Димески: Наместо да се охрабри граѓанската енергија, се поставуваат ѕидови

0
19

Во мај годинава, Уставниот суд укина два клучни члена од Изборниот законик, со кои се ограничуваше учеството на независни кандидатски листи на избори. Но со тоа не се реши проблемот – туку се создаде нов. Иницијативите сега немаат јасен правен пат за кандидирање: законските механизми се избришани, а институциите молчат. Во меѓувреме, група независни граѓански иницијативи кои веќе настапија на претходните локални избори најавија формирање на партии за да ги надминат пречките кои им се прават во пресрет на локалните избори за фер шанса за настап.

Што точно бараат овие иницијативи, дали имаат реална поддршка, и зошто институциите сè уште не реагираат? Советникот во Општина Центар кој доаѓа од редовите на независната листа „Шанса за Центар“, Јане Димески за Пина.мк вели дека овие нови „правила“ кои сакаат да се вметнат се механизам за елиминација на граѓанските иницијативи и удар врз уставното право на граѓаните да избираат и бидат избрани. Тој предупредува дека партискиот „картел“ намерно молчи, а новите услови се дизајнирани да ја задушат демократијата, наместо да ја поттикнат.

По укинувањето на членови од Изборниот законик, имаме правна празнина – дали во моментов независна иницијатива воопшто може легално да се кандидира?

Во моментов постои сериозна правна празнина. Уставниот суд го укина членот што го уредуваше прагот за независните, односно со колку потписи може да се кандидира една независна листа, но не постои нова регулатива која прецизира што важи сега. Во ваков правно неуреден амбиент, независните иницијативи не можат со сигурност да знаат како и дали воопшто може легално да се кандидираат. Сѐ се сведува на волјата на институциите – што е крајно ризично за демократијата и уназадување на правата на граѓаните и пред сѐ кршење на Уставот од страна на како што го нарекувам јас „картелот“ од 4 партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН кои не можат да се договорат за ништо конструктивно и значајно за граѓаните, но за вакви лукративни дела со кои ќе се оневозможи влезот на независни граѓански групи во локалните институции, за тоа немаат никаков проблем.

Во јавната дебата се спомнува нов предлог за прагови според големината на општината – од 100 потписи за најмалите, па до 3.500 за Скопје. Како го оценувате овој модел?

Овој предлог е уште полош од оние одредби кои ги укина Уставен суд и практично одат целосно кон непочитување, игнорирање и изигрување на одлуката на Уставен суд и повторно кршење на Уставот затоа што во најголем дел од урбаните општини, или секаде онаму каде што има независни иницијативи наметнуваат двојно поголем број на потребни потписи за да се кандидира една независна граѓанска листа. Во голем дел од општините тоа значи независните да треба да соберат потписи од над еден, а некаде и по два или три отсто од регистрираните гласачи за да може воопшто да се кандидираат на избори. И тоа само за 15 дена. Тоа е практично двојно гласање и јавно гласање. За Скопје на пример, според овој противуставен предлог треба да се соберат 3 500 потписи за независна листа за 15 дена и тоа потписите мора да се дадат само во канцелариите на ДИК. На нас во Центар ни се удвојува бројот на потписи споредено со оној со кој се кандидиравме на минатите избори. За споредба, за да се формира партија потребни се 1 000 потписи на национално ниво кои може да се собираат 90 дена. Тоа е брутално подигнување на ѕид од страна на овој „картел“ и создавање на уште понееднакви услови од оние што постоеја досега. На пример, партиите добиваат државно финансирање, неодамна поделија на 7 милиони евра, на изборите државата им ги покрива кампањите, а за разлика од нив граѓанските листи не добиваат ништо.

Дали сметате дека овие прагови ќе овозможат вистинска демократија и шанса за независните листи, или напротив, ќе ги отежнат условите за учество?

Ако имаме искрена цел да поттикнеме демократија, тогаш ваквите прагови го прават токму спротивното, ја задушуваат. Наместо да се охрабри граѓанската енергија, се поставуваат ѕидови. Овие прагови не се демократски филтер – тие се механизам за елиминација. А тоа нема врска со фер политичка конкуренција. Напротив, овој партиски „картел“ со ова докажува дека независни граѓани кои здраворазумски делуваат, имаат принципи, етика, доследно стојат на своите ставови толку многу им сметаат и од нив се плашат што немаат проблем во борбата против нив да укинат едно од темелните уставни права на граѓаните, а тоа е да можат да избираат на избори и да можат да се кандидираат на избори.

Кој е вашиот предлог, колку потписи би биле доволни според вас?

Нашиот предлог е праг кој е остварлив, но не симболичен – на пример, 0.5 отсто од бројот на гласачи во општината, со максимален лимит до неколку стотини потписи за Скопје. Тоа е доволно да се покаже поддршка, а да не се претвори во процес што бара логистика како на политичка партија и процес на елиминација на за партиите непријатните „независни“ зелени иницијативи. Целта е да се овозможи учество, а не да се селектираат подобни.

Што ќе изгубат граѓаните ако независните листи не можат да учествуваат на следните избори? А што реално би добиле доколку ве поддржат?

Ако независните листи бидат тргнати од игра, граѓаните ќе ја изгубат единствената вистинска алтернатива. Ќе останат затворени во избор помеѓу истите партии кои се веќе компромитирани. Поддршката за нас значи враќање на довербата – добиваат луѓе кои немаат „централа“, кои одговараат само пред граѓаните, и кои не се таму по налог, туку по избор, кои стојат зад секоја одлука и зад секое гласање, имаат аргументи, го штитат јавниот интерес и тоа јавно и стојат на своите позиции. Ниеден независен советник во овој мандат во сите совети низ Македонија не прејде во некоја партија, не смени страна, за ниеден нема корупциски скандал, сите си останаа доследни на борбата која нѐ обединува. А тоа е да имаме нормална животна средина, незагаден воздух, јавен простор, општините да работат според анализи на потребите на граѓаните и приоритети, а не по ќефот на градоначалникот, да бидат транспарентни и отчетни да се знае секој денар каде оди и зошто, да бидат отворени за граѓаните, а не да не може телефон од службеник да се најде, да се дигитализираат, да работат на заштитата и спасувањето на граѓаните за да не се случува ново Кочани…

Граѓанските иницијативи бараат автентично толкување од Собранието, но досега нема реакција. Дали сметате дека институциите намерно молчат за да ви го одземат просторот?

Апсолутно. Институционалното молчење не е случајно – тоа е политичка калкулација и дел од играта на „картелот“. Колку подолго трае оваа состојба на неизвесност, толку помалку време останува за акција. Наместо транспарентен дијалог, гледаме блокада и страв од влијанието кое независните го добија на терен. А ние не сме подготвени да се повлечеме без битка. Очигледно недовербата кон партиите е толку голема што

Како ќе убедите скептични граѓани дека вие нудите одговорно и долгорочно претставување, а не само критика без обврска?

Најдобар доказ е нашето досегашно работење. Шанса за Центар веќе четири години е во Советот и во секоја дебата влегувавме подготвени, со конкретни предлози, со анализа, со истрајност. Не сме ниту молчеле, ниту бегале од одговорност. За разлика од многумина – ние не сме таму по функција доделена од некој „од горе“, туку по принцип. Сите документи ги претресуваме, даваме предлози за решавање на конкретни проблеми, комуницираме со граѓаните. Учинокот на Шанса за Центар по сите параметри е многукратно поголем од учинокот на политичките партии во советот иако тие имаат милионски буџети од државата секоја година, а ние работиме волонтерски. Затоа и нивниот страв е толку голем, што ќе биде ако нѐ има уште повеќе и во Центар и во други општини каде сега немало независни граѓански иницијативи во советите.

Дел од вас веќе имате советничко искуство. Какви се размислувањата, дали навистина се покажавте како алтернатива?

Ние сме жива опозиција, но не партиска. Нашиот ефект се гледа во блокирани штетни договори, алармирање за сомнителни трошења и предлози кои ја ставија јавноста на прво место. Покажавме дека може поинаку – со транспарентност, аргументи и истрајност. Алтернатива не значи да викаш „против“, туку да бидеш „за“ – за јавен интерес, за отчетност, за урбана култура, за граѓаните. И тоа е Шанса за Центар. А од нашето искуство, од она што го видовме во овие 4 години во Советот, и од она што го видоа нашите луѓе во минатиот совет како дел од граѓанската иницијатива „Здравје пред профит“ тоа е целосно спротивно на она што го прават партиите.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА