Десет години технолошки промени, ослабени редакции, притисок за брзо објавување и борба за довербата на публиката ја променија медиумската сцена, но не и потребата од квалитетно и одговорно новинарство. Ова беше една од главните пораки на дискусијата „10 години Медиумски фестивал Скопје: Што научивме и што следува? “ со која беше отворено десеттото издание на Медиумскиот фестивал Скопје (МФС).
„Во текот на изминатата деценија, Медиумскиот фестивал Скопје прерасна во простор за продлабочување на прашањата што се од суштинско значење за новинарството. Следејќи ги промените на медиумската сцена, како на локално, така и на глобално ниво, фестивалската програма континуирано се надградуваше со нови перспективи. Јуубилејното издание го отворивме со разговор посветен на досегашниот пат на фестивалот, неговите почетоци, предизвици и трансформации, научените лекции, како и визиите за иднината на новинарството“, изјави Бјанка Станковиќ, директорка на Медиумскиот фестивал Скопје и претседателка на ПИНА.
За фестивалските почетоци и постепеното проширување на перспективите и темите со кои Истражувачкиот филмски фестивал прерасна во Медиумски фестивал Скопје, зборуваше Марина Лазаревска, една од основачките на ПИНА и филмска селекторка на Фестивалот.
„Намерата е фестивалот да биде отворен простор за дијалог, дијалог меѓу нас и со публиката, што се случува зад еден текст, зад снимен материјал, со какви проблеми се соочуваат новинарите. Како новинари зборуваме за туѓите проблемите, но недоволно за сопствените“, рече Лазаревска.

Како светла точка ги истакна средбите на новинарите на фестивалот и самата вели, се изненадила со каков елан зборуваат за својата професија, наспроти сите притисоци со кои се соочуваат.
„МФС отвори простор каде новинарите меѓусебно може да си ги споделуваат проблемите, но и на публиката да ѝ дадат транспарентен увид во медиумската работа“, додаде таа.
„Социјалните мрежи не смеат да го диктираат јавниот интерес“
Дискусијата ја водеше новинарката Маја Блажевска Евросимоска, а покрај Лазаревска учествуваа и новинарката и уредничка на „Колегиум“ Зорана Гаџовска Спасовска и Џовани Мелољи, координатор на Војсес (Voices), Европскиот фестивал за новинарство и медиумска писменост.

Учесниците во дискусијата се согласија дека новинарите не смеат да ја сведат својата работа на сензационализам и, наспроти притисоците, треба да се вратат на основите, водејќи ја публиката преку транспарентен и одговорен пристап. Мелољи порача дека медиумската слобода е директно врзана со медиумската писменост. Блажевска Евросимоска го отвори и прашањето за финансирањето на медиумите во услови на сензационализам и новинарство кое лови кликови.
Во однос на балансот меѓу професионалното новинарство и публиката која се информира само на социјалните мрежи, Гаџовска Спасовска порача: „Не смееме да дозволиме социјалните мрежи да ни диктираат што е јавен интерес“.
Низ разговорот – транспарентноста се издвои како еден од клучните елементи потребни да се придобие публиката која ја губи довербата во медиумите.
Мелољи изјави дека жали што се сомнева дали воопшто постои публика заинтересирана за квалитетно новинарство, но додаде дека тоа е неопходно за функционирање на демократијата. Соговорниците решението го лоцираа во едукацијата за медиумска писменост, но и враќањето на профилирани медиуми кои ќе им дадат контекст на информациите што нафрлени по социјалните мрежи само водат до презаситеност кај публиката.
Деценија со тектонски промени во новинарството
Навраќајќи се на изминатите десет години Зорана Гаџовска Спасовска потсети дека во кратко време се случија тектонски промени, од брзата смена на етапите меѓу архивите на ВХС касети и дигитализацијата, преку раситнувањето на големите редакции, и соочувањето со најважната промена – како информацијата пристигнува до публиката.

„Ако пред десетина години бевме сведоци на големи редакции, големи мрежи – малку, но моќни медиуми, на весници со по педесетина новинари или телевизии со посебни редакции за култура, спорт, економија… денес имаме примери со еден економски новинар наместо таа цела економска редакција“, рече таа и додаде дека притисокот информацијата инстантно да се пласира на социјалните мрежи, често не остава простор ниту да биде добро проверена.
Модераторката Блажевска Евросимоска ја напомена и целокупната поддршка што новинарите ја уживаат работејќи во големи редакции, кои кај нас веќе скоро и да ги нема.
Гаџовска Спасовска, која била дел од македонскиот сервис на Радио Слободна Европа, од прва рака ја искусила оваа промена во структурата на работењето.
„Големите редакции му овозможуваат на новинарот да се занимава само со информациите по кои трага“, рече таа, додавајќи дека е сериозен предизвик истовремено да се раководи и да се работи во медиум.
Лазаревска потсети на моментите кога со распадот на групацијата МПМ многу новинари беа втурнати во нова динамика на работење, со притисокот да се биде најбрз за да се задржи работното место на младиот и нестабилен онлајн пазар. Ако на тогашниот шок се реагирало со доза отпор, прилагодливоста е веќе неопходна за работа во медиумите.
„Новинарите мора да си го бранат квалитетот“
Лазаревска се наврати и на обуките од изминатите фестивалски изданија, поврзани со социјални медиуми, мобилно новинарство, па дури и со виртуелна реалност, наменети да им дадат што повеќе опции на новинарите да го пронајдат форматот со кои пораката ќе допре до публиката.
„Сепак, иновативноста и брзината не смеат да бидат приоритет. Новинарството е од јавен интерес и мора пред сѐ да си го браниме квалитетот“, изјави таа.
Слушајќи ги македонските примери Мелољи рече дека ги препознава проблемите што, со мали регионални разлики, се појавуваат ширум светот.

„Главниот структурен проблем е токму тоа што е невозможно да се објаснат комплексни состојби во само неколку секунди на социјалните мрежи“, рече тој.
Како што Гаџовска Спасовска истакна дека начинот како информацијата пристигнува до публиката го промени и самиот начин на известување, за Мелољи забележа дека е загрижувачка селекцијата на информациите што допираат до публиката, леснотијата со која алгоритмите овозможуваат и цензура.
„Сепак зборуваме за длабока технолошка трансформација”, нагласи тој цитирајќи го теоретичарот Маршал Меклуан – „Медиумот е пораката“.
Учесниците на првата дискусија од десеттото издание на Медиумскиот фестивал Скопје се согласија дека технологијата ќе продолжи да се менува, но не и одговорноста на новинарството кон јавноста.





