Еднородителските семејства во Македонија сè уште се соочуваат со бројни институционални, финансиски и општествени предизвици, од отежнат пристап до социјална поддршка до нееднакви можности за образование и вработување. За потребите, проблемите и неопходните системски промени зборуваме со Елена Божиновска и Станиша Станковиќ, членови на младинската организација „Млади од семејна разновидност“, која се залага за унапредување на правата и можностите на младите од самохрани и еднородителски семејства.
Со какви проблеми и предизвици најчесто се соочуваат еднородителските семејства во Македонија?
Станиша Станковиќ, истражувач за социјална и младинска политика: Од мој личен аспект, предизвиците може да ги поделиме на две групи: од страна на институциите и од страна на околината. Процесот за остварување на каква било правна, социјална или финансиска помош е долг, комплициран и бара обемна документација. Честопати, самохраните родители се оставени на маргините за стекнување одредени права поради стриктните критериуми. На пример, доколку самохран родител има плата за две до три илјади денари поголема од минималната, а притоа нема сопствен дом, во добар дел од случаите не може да добие дополнителна поддршка токму заради тие неколку илјади денари. Токму ова, директно влијае на целосната благосостојба на семејството. Од друга страна, разведените родители се соочуваат со неплаќањето на издршка за детето (позната во јавноста како алиментација). Механизмите за принудна наплата на алиментација се бавни и неефикасни, што го остава родителот кој се грижи за детето сам да го носи целиот финансиски товар. Губењето родител, тешкиот развод или семејното насилство може да имаат сериозни импликации врз понатамошниот раст и развој на децата. Младите често се чувствуваат отфрлено и несигурно во себе, а многу често се соочуваат и со врсничко насилство токму поради овие причини.
Што недостига во институционалната поддршка за еднородителските семејства?

Станиша Станковиќ, истражувач за социјална и младинска политика: Ние правиме разлика помеѓу самохран родител и еднородителско семејство од повеќе суштински причини. Прво, во Законот за социјална заштита, во делот за поимник (член 4), стои дефиниција само за „самохран родител“. Според законот, самохран родител е оној чиј друг родител е починат, исчезнат, на издржување казна затвор или му е одземено родителското право. Додека пак, еднородителско семејство е кога родителите се разведени или се невенчани партнери. Разликата е во тоа што во првиот случај немаме втори физички присутен родител кој би ја сносил родителската одговорност, додека во вториот случај имаме уште еден родител кој е физички присутен, но емоционално и финансиски не придонесува за семејството. Дополнително, не можеме да ги занемариме ниту родителите кои се разведени, но сепак двајцата се активно вклучени во растот и животот на детето. Како организација и како општество мора да бидеме подготвени за целосна инклузивност кон сите реални семејни ситуации.
Кои промени во законите и во системот на социјална заштита би имале најголемо значење за подобрување на нивниот живот?
Станиша Станковиќ, истражувач за социјална и младинска политика: Според ситуацијата на терен, постојат два итни закони кои директно влијаат врз младите од ваквите типови семејства:
– Вметнување на еднородителското семејство во Законот за семејство: Ова е од итна потреба уште од 2016 година, по што беше отворена дебата во 2018 година. Денес, во 2026 година, сè уште сме без конкретен и завршен закон, односно цела деценија со празни ветувања. Притоа треба да се има предвид дека од 2016 до 2026 година имаше промена на политичките структури, па одговорноста ја сносат сите партии и коалиции.
– Враќање на правото за студентите од самохрани и еднородителски семејства: Повеќегодишна борба е повторното враќање на ова право кое некогаш им припаѓаше, а со важечкиот Закон за високо образование беше укинато. Предлогот за новиот Закон за високо образование конечно ги препознава токму овие студенти. Во изминатите години испративме безброј иницијативи и предлози до сите релевантни институции и носители на одлуки: Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за правда, Претседателот и Собранието на Македонија. Паралелно, секоја година доставувавме предлози и до универзитетите, со цел стотици млади луѓе од овие семејства да добијат намалена партиципација за високо образование и еднаква шанса за академски развој. Процесот започнува во април, па се до ноември кадешто се распишува интерен оглас за овие студенти. (Пример тука: https://pf.ukim.edu.mk/wp-

Тимот на Здружението пред 3 години ја објави првата брошура за правата на децата и младите од самохрани и еднородителски семејства. Брошурата е достапна на македонски, албански и англиски јазик на линкот.
Во август година имавте средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, пред кого го презентиравте предлогот за унапредување на политиките за еднородителски семејства и поддршка на самохраните родители. Како беа прифатени политиките и каков фидбек добивте од министерството? Кои предлози беа прифатени или пак ќе бидат посериозно разгледани?
Станиша Станковиќ, истражувач за социјална и младинска политика: Како младинска организација „Млади од семејна разновидност“ остваривме важна и конструктивна работна средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Овој чекор претставува вистинско отворање на вратите на Министерството за младите кои доаѓаат од овие категории семејства, што се случува за првпат по години лобирање и граѓанско дејствување. На средбата директно го презентиравме нашиот Предлог за унапредување на политиките за еднородителски семејства и поддршка на самохраните родители. Во предлогот посебно го истакнавме барањето за воспоставување и точно разграничување на поимите „еднородителско семејство“ и „самохран родител“ во законодавството, со цел соодветно да се препознаат сите специфични семејни контексти и реалниот товар што го носи еден родител. Дополнително, побаравме ревидирање на критериумите за детски и образовен додаток, намалување на трошоците за детска градинка и обезбедување приоритетен упис за децата од овие семејства. Како главна точка во дискусијата беше истакнато воспоставувањето механизам за државна гаранција при исплата на издршката за децата преку Алиментационен фонд, каде што државата го презема процесот на наплата кога обврзникот не ја исполнува својата обврска. Важно е да се напомене дека оваа значајна средба дојде непосредно откако на Меѓународниот ден на младите ни беше доделена Наградата за младинско учество за 2026 година, доделена од страна на Министерството, Националниот младински совет на Македонија, ОБСЕ и УНДП.


Елена Божиновска, основачка и претседателка на „Млади од семејна разновидност“: Иницијативата „Плати семестар“ започна лани, 2025 година, од едно едноставно, но многу важно прашање: зошто еден млад човек би морал да се откаже од образованието само затоа што неговото семејство нема доволно финансиски средства? Во првата година поддржавме над 120 студенти, а оваа година интересот порасна и бројот на млади кои побараа стипендија надминува 170. Дел од студентите од претходната година во меѓувреме дипломираа, па и се вработија, што за нас е особено голем успех. Тоа значи дека нивната приказна продолжува и дека добивме нови дипломирани млади луѓе кои ќе можат да придонесуваат во своите професии и во општеството. За нас, најважниот резултат не е само колку семестри сме платиле, туку колку млади успеавме да задржиме во образовниот систем. Зад секој платен семестар стои човек кој можеби бил принуден да избира меѓу основните потреби на семејството и сопствената иднина. Особено сум благодарна што зад иницијативата застанаа и граѓани и компании – од компаниите: Комерцијална Банка и ЗИП, Тиквеш, Канал 77, Среќа Бар, Ресторан кај Каневче, а од организациите први како поддршка ни беа платформата Ecrowd, а најголема поддршка добивме и од Борче од Донирај Компјутер. Тоа покажува дека солидарноста сè уште постои и дека заедно можеме да направиме конкретна промена. Но, истовремено, сметам дека мораме да се запрашаме зошто воопшто сме во ситуација да собираме донации за младите да можат да го продолжат образованието. Ние ќе продолжиме да помагаме затоа што студентите имаат потреба од нас денес, но долгорочната цел е да изградиме систем во кој финансиската состојба на семејството нема да ја одредува иднината на детето/младиот човек.
Годинава ја освоивте Наградата за младинско учество што ја доделува Националниот младински совет на Македонија. Што значи оваа награда за вас? Каква порака би сакале да испратите преку неа?
Елена Божиновска, основачка и претседателка на „Млади од семејна разновидност“: Ја доживуваме како признание за целиот тим на „Млади од семејна разновидност“, за нашите мајки, за младите со кои работиме, за нашите поддржувачи и за сите оние кои веруваа во нас уште пред 7 години. Знам дека околностите во кои растеме можат да влијаат врз можностите што ги имаме, но не треба однапред да ја одредуваат нашата иднина. Токму затоа сакав личното искуство да го претворам во нешто што ќе им помогне и на други млади луѓе. Наградата е особено значајна затоа што покажува дека прашањата за семејната разновидност, социјалната заштита и еднаквите можности заслужуваат место во јавниот разговор. Таа ни дава дополнителна одговорност да продолжиме да работиме, да ги слушаме младите и нивните потреби и да се залагаме за конкретни промени. Пораката што сакам да ја испратам е дека навистина ми е досадно да слушам дека младите се иднината на општеството – кога тие се сегашноста. Ако некој млад човек нема средства сега да си плати семестар – тоа е веќе проблем на иднината бидејќи за 6000 денари губиме доктор, архитект, уметник, медицинска сестра, стоматолог, економист.. Нешто што може да се реши со само 1 член во законот за Високо образование. Исто така, сакам да покажам дека зад оваа наша мала организација стојат луѓе, лични приказни и многу работа што често ама апсолутно не се гледа. Оваа награда е на Бојана, Менче, Станиша, Елена, Теодора, Јован – а сега и новите волонтери Сандра, Стефанија, Ива, Катја.. Ова признание е поттик да продолжиме, но и потсетник дека вистинската вредност на нашата работа не е во наградите, туку во животите што успеваме да ги промениме. А таа бројка е веќе голема за едни “мали луѓе”.
Што би им порачале на еднородителските семејства кои моментално се соочуваат со предизвици, а што би им порачале на институциите, како и на целото општество?
Елена Божиновска, основачка и претседателка на „Млади од семејна разновидност“: На еднородителските семејства би им порачала дека не се сами, а на младите да не се откажуваат од своите соништа поради околностите во кои растат. Од институциите очекувам системска поддршка, а од општеството повеќе разбирање, а помалку осудување. Затоа што ниту едно дете не треба да има помали можности поради тоа во какво семејство е родено. Нашата борба е токму за тоа, секој млад човек да има еднаква шанса да ја изгради својата иднина. Една од целите на нашето здружение е што повеќе млади од самохрани и еднородителски семејства да излезат од системот на континуирана социјална заштита и маргините во општеството, да се оспособат за функционален живот. Наместо да зависат од постојана социјална помош, фокусот ни е насочен кон нивно директно оспособување преку конкретни мерки за вработување, квалитетни можности за образование и поголеми шанси на пазарот на трудот.
Авторка: Бјанка Станковиќ





