Илијев: Поддршката на доброволците пожарникари е поддршка за безбедноста на целата заедница

0
13

Иако во Македонија постојат над 800 активни волонтери-пожарникари кои секојдневно се борат со пожари и други непогоди, државата сѐ уште не ги препознава доволно. Оваа група на луѓе – ентузијасти и хуманисти, главно функционира благодарение на сопствени средства, донации и поддршка од локални заедници.

Еден од таквите примери е Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани, составено од волонтери кои со години се борат на терен. За нивната работа, предизвици и очекувања разговаравме со Златко Илијев, претседател на ДПД Кочани.

Во кои региони најчесто интервенира Доброволното противпожарно друштво Кочани?

Нашата работа првенствено е локална – ги покриваме општините Кочани, Чешиново-
Облешево и Зрновци. Но по потреба интервенираме и во Делчево, Берово, Штип,
Струмица, Неготино и други општини.

Колку често имате излегувања на терен и кои се најчестите причини за интервенции?

Ова е работа која не можеме да ја предвидиме. Минатата година имавме 88 интервенции: 40 на пожари, 3 на поплави, а останатите беа технички интервенции и обезбедување настани.

Дали имате ли соработка со други противпожарни единици или институции при гаснење на пожари?

Да, соработката со ТППЕ Кочани е на највисоко ниво и професионална, а работиме и со останатите единици и доброволни друштва во државата. На терен, клучна е
координацијата со сите институции – тоа е предуслов за успешна интервенција.

Како е организирано вашето друштво?

Друштвото брои околу 50 членови од кои 25 се дел од интервентната единица, овие
членови имат поминато одредени обуки и стекнато искуство за дејствување на терен. Со единицата раководи Командир кој е задолжен за раководење на единицата на терен. Јас како претседател покрај тоа што сум дел од интервентната единица и сум во најголем дел од интервенциите на терен, преземам дел од административните работи во Друштвото. Одлуките за друштвото ги носи Совет формиран од повеќе членови.

Со каква опрема располага Доброволното противпожарно друштво?

Секој член на интервентната единица има лична заштитна униформа – противпожарно
одело, чизми, ракавици и шлем. Имаме и опрема за шумски пожари, поплави и технички интервенции. Возниот парк брои шест возила: навално возило, автоцистерна, патничко комбе, четирицикл, камион за шумски пожари и камион за технички интервенции.

Од каде ги обезбедувате овие ресурси?

Најголем дел е обезбеден преку странски донатори, домашни правни и физички лица, како и од Општината. Без таа поддршка денес ДПД Кочани немаше да биде тоа што е.

Дали добивате финансиска или материјална поддршка од државата или локалната самоуправа?

На самиот почеток по формирањето на друштвото Дирекцијата за заштита и спасување на барање на Општина Кочани спроведе обука за нашите членови на интервентната единица и се стекнаа со сертификати. Сите останати обуки се организирани од ТППЕ Кочани и други приватни организации и фирми како и од наши партнери од странство. ДПД Кочани редовно организира и самостојни обуки за своите членови на интервентната единица.

Колку институциите ве вклучуваат во нивните активности?

Многу малку. Голем дел од нашите активности се организирани самостојно или со странски партнери. Во нашата држава многу малку се спроведуваат обуки како за постоечките така и за новите пожарникари без разлика дали професионални или доброволни, сметам дека треба да биде зголемен бројот на обуки и да се спроведуват во континуитет.

Со кои најголеми предизвици се соочувате?

Најголемите предизвици околу функционирањето на една ваква организација се
финансиите, како што претходно кажав ДПД Кочани најголем дел од своите финансии ги остварува преку странски донатори и фонадации и домашни приватни и правни субјекти како и поединци подржувачи на ДПД Кочани.

Ние како ДПД Кочани немаме фиксни приливи од ниедна државна или општинска институција што е своевидна потешкотија за тековното работење. Втора и не помалку битна работа е утврдување со закон статусот на доброволните друштва и добороволните пожарникари, вметнување во системот за заштита и спасување, како и утврдување на права и одговорности.

Како може да се обезбеди одржлива поддршка за вас?

Според Законот за пожарникарство, Општината е таа што треба да обезбеди простор и средства за функционирање на доброволните друштва, додека сојузот е надлежен за остварување на обуки и распеделба на државни финансиски средства до доброволните противпожарни друштва, но поради неговата повеќегодишна нефункционалност таа обрврска паѓа на Дирекцијата за заштита и спасување, со формирање тимови за брз одговор со поединци членови на доброволните друштва.

Дали би поддржале создавање национална програма за обука и едукација?

Секако, тоа е нешто што во моментот е неопходно за едно основно функционирање на друштвата, концептирање на систем во кој ќе бидат вметнати доброволните друштва, утврдување на права, одговорности и надлежности на доброволните друштва и доброволните пожарникари, класификација и категоризација на друштвата како и неопходна опрема и обука за интервенирање на терен.

Што би сакале да им порачате на граѓаните во однос на превенцијата од пожари и поддршката на доброволните пожарникари?

Превенцијата е клучна. Секој поединец треба да се грижи за природата и материјалните добра. Поддршката на доброволните пожарникари значи поддршка на безбедноста на целата заедница.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА