Почетна Интервјуа Урош Мацерл: Борбата за чист воздух е долга и тешка, но мора...

Урош Мацерл: Борбата за чист воздух е долга и тешка, но мора да стане начин на живот

Во почетокот на 2000-тите, француската компанија Лафарж ја презеде цементарницата во Трбовље, во Словенија и најави „еколошка модернизација“. Но, дозволите за согорување опасен отпад со петрококс и високите емисии на штетни честички покренаа долгогодишна борба на локалното население и еко-активистите, предводени од Урош Мацерл и „Еко круг“. Случајот со Лафарж извојува победа пред Европската комисија која утврди прекршувања во примената на европското законодавство за животна средина. По повеќегодишни судски процеси, протести и притисок врз институциите, словенечкиот суд во 2015 ја поништи еколошката дозвола за согорување отпад, по што цементарницата во Трбовље престана со работа. Случајот стана еден од најпознатите примери за успешна граѓанска борба против индустриско загадување во регионот.

0
97
Урош Мацерл | Фото: Приватна архива

„Како дете израснав под оџаците на цементарата Лафарж, тоа беше многу тешка индустрија. Сведочев како од загадувањето изумира природата – од дрвјата, до сè она што земјоделците се обидуваа да го одгледаат“, се присетува Урош Мацерл, кој израснал на фармата во местото Трбовље во Словенија, која сè уште ја поседува.

Ја наследил од своите родители на 23-годишна возраст, со порив да докаже дека од земјоделство може да се живее, но и дека населението има право на чиста животна средина.

Денеска Лафарж е затворена, а во Трбовље воздухот е чист. Но, оваа битка не е извојувана преку ноќ.

„Секој ден имаше премногу прашина и тоа се одразуваше врз стоката, овошјето и зеленчукот. Земјоделецот во овие услови не можеше да опстане и тоа многу ме допре. Како дете често бев болен, бев отсутен на рехабилитации и видов доста убави краеви, потоа ја гледав нашата убава природа, но и индустријата што ја загадува. Многу ме погоди страдањето на моите родители, тоа беше во време на Југославија, кога не си можел толку многу да се буниш. Имаше политика – сите земјоделци да можат да се вработат во тие фабрики, и на некој начин им овозможија да живеат како работници. Во исто време ги замолчија за да не се бунат зошто во спротивно ќе ја изгубеа работата“, споделува Мацерл.

Да се сведочи загадувањето на воздухот, водата, почвата и животните, несомнено влијаело Мацерл да стане еколошки активист. Вели дека загадувањето не било единствениот проблем, туку намерата да се укине правото на земјоделците да живеат во тие краишта.

„Единствената опција беше земјоделецот да го продаде својот имот. Не можеше ни со туризам да се занимаваш. Кој би дошол туристички во овие услови? Никој.

Кога дојде Лафарж рекоа дека ова ќе биде „еколошка фабрика“ и негираа дека нејзините емисии ќе им наштетат на жителите. Ние си мислевме ‘ајде, ќе стават некои добри филтри, ќе има помалку прашина, ќе има помалку штетни честитчки за здравјето’. Меѓутоа видовме дека сето тоа е ПР,  дека позади сето тоа се обидуваат да добијат дозвола за горење индустриски отпад, вклучувајќи дозвола за 16 врсти отпад, од кои 9 имаа ознака за штетно, опасно за горење. Тогаш сфативме дека ова беше политички, односно корумпиран договор, однапред договорен помеѓу политички моќни луѓе“.

Како што објаснува Мацерл, ознаките на Лафарж биле насекаде, фабриката донирала високи суми за спортски клубови, културни друштва, настани, училишта, буквално за сè. На тој начин, вели, со поткуп, ги замолчувале луѓето за да нема отпор за работењето на фабриката.

„Во таа фаза сфативме дека тоа не е проблем само за нас, туку за целата регија бидејќи тие имаа план регионот Трбовље – Загоре – Храстник да го претворат во долина за горење отпад од тешка индустрија“.

„Еко круг“ и почетокот на организираниот отпор 

Борбата против цементарницата на Лафарж траела со години за да заврши пред институциите на Европската комисија. Мацерл вели: тешко е да си сам против системот – прво ќе те исмеваат, а потоа ќе пробаат да те „купат“.

„Им реков дека не сакам пари, туку сакам да престанат да загадуваат за да живеам тука како земјоделец. Па ми рекоа ‘ако нешто ти смета, оди на суд’. Ме правеа будала. Подоцна станав претседател на населеното место Равенска вас и така почнав да ги организирам селаните. Потоа отидовме на суд, бевме околу 28 луѓе од кои јас бев најмлад, имав отприлика 25-26 години, не се сеќавам точно, но целиот процес траеше 21 година. Во меѓувреме, половина од земјоделците починаа бидејќи беа многу стари, но на крајот го добивме случајот за 3 милиони евра. Тужевме 4 фабрики: термоелектрана, цементара, хемиска и стаклара. Во нашата долина, четири фабрики загадуваа. Сега две од тие фабрики работат, хемиската и стакларата, но не прават проблеми“.

Често пати биле обесхрабрувани од сограѓаните, но, тоа не ги спречило во борбата. Подоцна се организираат неколку иницијативи и го формираат „Еко круг“ во кој дејствувале луѓе од различни професии, доктори, финансиски експерти, професори, правници, земјоделци. Оваа локална организација ќе одигра клучна улога во собирањето податоци за аерозагадувањето и мобилизацијата на граѓаните.

„Обединувањето е најважниот дел, прво се обединивме земјоделците, а потоа и поширокото локално население зошто борбата против ПР-от на фабриката беше најтешката борба. Тие можеа во било кое време „да купат“ една, две страни во весник или на локални телевизии, радија. Секојдневно беа на екраните бидејќи имаа пари да потплатат. Правеа реклами за себе како го чистат воздухот, а не дека го загадуваат. Тоа беше најголемата глупост што можеа да ја кажат. Велеа дека од нивните оџаци излегува само водна пареа и CO2“.

Долгогодишна борба против моќниот систем на пари, политика и ПР

Мацерл се присетува дека овие моќници преку работни места во фабриките се обидувале да ги замолчат луѓето.

„Неверојатно тешко беше да се бориш против целиот ПР со оглед на тоа колку пари даваа, но не можеше да се спореди со она што ни го земаа – здравјето и иднината на нашиот развој. Беше многу тешко, но ние имавме многу луди идеи што да правиме за да се избориме“.

Она што го научиле од повеќедецениската борба е дека луѓето не треба да се плашат од големината на моќниците што загадуваат, ѝ штетат на животната средина и уништуваат животи.

„Ако си во право и знаеш дека си во право, тогаш немој да се плашиш од никого, без разлика за каков моќник се работи. Најубаво е кога ќе го видиш стравот во нивните очи, кога ќе дојдеш во нивната куќа, на нивна територија. Пример, тие не сакаа да ни дадат податоци за тоа колку емисии на честички испуштаат годишно. Ни кажаа дека морале да ги избришат, нивниот компјутерски систем бил преоптеретен, па морале да бришат податоци. И тогаш ние направивме една донација и отидовме во нивната фабрика, ги побаравме директорите да им донираме една алатка за да може да ги чуваат тие податоци. Важно е да се прави притисок, па макар тоа и да значи дека се доближувате до границите на законот што смее да се прави, а што не. Имавме многу активности, тие некогаш не ни знаеја од кого доаѓаат тие работи. Графити, летоци, се работеше. Најлошо е кога ќе престане да се зборува за проблемот. А тешко е да се одржи актуелна приказната десет години. Секогаш мора да правиш нови работи, да се смислуваат нови активности. Кога разговаравме со нив, никогаш не бевме вулгарни, напротив, разговаравме на високо професионално ниво, никогаш не ја преминавме границата иако тие се обидуваа да не провоцираат, но ние бевме психички силни и отпорни“, вели Мацерл.

Борбата за чист воздух бара креативност и истрајност, не само протести

Скопје со децении се соочува со сериозно загадување на воздухот, особено во зимските месеци што резултира со над 5.000 смртни случаи годишно како последица на загадениот воздух. Еко активистите со години водат сериозна борба со институциите.

После борбата со цементарница во Словенија, Мацерл вели дека граѓаните имаат две опции: да научат да живеат на колена или да се борат.

„Никогаш во животот не сум знаел да живеам на колена, тоа не ми одело. Секогаш има луѓе кои ќе се согласуваат со вас, затоа е важно тие луѓе да се обединат во една добра заедница за заедничка борба. Мора да се знае дека таа борба е многу тешка и ќе трае, да се одлучиш дека тоа ќе ти стане начин на живот. Имав мали деца и кога ги гледав како живеат во секојдневно загадување знаев дека голем дел од моето време, наместо да го поминам со нив и да гледам фудбал, на пример, го изгубив за да бидам активен во „Еко круг“ и да се избориме за чиста животна средина. Кога се прашувам што е подобро одговорот е само еден – да се изборам за моите деца да живеат здраво и да имаат иднина“.

Урош со семејството | Фото: Приватна архива

Борбата против цементарниците и моќните гигантски компании, Мацерл ја опишува како борба против змеј со повеќе глави, секоја од тие глави има свој мозок кој соработува со другата глава, а една од нив сигурно е корумпирана. Другата глава е со најдобрите правници, трета со најдобрите ПР агенции. Tие на најразличен начин ќе вршат притисок, но најчесто преку медиумите.

Мацерл вели дека луѓето со коишто ќе се води битката нема да бидат многубројни. Најчесто се десетина, кои активно ќе работат, а потоа една средна група со која ќе се споделуваат информации и поголема група на поддржувачи, но последните најчесто можеш да ги мобилизираш за одредени настани или активности кои се однапред договорени.

„Знам дека е тешко да се науми нешто, константно да се прават протести. Тоа одзема многу енергија, треба да се вклучени многу луѓе. Можеш да организираш протести еднаш, два пати, но секој ден ќе бидат присутни сè помалку луѓе. И тогаш фабриката или компанијата ќе го искористи тоа против тебе и ќе рече ‘Ете немаат доволно поддршка, не им е издржан протестот’. Протестот како алатка секогаш се чува за некој најзначаен момент. Треба добро да се размислува со кои акции ќе дојдеш до најдобар резултат, а ќе потрошиш најмалку енергија и ресурси“.

Вели дека е многу е важно луѓето на раководни позиции, градоначалници или советници, да се на страната на луѓето, додека, компаниите и фабриките преку политиките ќе се обидуваат да држат контрола врз градот.

Треба да се следи и политичката струја, додава, како и поврзаноста на луѓето од институциите со корумпираните фирми, да се знаат имињата на оние коишто ја поддржуваат фабриката или компанијата којашто загадува бидејќи сето тоа е политика. Ако се именуваат само институциите или министерствата, сите тие луѓе се кријат позади нив, но кога ќе почнеш да ги именуваш, вели, веќе е друг случај. Ќе се соочат со прашања од нивните деца, блиски, пријатели, роднини, познаници – дали ти навистина ја поддржуваш фабриката што го загадува воздухот? Мора да се прави констатен притисок. Бидејќи тие луѓе земаат пари, а целото население се загадува од тој воздух, посочува тој.

Како што вели, во земјата дури и да ги имате најстрогите закони, тоа не е доволно бидејќи се работи само за парче хартија. Поважниот дел е примената на тие закони и контролата врз тие фабрики од инспекторите, редовно да вршат надзори и да казнуваат доколку нема доследно спроведување на законите.

„Контролата е најважна, но таа може да ја имаш само ако ги имаш податоците. Добро да се измери сè што оди во воздухот, а тоа дефинитивно може да се измери, иако загадувачите секогаш ќе велат дека е невозможно. Решението за вакви загадувачи е контрола 24/7 на честитичките што ги испуштаат и нивно објавување онлајн на секој половина час за да биде транспарентно и секој да може во било кое време да провери каква е ситуацијата“.

Мацерл порачува дека луѓето треба да се борат ако знаат дека се во право.

„На крајот, секогаш ќе победи доброто. Ако тоа сè уште не се случило тоа значи дека не е крај. Никој нема право да прави милионски профити по цена на човечки животи и загадување на животната средина. Никој нема право на тоа!“

Авторка: Бјанка Станковиќ

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.