Кога парагвајскиот тенисер Адолфо Даниел Ваљехо по поразот на Ролан Гарос изјави дека ваков натпревар „требало да го суди маж“, затоа што на жена ѝ било потешко да се справи со бучната публика, реакциите беа жестоки. Неговите коментари за судијката Ана Карваљо беа оценети како сексистички, бидејќи нејзината способност ја доведе во прашање не поради професионалните одлуки, туку поради полот. Француската тениска федерација и организаторите на Ролан Гарос го казнија Ваљехо, истакнувајќи дека компетентноста на еден судија не зависи од тоа дали е маж или жена.
Ова е најновиот пример за стереотипите што со децении ги следат жените во спортот – како спортистки, судијки, тренерки, но и како новинарки кои известуваат за спорт.
Иако денес жените се присутни на речиси сите спортски полиња, начинот на кој јавноста и медиумите зборуваат за нив често останува заробен во традиционалните родови шаблони. Фокусот неретко се префрла од нивните резултати кон изгледот, возраста, семејниот статус или приватниот живот.
Така, спортистката почесто се опишува како „убава“, „шармантна“ или „нежна“, отколку како „силна“, „доминантна“ или „врвна“. Слични предрасуди ги следат и спортските новинарки, кои неретко се соочуваат со сомнежи во нивната стручност и потреба постојано да докажуваат дека припаѓаат во сфера која сè уште често се перципира како „машка територија“.
Сепак, и покрај поголемата застапеност, жените остануваат помалку присутни на раководни позиции во спортските институции и медиумите. За многу од нив, борбата не завршува со влезот на теренот или во редакцијата, туку продолжува со постојано докажување дека таму припаѓаат.

Борбата на жените во спортот не завршува со натпреварот
Слично искуство има и кошаркарската судијка Ема Никочевиќ, која вели дека стереотипите кон жените се присутни и на теренот.
„Како жена во спортот, а особено како кошаркарска судијка, сум се соочила со многу стереотипи. Често постои мислење дека мажите се подобри судии. Искрено, мислам дека ние жените мораме повеќе да се докажуваме за да ја добиеме истата доверба и почит“, вели таа.
Таа посочува дека жените многу почесто се оценуваат според изгледот отколку според професионалноста.
„Имаме редовни физички тестирања и мора да бидеме во добра форма. Но, и покрај тоа, сметам дека жените многу почесто се коментираат според изгледот отколку според професионалноста. Ако некоја судијка качи неколку килограми, тоа веднаш се забележува и се коментира, додека кај мажите многу почесто во преден план е нивната работа на теренот“, посочува Никочевиќ.
Според неа, спортот во женска категорија сè уште нема еднаков третман и потребни се поголема поддршка, промоција и интерес од јавноста.
„Текстот не е нејзин, само ја потпишале“
Стереотипите не завршуваат на теренот, тие ги следат и жените кои известуваат за спорт. Марија Ковачева, која речиси две децении работи како спортска новинарка, вели дека недовербата кон жените во оваа професија е секојдневие.
„На почетокот многумина те гледаат со потсмев, прашувајќи се што бара една жена во „машкиот свет“. Се сомневаат во твојата стручност, во секоја твоја реченица, во секој твој текст“, вели Ковачева.

Таа додава дека и денес се соочува со обиди нејзината работа да биде обезвредена.
„Иако речиси 20 години сум дел од спортското новинарство, и денес постојат луѓе на високи функции кои, наместо да се соочат со сопствените пропусти, по некој мој критички текст најлесно е да кажат: „Текстот не е нејзин, само ја потпишале“, посочува таа.
Според неа, промените мора да дојдат и од општеството и од спортската заедница.
„Потребно е да нè оценуваат според нашето знаење, професионалност и интегритет, а не според полот. Кога една новинарка ќе добие еднаква почит и пристап како секој нејзин колега, тогаш ќе испратиме вистинска порака до новите генерации дека во спортското новинарство има место за сите“, порачува таа.
И институциите признаваат дека стереотипите опстојуваат
Но, не станува збор само за индивидуални искуства. И институциите и професионалните организации признаваат дека родовите стереотипи и натаму се силно присутни и во спортот и во медиумите.
Од Министерството за спорт велат дека родовите стереотипи ги препознаваат како сериозен проблем што ги ограничува можностите на жените во спортот и посочуваат дека работат на нивно надминување преку обуки, политики и стратешки документи.
„Министерството како државен орган дава можност за надминување на ваквата состојба преку воспоставување на учество на обуки на кои се спроведуваат соодветни знаења за основните поими за родова рамноправност, препознавање на разликите во позициите на моќ во општеството и креирање на стратешки документи со цел вклучување на родово неутрални политики“, одговараат од Министерството.
Оттаму додаваат дека и покрај досегашните заложби, родовиот јаз и натаму е присутен, поради што во годишните програми се предвидуваат мерки за поголемо учество на жените во спортот и нови форми на финансирање.
ЗНМ: Спортското новинарство сè уште се смета за „машка професија“
Од Здружението на новинарите на Македонија потврдуваат дека стереотипите кон спортските новинарки и натаму се силно присутни.
„Во јавноста сè уште постојат стереотипи дека спортското новинарство е „машка професија“ и дека жените имаат помало познавање на спортот или можат да покриваат само одредени теми. Овие предрасуди се резултат на долгогодишни општествени стереотипи и недоволна застапеност на жени на видливи позиции во спортските редакции“, велат од ЗНМ.
Оттаму предупредуваат дека новинарките честопати се оценуваат според изгледот или приватниот живот, наместо според нивната работа, што може да влијае врз нивниот професионален развој и да ги обесхрабри младите жени да изберат кариера во спортското новинарство.
Според ЗНМ, редакциите мора да создадат работна средина во која единствени критериуми ќе бидат знаењето, интегритетот и професионалноста.
„Промената бара заеднички ангажман на медиумите, институциите, професионалните здруженија и јавноста. Потребно е да се поттикнува еднаков пристап до професионални можности, да се реагира на дискриминација и сексизам, да се креираат кампањи за подигнување на свеста како и да се промовираат успешни примери на спортски новинарки. ЗНМ смета дека редакциите треба да градат работна средина заснована на еднакви можности и почитување на професионалните стандарди, каде што знаењето, интегритетот и квалитетот на новинарската работа се единствените критериуми за професионален напредок“, порачуваат од ЗНМ.
Проблемот не е кај жените, туку во системот
Експертката за родова еднаквост Бојана Јовановска смета дека корените на проблемот лежат во самиот историски развој на спортот, кој со децении бил создаван како простор во кој мажите биле мерка и стандард.
„Со векови, жените биле исклучувани од спортот под изговор дека физичката активност е штетна за нивното репродуктивно здравје, дека ќе ја наруши нивната женственост или дека спортот едноставно „не е за жени“. И тоа не зборуваме само за културни верувања, туку тие често биле поддржувани и од различни медицински, образовни и институционални авторитети. Оттука, спортот не е само неутрален простор во кој жените подоцна се вклучиле, туку систем во кој нивното присуство од самиот почеток е доживувано како исклучок“, вели таа.

Според неа, иако денес жените се присутни во речиси сите спортови, машкиот стандард и натаму останува мерка за спортска вредност.
„Силата, брзината, издржливоста, агресивноста и натпреварувачкиот дух сѐ уште се интерпретираат низ традиционално машка призма. Кога жените ги исполнуваат овие стандарди, често се претставуваат како исклучителни и невообичаени, додека кога не ги исполнуваат, тоа се користи како доказ дека женскиот спорт е помалку квалитетен, помалку атрактивен или помалку вреден за вложување“, дополнува Јовановска.
Таа предупредува дека истите механизми функционираат и кога станува збор за спортските новинарки.
„Во спортските редакции, како и во спортските институции, жените многу често мораат дополнително да ја докажуваат својата компетентност во средина која однапред се перципира како „машка“. Нивното знаење полесно се оспорува, почесто се сведуваат на изглед или „женска перспектива“, а не на професионална експертиза, и многу често се соочуваат со сексистички коментари, омаловажување или недоверба од колеги, соговорници и публика. Ние се уште живееме во време кога вест е дека женска судијка ќе суди на некое светско првенство или дека спортска новинарка пренесува фудбалски натпревар на ТВ,“ вели нашата соговорничка.
Последиците, како што нагласува, се повеќеслојни. На професионално ниво, родовите стереотипи директно влијаат врз пристапот на жените до спортот, ресурсите, финансиите, медиумската видливост и позициите на моќ. Додека, на психолошко ниво, жените и девојчињата во спортот се соочуваат со постојан притисок истовремено да бидат успешни, дисциплинирани и физички способни, но и да останат „доволно женствени“, пристојни и прифатливи.
Јовановска смета дека промените мора да се случуваат на сите нивоа – од семејството и образованието, до спортските институции и медиумите. Според неа, потребно е да се преиспитаат стереотипите кои уште од најрана возраст ги ограничуваат девојчињата и жените во спортот, додека спортските федерации и клубови треба да воведат конкретни политики за родова еднаквост, заштита од дискриминација и поголема застапеност на жени во одлучувачките структури.
„На општествено ниво, потребна е поширока промена во начинот на кој го разбираме спортот. Спортот не треба да биде простор во кој се репродуцираат старите хиерархии, туку простор кој создава еднакви можности, солидарност и телесна автономија. Тоа бара континуирано образование, јавни кампањи, работа со млади, поддршка за спортистки и спортски новинарки, но и политичка волја“, посочува таа.
Нејзиниот заклучок е дека решението не е жените да станат „посилни“, туку системот да стане пофер.
„Проблемот не е во тоа што жените не се доволни, туку во тоа што системот премногу долго бил поставен така што тие мора постојано да докажуваат дека вредат“, вели Јовановска.
Случајот со тенисерот Ваљехо и судијката Карваљо можеби е далеку од Македонија, но пораката е препознатлива и на домашната спортска сцена. Искуствата на кошаркарската судијка Ема Никочевиќ и спортската новинарка Марија Ковачева покажуваат дека жените и натаму мораат да се борат за истото ниво на доверба и почит. Сè додека прво треба да докажат дека припаѓаат таму, а дури потоа дека се добри во тоа што го работат, родовата еднаквост ќе остане повеќе цел отколку реалност.
Авторка: Ангела Рајчевска
Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.
Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.
Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.





