Шестото издание на Медиумскиот Фестивал Скопје (МФС) ќе се отвори на 22 септември во 20 часот во Кинотека на Македонија со дискусија за новинарството посветено на животната средина, што е и во главниот фокус на овогодишното фестивалско издание.
Колку еколошките прашања, прашањата за животната средина и климатските промени кои влијаат на планетата имаат простор во медиумите, колку се тие важни за новинарството и нашето општество, се дел од прашањата на кои ќе дискутираат новинарите Југослава Дуковска, Кирил Пржо од „Дома“ и Ивана Настеска од „ИРЛ“. Дискусијата ќе ја модерира Даниел Евросимоски од Радио МОФ.
По дискусијата, во Кинотека на Македонија ќе се прикаже и филмот ,,Into the ice”.
Покрај „зелените“ прашања, ПИНА на фестивалот повторно ќе одвои значаен простор за темите посветени на опасностите во новинарската работна средина. Па така, значаен дел од програмата ќе биде посветен и на онлајн вознемирувањето со кое се соочуваат новинарките во Македонија.
Планирани се и повеќе дискусии, работилници и филмови посветени на разни теми важни за новинарството, медиумите и граѓанското општество.
Целосната програма за Медиумскиот Фестивал Скопје ќе биде објавена наскоро на сајтот на фестивалот www.mfs.mk.