Почетна Интервјуа Ралев: Потребно е градење по план, живееме во нездрава околина

Ралев: Потребно е градење по план, живееме во нездрава околина

0
74

И покрај големата понуда, цените на недвижнините во државата не се намалуваат. Се гради преку ден и најчесто без план. Иако економското правило налага дека цените треба да се намалат кога понудата расте, пазарот на недвижности во Македонија покажува спротивен тренд. Бројот на станови во изградба расте, но и цените на становите бележат пораст, без разлика на поголемата понуда.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во периодот од 2020 до 2023 година се издадени дозволи за изградба на вкупно 33.023 станови, што покажува значителна активност на градежниот сектор. Во Скопје е најголемата концентрација на градби – од сите дозволи во овој период, 16.341 стан е лоциран во Скопје, што укажува на зголемената побарувачка за недвижности во главниот град.

Во разговор за ПИНА, Деканот на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет Американ Колеџ Скопје, Мишко Ралев вели дека ова покажува дека градежништвото како индустрија е во добра кондиција и дека зема се поголем замав, но и дека се градат згради најчесто со станбена функција или намена, и дека енормно се зголемува станбената површина која никој не ја користи.

„Во Скопје претерано се згуснуваат градбите во веќе постојното урбано миље и се гради непотребно во висина, односно згради од над 20 катови. Градењето во висина ги зголемува трошоците за изградба, потоа го усложнува и поскапува користењето на зградата заради инфраструктурата, хидропумпи, лифтови, гаражи и секако пристап до корисната површина. Праксата покажува дека градскиот водовод и без хидропумпи функционира до висина од околу дваесетина метри, над тоа е потребна додатна инсталација. Со ваквото градење на веќе постојна сообраќајна мрежа градот и неговите населби навистина стануваат нефункционални, со заробен простор кој не дозволува одвивање на секојдневни активности на своите граѓани“, изјави Ралев.

Според него, проблемот со загадувањето настанува најчесто од несоодветно затоплување на зградите, потоа од сообраќајот што е последица на немање на современ јавен превоз не само во градовите туку и помеѓу нив.

„Ако железничкиот транспорт е најрационален тој кај нас е навистина ужасен. Има многу фактори кои го предизвикуваат загадувањето, а секако и градежништвото е дел од тоа. Заштитата на градилиштата не ги следат законските процедури предвидени за тоа како треба да изгледа едно градилиште, како да се заштити надворешноста од градежни материјали и градежна механизација, така што живееме навистина во нездрава околина. И тоа се провлекува од година во година, и никој ништо не превзема да се надмине тој проблем“, дециден е тој.

Ралев смета дека е неопходна стратегија за планско градење. 

„Треба да се воспостави доследен систем на планирање, градење и трговија со недвижности за да се воспостават вредносни системи околу квалитет на градба, квалитет на околен простор како јавен простор, зеленило, спортско-рекреативни културно-забавни простори и објекти, квалитет на услуги и сервиси со што би се овозможило здраво и правилно живеење, работење и рекреација на граѓаните на било кој град во државата. “, истакнува Ралев.

Дозволи за градба има, ама има и празни станови

Во октомври минатата година  се издадени 363 одобренија за градење, што е за 11.7 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 8 469 616 илјади денари, што е за 12.3 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Наредниот месец бројката е нешто пониска. Во ноември се издадени 260 одобренија за градење, што е за 18.2 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4 250 392 илјади денари, што е за 63.8 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во истиот месец од претходната година било издадено одобрение за градење на објект од нискоградбата со поголема вредност, односно изградба на меѓусебно поврзан (интерконективен) гасовод Република Северна Македонија – Грција.

За големиот број за дозволи за градба, тој вели дека сите тие објекти не би биле изградени да нема побарување на пазарот и дека е таква пазарната логика која за него нема воопшто логика бидејќи голем е бројот на празни станови кои всушност не создаваат додадена вредност.

„Тука треба да се размисли од економско финансиски аспект и тоа треба државата да го направи и да креира стратегија како тие средства да се пренасочат во стопанството како би продуцирале профит. Такви примери има во развиените земји каде често не се дозволува да се поседуваат бескорисни станови, или данокот е толку голем што ги одвраќа граѓаните од такви инвестиции. Така што сите оние кои имаат капитал го вложуваат директно или индиректно во стопанството за да им донесе бенефит како на нив така и на општеството“, објаснува Ралев.

Тој даде свое видување и за податокот дека најголем дел од инвеститорите во градежниот сектор се физички лица, кои се јавуваат како финансиери на 223 од вкупно 363 објекти во месец октомври минатата година.

„Бројката покажува дека сè уште има капитал кај граѓаните и тие го вложуваат во градежништвото верувајќи дека иако нема да се оплоди тој сепак нема да пропадне, а државата тоа немо го посматра и не нуди друга бизнис алтернатива. Тоа значи дека нашата економија е екстензивна, неинвентивна и на крај неодржлива без странска помош“, кажа тој.

И покрај фактот дека секој трет стан во Македонија е празен, според податоците на Државниот завод за статистика, активноста на градежниот сектор не запира. Годишно, во просек, се градат околу 5.000 станови, а бројот на нови дозволи продолжува да расте

„Заклучокот е дека средствата или достапноста на средствата за работа и живот не се рамноправно распределени, зошто имате поединци, особено млади, или семејства кои ниту имаат ниту можат да дојдат современ станбен простор со квалитет и квантитет според потребите и барањата, и имате поединци или семејство кои имаат многу повеќе имот од најразличен  вид кој далеку ги надминува потребите па дури и барањата на истите“, изјави Ралев.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.