднакво образование за сите деца уште од најраната возраст и го загрозува нивниот понатамошен развој. Одговорни за овој проблем и третман кон атипичните деца е самиот систем поставен или запоставен од државата!

Често родителите наидуваат на низа опструкции од системот

Ирена Николовска Ристановска е родител на дете со аутизам и психолог кој работи со деца со попречености во Битола. Лука сега има 13 години. Ирена се присети на годините кога ја водела битката да се запишат во градинка, непријатното искуство го чувствува и сега. А вели дека запишувањето во градинка пред десетина години било уште поневозможно од сега. Често родителите наидуваат на низа опструкции од системот, а во нејзината ситуација тогаш главна причина биле вакцините кои морале некои да ги пролонгираат поради здравствена состојба.

„Беше запишан и прекрасно прифатен во приватна градинка“, подвлече таа.

Разговаравме и со други родители, кои ни споделија дека првично запишувањето во градинка им било тешко, дека долго време се обидувале да добијат место, разни изговори добивале, но сега веќе конечно нивното дете е примено во градинка, и не сакаат да се навраќаат на лошото искуство. Сега најважно им е што детето е меѓу своите врсници, па и покрај тоа што не работи соодветен кадар со него, по соодветна програма, се надеваат дека ќе има прогрес од самиот факт што е во средина со други деца и секако со воспитувачки.

Ирена со години работи во Рилука – здружение на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни.. Но исто така и во ОУРЦ „Кочо Рацин“ каде настава посетуваат ученици со посебни образовни потреби. Таму е стручен соработник психолог кој работи првенствено психолошка поддршка на семејствата. И од нејзиното веќе наталожено искуство ни сподели дека мнозинството предагози свесно или не ја избегнуваат одговорноста да работат со деца со атипичен развој.

„Често со изјави „не се едуциравме на факултет за атипичноста или нема кој да ни обезбеди ресурси за обука итн, што делумно е и така. Велам делумно затоа што кога сакаме да изградиме вештини за работа со овие дечиња самоиницијативно би се побарало од менаџментот да обезбеди стручен кадар кој етапно ќе ги едуцира вработените и ќе ги оспособи со компетенции и вештини за индивидуална и групна работа со децата. Со тоа не само што родителите ќе имаат можност да допринесат во својот преоптеретен буџет, туку уште повеќе: ќе се стави од старт темелот на социјализацијата како најважна компонента кај овие дечиња од најмала возраст. Тука МОН би требало да ги вклучи ресурсните центри како и центрите за поддршка од една страна и од друга страна МТСП кои се надлежни за градинките, па така стручните лица ќе можат за краток временски период да ги обучат негователите и воспитувачите во градинките“ вели Ирена.

Како што ни посочува таа работата со атипичноста покрај професионалност, општи и специфични компетенции бара и континуирана работа на себе во делот на: градење на емпатија, трпение, смирен пристап, намалување на стереотипи и отпорите кај поединците кои работат или ќе работат со овие деца понатаму и лица.

„Ние родителите на нашите поразлични деца со самото нивно доаѓање на овој свет не добивме никакви упатства. Не секој родител има можност да посети обука – но животот е најмоќниот обучувач. Ние немаме избор за избор. Ние кога и за момент сме целосно исцрпени и едноставно не умееме, не знаеме, се што ни помага е потсетувањето: Доволно е да ги прегрнеме и следиме… Да бидеме пример дека кога се сака сѐ се може“ вели Ирена.

Законот за инклузија не е инклузивен но се обидува да биде

Фото: Ирена Лозана

Ирена Лозана е мајка на Кан, момче во аутистичен спектар и атипичен развој. Таа исто така е мајка која со себе носи инспиративна приказна, која е гласна, силна за правата на лицата со попреченост. Со осознавањето на светогледот на Кан животот ја носи во нова насока, го напушта работното место и решава да се занимава со работа со деца со попреченост. Истовремено е јога и зумба инструкторка за деца со попреченост.

Според нејзините согледувања таа ни потврдува дека моменталната вклученост на децата со попреченост е многу мала и многу често неадекватна.

„Законот за инклузија ги опфаќа образовните институции, и тоа до оваа година беше само за основното образование. Законот за средните стоеше како предлог во фиока многу години и мислам дека оваа година има некакви поместувања. Со оглед на тоа што градинката не е образовна институција законот не важи за неа. Малата бројка на деца со попреченост кои се присутни во градинките, според мене се должи и на неподготвеноста на системот за кој Министерството треба да се погрижи, но и на неподготвеноста на родителите кои повторно се дел од систем кој не им дава никаква поддршка за да можат да се справат со него. Според одредби во законот кој не е инклузивен но се обидува да биде, ниедна градинка по никаков основ не смее да одбие ниедно дете со каква било попреченост. Градинката има за обврска да се адаптира и да создаде услови за работа со секое дете. Но состојбата е далеку од напишаното на хартија. Од моето лично искуство со моето дете, уште многу време пред да зборуваме за инклузија, знам дека градинката не се справуваше успешно со моето дете. Денес, поради она што го работам и она што сум го работела, многу често имам прашања и случаи на родители кои ми приоѓаат со барање за совет и насоки како да се справат со градинката, законот, воспитувачите, негувателките и стручната служба“ истакнува Ирена.

За жал, многу градинки се обидуваат да прават селекција, но бидејќи не смеат гласно да го кажат тоа најчесто го гледам како пример е дека се врши притисок на родителот или да не го запишува детето, или пак се ставаат во позиција да мора да го отпишат после кратко време, дополнува таа.

„Но, од друга страна, градинките и вработените во градинките се борат со состојбата со децата со попреченост. Од моето речиси 2 годишно искуство во директно работење со вработените во градинките низ цела Македонија токму на тема, ран детски развој и како да се постигне поинклузивно работење во градинките морам да признаам дека и вработените се ставени во оган заедно со родителите сами да наоѓаат начини како да ги подобрат нештата. Во мојата работа со вработените во градинките имав можност одблизу да ги видам вистинските состојби, нивото на квалитет на кадарот и неговата организација. Партизацијата, летаргичноста, системското неадекватно управување со одредени ресурси може да се најдат речиси во секој град и скоро во секоја градинка. Но, од друга стана видов прекрасни воспитувачки кои со целото свое битие се обидуваат секојдневно да бидат присутни и вистински да се обидуваат да создадат идни свесни граѓани на светот. Знам дека воспитувачките и стручниот тим имаат чести обуки во различни аспекти, голем дел од воспитувачките се сензибилизирани за инклузија и како (на хартија) треба да се справуваат со децата со поинакви потреби но сметам дека треба уште работа и менување на свеста на целиот колектив во градинките и секако менување на свеста на сите во МТСП, за да може да се подобрува сликата во градинките и бројот и квалитетот на деца со поинакви потреби во градинките. И секако целта не е само тие да бидат запишани и физички присутни туку да ја добиваат и услугата и целосниот бенефит од престојот во градинката за развивање на детето во сите свои аспекти“ ни споделува Ирена.

Министерството нема капацитет да се справи со ситуацијата

Одговорноста за овој проблем секако најмногу треба да ја понесе системот, во случајов МТСП како министерство на овие институции, но и воедно одговорноста за комплетно непостоечката структура за поддршка на родителите, посебно на оние со деца со попреченост. Мислам дека тоа е најголемата и најкатастрофалната грешка на овој систем и на ова министерство, дополнува Ирена.

„Министерството не може да очекува дека родителот, кој е носител на целата тежина на целиот систем, може сам да се справи со сите аспекти во живеењето и дека поддршката на родителите е нешто со кое треба да се занимава само невладиниот сектор, или во превод нема да им дадеме поддршка ниту пак помош. Инклузијата во основа, посебно кога се работи за деца со попреченост се темели на триаголникот дете, родител, воспитувач… Во нашата држава, воспитувачот добива некаква поддршка, детето преку воспитувачот добива некаква поддршка, а родителот не добива никаква… Сега, само замислете си троножно столче кое има една ногарка цела, една до половина, а третата воопшто ја нема. Тоа ја дава и сликата за процентот на деца со попреченост кои не се во градинка и зошто бројката е катастрофална. Затоа родителите ќе се откажуваат од работа и ќе седат дома со своите деца, и затоа, училиштата ќе бидат преполни со деца кои според новиот закон за инклузија се во групата на деца со „посебни потреби“ категорична е Лозана.

Според неа, Министерството нема капацитет да се справи со ситуацијата и смета дека прилично неуспешно се справува со лицата со попреченост и семејствата со деца со попреченост.

„Тажно е што после години зборување и барање од многу организации, ние кубуриме со најпрвата и најосновната алатка која е потребна за да можеме за да можеме да тргнеме нанапред. Министерството нема направено регистар на лица со попреченост. Тргнувајќи оттука… кога не знаеме колку лица и деца имаат посебни потреби како може да планираме што било во општеството? Ниту можеме да планираме колку и каков образовен кадар ќе ни треба за да можат да се вклучат во системот за да се опслужат овие лица, нити може да планираме дневни центри за сите возрасти, ниту може да планираме како да дадеме поддршка на родителите, а па камо ли да планираме како да го подобриме квалитетот на живеење на овие семејства и на овие деца. Министерството се врти во круг и поради недобро структурно справување со состојбата со лицата со попреченост, сè што ќе се обидат да направат е само парцијално, многу често неуспешно, неорганизирано, стихијно и не дава резултати, туку напротив, создава само чувство на неуспех и намалување на волјата и надежта сите инволвирани дека нештата ќе се подобрат“ подвлекува Лозана.

Многу мајки се принудени да дадат отказ од работа за да се грижат за своите деца и тоа е форма на дискриминација.

„И покрај тоа што законот предвидува еден родител да може да биде на скратено работно време, одредбите на овој закон повторно прават дискриминација во условите за оваа услуга и ги ограничуваат родителите да одберат да не работат на половина работно време, бидејќи се ограничени во приходот кој може да го земат доколку ја користат оваа „услуга” од државата. Исто така бројката на самохрани родители со деца со попреченост која е огромна и дополнително скоро над 80 отсто се самохрани мајки, ги става во позиција да мораат секојдневно да се борат со системот и со егзистенцијата“ вели Лозана.

Во низата потребни итни решенија таа дополнува дека е потребно бројот на вработени во стручната служба да се зголеми, прво да има во секоја градинка оформена целосна и функционална стручна служба, а од друга страна обуките кои се даваат во градинките да ги опфаќаат подеднакво и воспитувачките и негувателките.

„Во раниот детски развој поделбата која е направена дека воспитувачката ги воспитува а негувателката само се грижи за основните потреби на детето треба да се избрише и да се создаде нов систем во кој нема никој да биде погоре или подоле во животот на едно дете како што е случајот сега. За секое дете секој присутен во неговиот живот има подеднакви шанси да создаде нови знаења и вредности кои ќе го обликуваат светот на тоа дете.. Нема поважен и поневажен. Имам чувство дека вработените во градинките, како и во министерство мислат дека е поставен некаков систем, па не мора да ги ангажираат свесноста, самосвеста и целосната присутност со секое дете. Сега зборувам за градинките, но тоа е праксата и во училиштата, како и во многу други аспекти во нашето живеење. Државата треба прво да направи повеќе градинки и да вработи повеќе кадар… бидејќи пренатрупаноста на групите во речиси сите градинки е еден од најгорливите проблеми што придонесува за зголемување стресот и на вработените, децата, како и родителите. Потребно е да се подигне нивото и начинот на едукација на целиот кадар кој работи во градинките, а погледот на секое дете и целиот нивни развој да се направи на холистички начин, со грижа на секое ниво од животот на тоа дете, без разлика дали е со или без посебни потреби. Она што ни недостасува во градинките е она што недостасува како и речиси секаде, е инклузивна свест, свесноста на секој поединец да го даде најдоброто од себе не затоа што е пропишано во работните задачи или обврски туку затоа што може да го направи тоа и истото да го направи со радост. Кога сите би го смениле само овој аспект на размислување, дури и децата со посебни потреби ќе бидат инклудирани без никаков проблем“ вели Лозана.

Недостатокот на јасна инклузивна стратегија во градинките

Децата со атипичен развој т.е деца кои покажуваат отстапувања во физичкиот, когнитивниот, емоционалниот или социјалниот развој се вклучени во нашата градинка, бидејќи инклузивното образование подразбира обезбедување еднакви можности за сите деца, без разлика на нивните индивидуални разлики или развојни потреби, ни изјави директорката на градинката „Орце Николов“, Надица Гировска.

„Нивната вклученост во предучилишното образование значи не само физичко присуство во групите, туку и активно учество, прифаќање од страна на врсниците и индивидуализиран пристап во воспитно-образовниот процес. Но секако ова не исправа пред многу предизвици со кои се соочуваат воспитувачите во групите, пред сѐ големиот број деца во групите оневозможува индивидуален пристап и соодветно внимание кон децата со атипичен развој. Исто така воспитувачите немаат доволно едукација и практична обука за работа со деца со различни видови развојни тешкотии“ изјави Гировска.

Како проблем со кој се соочуваат е и недостатокот на јасна инклузивна стратегија и недоволен број на стручни лица – дефектолози.

Како проблем со кој се соочуваме е и отпорот од страна на родителите за прифаќањето дека неговото дете е со отстапка во развојот. Вистина е дека многу малку деца се со процена од стручни лица. Има повеќе деца кај кои се приметува дека имаат потешкотии во развојот, дека не напредуваат со ист интензитет како нивните врсници, но тие се без процена од стручни лица. Најчесто родителите затоа што децата во овој период сѐ уште навистина мали не знаат со сигурност дали децата заостануваат, дали се со отстапка во развојот и слично. Исто така понекогаш постои отпор и од родителите на другите деца, кои имаат предрасуди кон инклузивноста и страв дека нивното дете ќе биде „оштетено“ поради присуството на дете со попреченост. Секако дека за да се надминат овие проблеми мора да се пристапи кон континуирана едукација и обука на воспитувачите, обезбедување на асистенти кои ќе помагаат во работата со децата со атипичен развој (како во училиштата), поголема соработка со стручни лица и слично“ ни објаснува директорката Надица Гировска.

Во нејзината градинка има речиси во секоја група по едно дете со атипичен развој, а бројката е зголемена последниве години затоа што се повеќе родители доаѓаат со препорака дека децата треба да се социјализираат. Со децата работи само еден логопед кој секако не може се да постигне, затоа што има многу деца со логопедски проблем.

И кај родителите постојат предрасуди

Упативме и прашања до Народен првобранител, за дали имаат претставки од родители за вклученоста на атипичните деца во градинките, од каде ни споделија дека немаат, и покрај тоа што ги охрабруваат родителите да пријават повреди на правата на нивните деца. Но тие во 2018 година направиле детален извештај, токму на оваа тема. Општа констатација која произлегува од спроведеното истражување е дека предучилишното образование не ги нуди потребните услови и можности за прием и оптимален развој на секое дете.

Во отсуство на механизам за системско идентификување, евидентирање и следење на децата со попреченост од најрана возраст, во голема мера се намалуваат можностите за рана стимулација, што го отежнува престојот на децата со попреченост во градинките, кој се сведува најчесто на згрижување, но не и на воспитна компонента и ран стимулативен развој. Нема поволна и стимулативна средина за вклучување на децата со попреченост во детските градинки, и сѐ уште се присутни стереотипни сфаќања и предрасуди во однос на нивната инклузија меѓу другите деца. Недостатокот од рана интервенција, како значајна компонента од ланецот услуги кои се потребни за децата со попреченост, влијае на доцната процена и идентификување на попреченоста, на што се надоврзува и недоследната примена на законската обврска за доставување оцена и процена при уписот на децата со попреченост во градинка. Податоците собрани на терен упатуваат на тоа дека матичните здравствени работници, кои ги пополнуваат апликациите за упис со нивна белешка, поднесуваат документација која не ја отсликува реалната состојба на децата. Од аспект на кадарот, се констатира недостаток на кадар, отсуство на стручна служба или некомплетна стручна служба , и потреба од проширување на знаењата и вештините на кадарот во однос на сфаќањето на концептот на попреченост и работата со деца со попреченост. Родителите на децата со попреченост не се доволно информирани да ја препознаат и соодветно да реагираат на попреченоста на своето дете. И кај нив постојат предрасуди, но и страв од колективната одбивност на нивните деца. Не постојат служби и услуги кои ги насочуваат и поддржуваат родителите во целиот процес. Резултатот е пропуштање на оптималниот период за развој на функции и способности, пишува во извештајот за вклученоста на децата со попреченост во предучилишното образование.

Во јавните установи има вработени 153 стручни работници

Од Министерство за социјална политика, демографија и млади исто така добивме одговори по ова прашање. Кој навистина добро звучи, но не во целост се пресликува во пракса. Како што ни споделија, во последните години Министерството создава услови за детските градинки како дел од воспитно образовниот процес да овозможуваат активно и рамноправно учество за сите деца, притоа обезбедувајќи можности за максимално развивање на потенцијалите на секое дете.

„Во оваа насока, министерството во 2021 година пристапи кон измена на Законот за заштита на децата и овозможи детските градинки да примаат и инклузираат деца со попреченост во сите воспитни групи, така што при прием на децата се дава приоритет на детето со попреченост за кое има доставено наод и мислење од Службата за функционална проценка, со препорака за прием од истата служба („Службен весник на РСМ” бр.294/2О21). Во моментов, во јавните установи за деца има запишано 655 деца со попреченост. Воспитно – образовните активности во детските градинки односно во групите каде што има запишано деца со попреченост се изведуваат според Програма за рано учење и развој за деца со попреченост базирана врз стандардите за рано учење и развој, која ја изготвуваат стручни лица од Бирото за развој на образованието, а ја донесува министерот. Исто така, детските градинки создаваат стимулативна средина за секое дете која е насочена кон целосно постигнување на развојните потенцијали кај децата, вклучувајќи ги и децата со попреченост. Се набавуваат и педагошко -дидактички помагала, средства и материјали соодветни за работа со децата со атипичен развој“, изјави Зорица Велкова од ПР-Односи со јавност на Министерството.

Исто така, следејќи ги меѓународните стандарди, направени се и значајни придвижувања и адаптации и во делот на пристапноста до самите објекти. Имено, поставени се соодветни пристапни рампи со кој овозможуваме лесен пристап до влезот на детската градинка, до занималните, до санитариите. При изградба на нови објекти, како и при проширување на капацитетите на постоечките објекти задолжително се почитуваат важечките стандарди за достапност и пристапност на лицата со попреченост.

„Ги јакнеме и капацитетите на стручниот кадар кој работи во детските градинките. Речиси во сите градинки ширум државата имаме вработени дефектолози, социјални работници кои работат со лицата со попреченост. Во моментов, во јавните установи има вработени 153 стручни работници (педагог, психолог, социјален работник, дефектолог, логопед, специјален едукатор и рехабилитатор, лекар и стоматолог). Паралелно со овој процес, тече и процесот на унапредување на знаењата и компетенциите на стручниот и воспитно негувателскиот кадар за работа со деца со попреченост. Министерството за социјална политика, демографија и млади преку соработка со надворешни партнери спроведе многубројни обуки и работилници со кој ги надоградуваме знаењата на вработените да се стекнат со доволно вештини за да можат да излезат во пресрет и на децата со попреченост вклучени во предучилишното образование. И во наредниот период, главна интенција на министерството е проширување на мрежата на установи за деца од предучилишна возраст, квалитетно инклузивно предучилишно образование, како и зголемување на бројот на вработените во градинките се со цел да овозможиме рамноправно учество и инклузија на сите деца од рана возраст. Воведување на дополнителен стручен кадар е предвиден согласно Програмата на Владата 2024 – 2028 година преку спроведување на Проектот „Асистенти и стручни соработници во детски градинки“, со кои е предвидено зголемување на бројот на персонал за поддршка на децата со попреченост“, изјави Велкова.

Автор: Сања Јачевска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки