Во градовите низ Македонија, зимата доаѓа со тежина која не е предизвикана од студот, туку од воздухот што веќе одамна не мириса на зима. Во него има нешто густо, лепливо, што невидливо се вовлекува во белите дробови на сите. Скопје деновиве повторно е на врвот на листата на најзагадени градови во светот, ова е факт што не само што алармира, туку јасно покажува дека овој децениски проблем не стагнира, туку расте, слој по слој, сезонa по сезона.
Како загадувањето ја менува педијатриската слика во земјава
Додека алармот за загадувањето свети веќе две децении, Македонија сѐ уште нема јасна визија за тоа како ќе се справи со овој проблем. Во меѓувреме, од загадувањето страдаат сите, а посебно најмладите што педијатрите го гледаат секој ден, во многу ординации.
Педијатарот д-р Ангелчо Андоновски вели дека ситуацијата одамна излегла од рамките на сезонското влошување на здравјето на децата.
„Би рекол дво-децениски проблем кој ја засега веќе во глобала целата наша држава. Загадувањето е проблем кој мора и се апелира веќе многу долго за да биде решен, но решението и покрај секакви предложени мерки и превенциски решенија никако да најде свое место. Да забележам дека уште одамна имаме потврдено дека нашите деца во зимски период живеат како во гасна комора. Ќе речам дека во моментов сепак се работи за патологија која е поврзана со инфекции и иригации на горно и долно респираторниот систем,“ вели за ПИНА, Андоновски.
Според него, загрижувачки е што сѐ почесто се јавуваат и алергии, пулмонарни фибрози, па дури и случаи на карциноми кај деца, состојби што до пред една деценија биле реткост во педијатриските ординации.
„Веќе сѐ се поврзува апсолутно со секаков вид на загадување и контаминација која се случува од тонзило-фарингити, лакунарни ангини, ларингити до трахеити, бронхиолити, опструкции и пневмонии. Тука би ги напоменал и се почестата појава на карциноми, пулмонарни фибрози и појава на многу видови на алергии специфични и неспецифични. Ние секогаш како педијатри ги проверуваме и докажуваме сите можни причини за таквата состојба, па врз основа на таа инвестигација правиме и статистика на причинителите за таквата патолошка состојба. Да се појасниме дека перманентната дразба од загадувањето ја зголемува се повеќе и повеќе присутната патологија која се јавува кај децата од најмала до најголема педијатриска возраст“, додава тој.
Кога честичките стануваат дијагноза
Андоновски предупредува дека хроничната изложеност на ПМ честичките, особено ПМ10 и ПМ2.5, остава долгорочни и често неповратни последици врз детското здравје. ПМ10 честичките лесно навлегуваат во долните дишни патишта, додека уште помалите ПМ2.5 честички можат да навлезат и во крвотокот, оштетувајќи ги крвните садови и виталните органи.
„Сѐ почесто се соочуваме со кардиоваскуларни заболувања кај деца, микроинсулти, проблеми со оксигенација на мозокот, па дури и невроразвојни нарушувања – проблеми со говор, слух, доцнење во развојот, аутистичен спектар и други сериозни состојби,“ објаснува педијатарот.
И покрај сериозноста на проблемот, тој нагласува дека родителите можат делумно да ги заштитат своите деца, со избегнување престој на отворено во периоди на висока загаденост, редовна физичка активност на почисти локации, како и следење на официјалните мерења за квалитетот на воздухот.
Кога бројките зборуваат, институциите молчат
Од граѓански аспект, проблемот со загадувањето одамна е документиран, измерен и потврден со официјални податоци. Активистката Ивана Дракулевска потсетува дека, според последниот јавно достапен извештај на УНИЦЕФ, секое деветто бебе помало од една година во Македонија умира поради причини директно поврзани со загадениот воздух.
„Нема потреба јас лаички да ја оценувам состојбата. Доволно е да ги цитирам статистиките од УНИЦЕФ – секое деветто бебе помало од една година умира поради загадениот воздух. Ова не е во ред и мора да ни биде приоритет број еден, ако навистина сакаме да зборуваме за иднина во Македонија“, вели Дракулевска.
Таа додава дека последиците од аерозагадувањето не се ограничени само на здравјето, туку се чувствуваат и низ целото општество.
„Околу 5 илјади луѓе годишно прерано умираат од загаден воздух. Тука се и намалената работна продуктивност, изгубените часови во боледувања и целокупно намалениот квалитет на живот што го живееме сите колективно. Ако овие бројки не ни ги отворат очите, тогаш која е поентата да продолжиме да живееме во вакви услови, играјќи руски рулет со нашето здравје и здравјето на најмладите и најранливите?“ прашува таа.
Според Дракулевска, главниот ризик за здравјето на децата доаѓа од неконтролираната индустрија, што е потврдено и во извештаи на европски ревизорски институции. Дополнителен проблем е и недостигот на јасни и обврзувачки протоколи за училиштата и градинките во периоди на екстремно загадување.
Како особено загрижувачка, таа ја посочува и неодамнешната законска пракса со која дел од индустриските емисии се прогласуваат за „деловна тајна“.
„Во македонското Собрание, во екот на предизборието, од 98 присутни пратеници ниту еден не гласаше против Законот за контрола на индустриски емисии. За првпат, во област што директно го засега нашето здравје, се воведе институт ‘деловна тајна’. Со тоа, загадувачите добија можност да кријат информации за процесите, материјалите и последиците што ги предизвикуваат врз нашите животи,“ вели Дракулевска, цитирајќи ја иницијативата „Зелен хуман град“.
Таа смета дека системот потфрла на сите нивоа и дека половичните решенија не нудат вистинска заштита за децата.
„Не е доволно да се постават прочистувачи во некои градинки и училишта. Што со децата чии родители не можат да си дозволат прочистувач дома? Многу деца се физички активни надвор, а нема логика да им го ускратуваме тоа право затоа што самиот воздух им штети. Мора да си ги засукаме ракавите и да обезбедиме чист воздух – и надвор,“ нагласува таа.
Според Дракулевска, одговорноста не е само кај институциите, туку кај целото општество.
„Ако оние на власт продолжуваат да го игнорираат аерозагадувањето, нашата обврска како граѓани е да ги притиснеме и да ги мотивираме конечно да преземат конкретни чекори,“ додава таа.
Иднина што се гуши
И педијатрите и активистите се согласни во едно – загадувањето на воздухот не е само еколошки, туку длабоко здравствен и општествен проблем. Децата, како најранлива категорија, ги чувствуваат последиците први и најсилно.
„Мислам дека нашите потомства се нашата иднина и ние треба да направиме се за нив, се за да останат здрави и да ни го држат најважниот општествен столб. Здравството е еден од главните столбови на државата и треба постојано да се надоградува и стабилизира. Факт е дека децата се нашето најголемо богатсво“, заклучи Андоновски.
Додека институциите доцнат со системски решенија, секоја зима остава нов слој штета – во белите дробови, во развојот, во иднината. А прашањето останува исто: уште колку генерации треба да пораснат во магла за конечно да почнеме да дишеме одговорност?
Авторка: Сара Танаскоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





