Само 13% од ветувањата на Владата исполнети – најслаб напредок во родовата еднаквост, младите недоволно слушнати

0
32

Од вкупните ветувања, досега се целосно реализирани 18 (13%), додека 51 ветување (37%) се во насока на исполнување. Најголем напредок е постигнат во областа на образованието, каде 24% од ветувањата се исполнети, а 70% се во тек. Зад него следат социо-економските политики и политиките за млади, со по 9% реализирани ветувања. 

Ова се резултатите од мониторингот на реализацијата на Владината програма за периодот кој е дел од прецизната рамка за следење на ветувањата во периодот 2024–2028 година од страна на Finance Think заедно со партнерските организации – Македонскиот центар за граѓанско образование, Младинскиот образовен форум и Македонското лекарско друштво.

Преку детална анализа, не само што беа мапирани ветувањата, туку тие беа подложени на мерење со конкретни индикатори и проверливи извори на податоци. Ветувањата беа класифицирани според нивната мерливост, а резултатите за 2024 и 2025 година откриваат дали Владата чекори кон исполнување на ветеното, стагнира – или пак се движи во спротивна насока.

Реализацијата во здравство има поумерена динамика, три ветувања се реализирани и 5 во насока на исполнување. Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде што нема ниту едно активно или реализирано ветување.

„Клучен методолошки предизвик беше непостоењето на конкретни таргети во дел од владините ветувања. За да обезбедиме мерлива основа, за секое ветување идентификувавме индикатори или чекори до остварување на ветувањето. Особено во секторите здравство, образование и млади, беше неопходно да се прилагоди мерењето на исполнувањето во форма на скали за напредок на квалитативните ветувања“, велат од Finance Think.

Според граѓаните, достоинствените работни места, можностите за вработување и пристапот до квалитетни здравствени услуги се рангирани како најважни за подобрување на квалитетот на живот. 

„Со оглед на тоа што создавањето нови работни места е истакнато како прв приоритет, ова сигнализира силно очекување од јавноста за политики кои ќе го поттикнат растот на вработеноста. Со најнизок приоритет, граѓаните ги гледаат достапноста на културни и рекреативни активности и добриот баланс помеѓу работата и слободното време што може да укажува дека овие приоритети се веќе задоволени, или пак се значително помалку важни во споредба со потребите за квалитетни работни места, здравство и образование“, додаваат тие.

Анализирајќи ги резултатите според пол, се забележуваат значајни разлики во перцепциите. Мажите, на пример, повисоко го рангираат справувањето со корупцијата, додека жените се повеќе фокусирани на работните услови и здравствените услуги – што го отсликува родовиот товар поврзан со грижата и социјалната сигурност.

„Граѓаните изразуваат незадоволство во делот на пристапот и квалитетот на јавните услуги, особено во областа на грижата за помладите и постарите лица, јавниот транспорт и специјалистичките услуги во здравствениот сектор. Незадоволни се и од здравствената инфраструктура и инфраструктурата во студентските домови. Од друга страна, граѓаните изразуваат делумно задоволство од услугите во образованието и услугите понудени од матичните лекари (примарното здравство)“, потенцираат од Finance Think.

Квалитетот на патната инфраструктура и јавниот транспорт се оценети со најлош квалитет. Поддршката за зголемување на платите во јавната администрација е ниска, дури и со голем процент на негативен став по однос на зголемувањето на платите. 

Ниско ниво на поддршка е дополнително забележано и за ветувањето за зголемување на акцизите за цигари и алкохол – само 23% од граѓаните сметаат дека ова ветување би придонело кон подобрување на здравјето.

„Најниски оценки добива услугата за сместување на стари лица – 76% од испитаниците сметаат дека домовите се целосно или делумно недостапни, главно поради ограничен број капацитети и високи трошоци во приватниот сектор. Меѓу најнедостапните услуги, граѓаните ја посочуваат специјалистичката здравствена заштита. 

Дури 70% од испитаниците изјавиле дека прегледите кај специјалисти се делумно или целосно недостапни, со само 6% кои ги оценуваат како лесно достапни. Главните пречки се долгите листи на чекање, ограничениот број достапни термини и географската оддалеченост на болничките установи, особено за граѓаните во руралните средини“, откриваат тие.

За дури 76% од испитаниците, јавниот транспорт е нередовен и недостапен за различни категории, со особено лоша покриеност во рурални подрачја и за лица со попреченост. Иако формалната надлежност лежи кај општините, државата игра активна улога преку субвенции и донации на автобуси, што ја прави ко-одговорна за сегашната состојба.

Голем предизвик е и недостапноста до практична обука и волонтирање во образовниот систем. Над 70% од испитаниците сметаат дека овие можности се недоволно или целосно недостапни, и во средното и во високото образование. Овој недостаток ја намалува подготвеноста на младите да влезат на пазарот на труд, особено во поглед на стекнување на практични вештини и остварување контакт со работодавачи.

Од 15 ветувања за младите – само две целосно исполнети

Претседателот на Младински образовен форум (МОФ), Ристо Савески, алармира за бавното темпо со кое се реализираат владините мерки наменети за младите. Според податоците од мониторингот што го спроведе МОФ, од 23 мерки наведени во Програмата на Владата за млади, се следат 15 – а резултатите се далеку од охрабрувачки.

„Само две од ветувањата може да се сметаат за исполнети, осум се во фаза на реализација, додека пет остануваат целосно неисполнети. Иако е формирано ново Министерство за социјална политика, демографија и млади, и започна со работа Центарот за истражување на младински прашања, сепак вистинскиот ефект сè уште не се чувствува“, изјави Савески.

Како еден од најголемите пропусти го посочи неисполнувањето на ветувањето за вредносен ваучер од 250 евра за 50.000 студенти – мерка која сè уште е само во најава, со најнова потврда од премиерот дека ќе се реализира во следната академска година.

Од другите делумно започнати активности, Савески ги истакнува реконструкцијата на студентските и ученичките домови, како и новата иницијатива за поддршка на млади земјоделци. 

Истражувањата на МОФ покажуваат дека постои значително совпаѓање меѓу ветените мерки и очекувањата на младите. 

„Дури 82% од младите бараат подобрување на условите во студентските домови, а 79% се заинтересирани за мерки поврзани со млади земјоделци. Сепак, разочарувачки е што во области како пракса во образованието и дигитализација – постојат сериозни пропусти“, потенцира Савески.

Тој како пример ја посочува мерката за М-апликација за младински стандард и воведувањето на Е-библиотека во студентските домови, кои не се ниту започнати, иако се приоритет за голем дел од младата популација.

„Младите се критични и незадоволни од политичките процеси, но кога се прашани за активно вклучување, одговорот најчесто е негативен. Сепак, тоа не значи дека се незаинтересирани – туку дека не се слушнати и вклучени како што треба“, истакна Савески.

Тој упати и апел до институциите со цел подобрување на условите за живеење на младите.

„Потребна е поголема транспарентност, ефикасно и стручно екипирање на Министерството за млади и вложување во дигиталната инфраструктура. Само така ќе се намали бројот на млади кои размислуваат за билет во еден правец. Тука треба да ја градиме иднината, не на некое друго место“, дециден е тој.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА