Образовниот систем во земјава повторно ќе се соочи со низа измени, откако со промената на власта се најавија нови реформи. Во рамките на најавените реформи, ќе има и одредени законски промени, од кои дел се изгласаа во Собрание, а другите пак се очекуваат да се носат во наредниот период.
Министерството за образование веќе го донесе новиот предлог Закон за учебници во основното и средното образование, во кој биле интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници, раководството на МОН и на Педагошката служба имале, како што велат, конструктивна работна средба.
Од надлежното министерство потенцираат дека претходното законско решение беше на сила од 2008 година, а новиот закон треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки, какви што биле нотирани до неодамна и да ја поедностави постапката за набавка, со цел навремена испорака во училиштата.
Буџетот за образование – најголем досега
Министерската за образование и наука, Весна Јаневска на одбележувањето на празникот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кажа дека оваа година буџетот за образование е најголем досега и нагласи дека за наука се издвоени 680 милиони денари што е речиси двојно повеќе од минатогодишните 380 милиони денари и веќе се објавени три повици за распределба на средства за реализација на иновативни научно – истражувачки проекти.
„Инвестираме во повисоки плати на професорите и очекуваме ова да резултира со поквалитетни студиски програми и повеќе научни трудови со фактор на влијание. Преземаме законски мерки кон научните институти кои од наука го имаат само зборот во името. Нашата визија е високо образование на европско рамниште“, кажа Јаневска.
Таа информираше дека Националното координативно тело за реформи во високото образование и научно истражувачката дејност кое се формираше минатата година, работи на подготовка на нов Закон за високо образование.
Претходно од Министерството за образование и наука за ПИНА изјавија дека во однос на реформите се делува на сите нивоа и во сите сегменти на образованието – основно, средно и високо.
Како дел од овие реформи, се предвидува етапно воведување на едносменска работа на училиштата и продолжен престој за учениците од основните училишта со воведување на повеќе изборни предмети од интерес на учениците.
„Во делот на средното образование пак, продолжува проширувањето и надградбата на концептот на дуално образование, а со нови наставни програми и учебници ќе се унапреди и квалитетот на гимназиското. Во високото образование, веќе е формирано ново Национално координативно тело за реформи, со кое ќе раководи министерката, а го сочинуваат претставници на МАНУ, универзитетите, бизнис заедницата, институции на системот од областа на образованието, кое ќе направи анализа на постојните состојби и ќе даде насоки по кои ќе треба да се постапува за да се променат работите кон подобро“, информираа од МОН.
Но и покрај тоа што, во последните десет години неколку пати се најавувале реформи, се смени концепцијата на образование, се сменија многу министри, македонското образование останува на дното на рангирањата, според различните меѓународни тестирања.
Според универзитетскиот професор Башким Зивери, земјата останала заглавена во лавиринтот на бескрајните реформи кои резултираат со континуирано влошување на квалитетот на образованието во сите аспекти и во сите области.
„Зачестените реформи за жал не даваат можност да се видат ефектите од нивното спроведување во пракса, бидејќи ниту една од реформите не проживеала доволно долго за да ги види своите плодови. Како резултат на тоа, сите досега ги прогласивме за неуспешни, иако можеби не беа. Постојаната промена на наставната програма, учебниците и целата методологија при нивното спроведување предизвика конфузија и прекумерно оптоварување кај наставниците, особено кај децата кои, како резултат на тоа, почнуваат да губат интерес за учење. Како резултат на тоа, имаме многу лоши резултати на меѓународните рангирања“, изјави Зибери за ПИНА.мк.
Од Форумот за Образовни Промени (ФОП) пак велат дека во земјава всушност немало никогаш вистински реформи во образованието, а таквите реформи се потребни и тоа итно.
„Кој вели дека кај нас имало чести реформи во образованието, лаже. Имаше повремени измени на написи кои во основа воопшто не влијаат на квалитетот на образованието и политичарите ги продаваа како „реформи“, ако прашањето е за вакви реформи, не фала, не ни требаат. За вистински реформи, кои би влијаеле на зголемување на квалитетот во образованието, што би влијаело на „лекувањето “ на функционалната неписменост според ПИСА, со што нашите универзитети би се појавиле барем меѓу 2.000 добри универзитети во светот – итно ни се потребни овие типови на реформи, дури и ние на Форум на Образовни Промени ги повикавме функционерите да ги прогласат реформите во образованието како национална вонредна состојба, произведовме многу неписмени, утре овие луѓе ќе ни бидат доктори, професори и слично“, изјави за ПИНА.мк, Ардит Рамадани од ФОП.
Акцентот да биде ставен на корупцијата и да се спроведе ветинг
ФОП, меѓу другото, бара да се стави акцент на спречувањето на корупцијата во образованието, како и да се спроведе ветинг во образование.
„На пример, бараме седниците на сенатот на државните универзитети да се пренесуваат во живо на „Јутјуб“, бараме ректорите дефинитивно да поминат низ процес на проверка, финансиски и академски, само кај нас се случува да има ректор милионер, ние бараме CV-то на професорите, заедно со просечните оценки од сите циклуси, да биде објавено на веб-страниците на универзитетите, тоа е најмалку што може да се направи“, вели Рамадани.
Според професорот Зибери, на нашето општество му требаат реформи кои ќе ги имаат децата во прв план, што се одржливи и се засноваат на нашите општествени потреби и услови. Реформите, вели тој, треба да содржат современи наставни програми кои се засноваат на активна комуникација меѓу учениците и наставниците, поттикнување на логично размислување и практична примена на знаењето.
„Имаме големи разлики во училишната инфраструктура на државно ниво, што значи дека реформите немаат ист ефект врз децата. Некои основни училишта сè уште немаат спортски сали, додека средните училишта немаат лаборатории за практична или експериментална работа, особено во албанските средини. Секоја реформа мора да биде поддржана со огромни инвестиции во училишната инфраструктура за да успеат образовните реформи. Континуираната обука на наставниците е многу важен елемент за да успеат реформите. Но, мора да се создадат и механизми за контрола на применливоста на таквата обука за време на наставата“, изјави Зибери.
Инаку, во 2014 година во основното образование во земја се воведоа нова наставна програма, таканаречена „Кембриџ“. Иако генерацијата на основците кои учеа по оваа програма требало да учат според оваа програма и во средно образование, проширување на оваа реформа и во средното образование се укина во 2017 година, бидејќи се докажа како неуспешна. Во 2017 се доведе нов концепт на основно образование, по кое сега учеа во второ и во петто одделение. Но сега, новата влада најавува нови реформи и во основното образование.
Но сите овие реформи, не дадоа резултат во квалитетот на образованието во земјата, барем според меѓународните тестирања. На тестирањето на ПИСА (Programe for International Student Assessment), земјата од 2000-та година е на дното на листата.
Во последните резултати на ПИСА објавени на крајот на 2023 година, земјава има драстично назадување во споредба со тестирањето од 2018 година. Од вкупно 81 држави, провинции и територии кои беа вклучени во тестирање на 2022 година, Северна Македонија се најде на 62 место во математика, на 72 место во читање и на 69 место по наука.
Авторка: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА