Во лавиринтот на судството – жртвите чекаат, реформите остануваат на хартија

0
39

„Чекав шест месеци за да се оформи случајот, а четири години за пресуда“, вели  жртва на семејно насилство која сакаше да остане анонимна. За тоа време, нејзиниот поранешен сопруг продолжувал со закани и напади, а секое ново рочиште или се одложувало, или се закажувало со месеци пауза. Нејзината приказна е илустрација за состојбата во која се наоѓа македонското правосудство – систем кој според експертите е заглавен, недоволно ефикасен и изложен на недоверба.

„Страв, несигурност… се движам по улица, не знам од каде може да ми се појави и на кој начин може да ме повреди и да го повтори делото. На слобода е, никој не го санкционира. Ставувам за децата, може да им наштети и нив, затоа што во афект секогаш добивам закани и за нив и за мајка ми“, вели жената со солзи во очите додека раскажува. Рацете и се тресат, психички е постојано во грч, а несигурноста се познава во секое нејзино треперење на гласот.

Со поранешниот сопруг се разделиле после многу насилство, но разводот не и гарантира дека таа нема повторно да биде нападната, оти, вели, институциите се троми.

Бројките зборуваат

Овој пример само ја потврдува реалноста. Во првиот квартал од 2025 година се евидентирани 391 жртва на родово базирано и семејно насилство, што укажува на раст на пријави и потреба од побрза институционална реакција. Во 2024 година, од 17.083 пријавени кривични дела, обвинение било покренато само за 7.199, а 6.528 завршиле со осудителна пресуда – јасен сигнал дека голем број предмети „паднале“ по пат.

Rule of Law Report 2025 нотира непополнети судски места, вклучително и во Врховниот суд, што директно го намалува капацитетот за навремено решавање на предметите.

CEPEJ го рангираше македонското судство под просекот на регионот во поглед на ефикасност, времетраење на постапки и динамика на судењата.

Извештај за напредокот на Македонија

Дека судството е без напредок трета година по ред, а голем дел од реформите остануваат само на хартија е забележано и во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. ЕУ оценува дека судовите сè уште се преоптоварени со предмети и дека постои нерамномерна распределба на работата меѓу судиите. Со ваквата бетонизација на реформскиот процес во правосудството и се пониската доверба на граѓаните во него,  европските познавачите сметаат дека Македонија ќе остане уште долго во ЕУ чекалната. Според нив, за нештата да се придвижат треба да се засукаат ракави, да се спроведат реформи во вистинска смисла на зборот, но, една од клучните работи е кредибилитетот на судиите.

Експертите предупредуваат

Лејла Тутиќ од Коалицијата „Сите за правично судење“ посочува дека бројот на одложени рочишта кои чекаат повеќе од 30 дена е зголемен за речиси 150% во последните две децении. Ова, вели таа, создава правна несигурност и ја поткопува довербата во судството.

„Во 2004 година само 12% од одложените рочишта биле закажани по истек на 30 дена, додека во 2024 година тој процент изнесува дури 30%. Ваквата состојба има сериозно негативно влијание во практиката, од причина што ги приморува странките инволвирани во судските постапки да чекаат со месеци за судењето по нивниот предмет да продолжи, самите постапки траат со години, ја зголемува неизвесноста, а неретко резултира и со повреда на правото на правично судење во разумен рок. Овие пропусти ја поткопуваат довербата на граѓаните во судството и се потребни итни реформи“ појаснува Тутиќ.

Според врховната судијка Вера Коцо, проблемот не е само во институциите, туку и во дел од судиите и претседателите на судови кои „немаат личен интегритет и професионален кредибилитет“.

„Сметам дека било какви реформи да се преземат, мора да се почитува уставното начело на поделба на власта и не смее да се дозволи маргинализирање на значењето на судската власт, туку преземањето на било какви реформски зафати мораат да се движат кон обезбедување на услови за поголема независност и самостојност на судската власт. Тие мора да имаат за цел постигнување на поголема професионалност, ефикасност, ефективност и транспарентност во извршувањето на нејзината функционална надлежност, од аспект на заштита на човековите права и основни слободи со цел за афирмација на правната држава во која што ќе се обезбеди владеење на правото и овозможи ефикасно справување со криминалот и корупцијата“ појаснува Коцо.

Бројни се последиците врз жртвите и општеството

Одложувањата на рочиштата не се само статистика – тие се дополнителна казна за жртвите. Во случаи на семејно насилство, долгите постапки значат продолжен страв, ризик од нови напади и губење на доверба во институциите.

„Може и да те убие, а ти само се жалиш“, вели жената со која разговаравме.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ сметаат дека во државата недостига волја кај сите чинители за да се подобри состојбата во правосудството. Констатираат дека веќе три децении континуирано се најавуваат и спроведуваат реформи во правосудството, а за жал и денес нема суштински промени ниту пак видливи резултати. Според нив, впечатокот во јавноста е дека дури има и уназадување во дел од состојбите.

„Токму поради ова, не може да се гледа изолирано и да се издвои само еден сегмент во кој реформите би биле неопходни, за сметка на останатите. Но, она што претставува уште посериозен предизвик е недостигот на волја кај сите релевантни чинители за да се подобри состојбата во правосудството. Затоа, темелните реформи ќе имаат ефект само доколку се спроведат доследно, искрено и со јасна крајна цел, во спротивно реформите ги сведуваме на „декоративни“ промени без суштинска вредност“, изјави Тутиќ.

Посочувајќи го случајот со членот на обвинителскиот совет, кој помина со условна осуда и со судијата на Врховниот суд со кого беше постигната спогодба и намалена казната, врховната судијка Коцо вели декa се потребни зафати кои би ја зајакнале независноста на судската власт , но и одговорноста за незаконитото работење, со цел да се зголеми довербата на граѓните во државата. Вели дека се потребни неопходни квалитетни предлози за донесување на законска регулатива, професионален пристап од сите чинители на трите власти кон побрзо донесување на законска регулатива, како и попрецизно уредување на одговорноста на членовите на Судскиот совет.

„Зајакнување на законската регулатива во поглед на одговорноста на функционерите -носители на судската власт, при злоупотреба на службената положба, криминал, корупција и слични дела, да ја добијат засужената казна ,без можност за спогобено разрешување на случајот со намалување на казната“, вели врховната судијка Коцо.

Без овие чекори, велат експертите, судството ќе остане заробено, а довербата на граѓаните – уште пониска. А за жртвите секое одложено рочиште не е само административен пропуст, туку прашање на безбедност и достоинство.

Автор: Наташа Гркова-Петрушевска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА