ДИК: СДСМ со 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ со 44, ДУИ со 15, Левица со двајца во Собрание

0
141

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратенички мандати, коалицијата „Обнова за Македонија“ освои 44 мандати, ДУИ освои 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива освоија 12, Левица освои 2 и ДПА еден мандат.

Овие резултати ги соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на вечерашната јавна седница со прва точка на дневен ред за објавување на резултатите од предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година.

Како што информираше претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, податоците се врз основа на записниците од општинските изборни комисии. Тој соопшти дека правото на глас го искористиле вкупно 942 334 гласачи од кои вкупен број на важечки гласачки ливчиња се 910 868, а вкупен број на неважечки гласачки ливчиња се 31 466.

Коалицијата „Можеме“ освоиле 327 329 гласови, коалицијата „Обнова за Македонија“ освоила 315 344, ДУИ освоиле 104 587 гласови, Алијансата за Албанците и Алтернатива 81 827 илјади гласови, Левица освоила 37 551 и ДПА со 13 891 глас.

Вебстраницата на ДИК не работи речиси 24 часа, а претседателот Дерковски рече дека тоа е резултат на хакерски напад од надвор, кој веќе го пријавиле во Секторот за економски и компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи. Тој рече дека доцнењето на соопштувањето на резултатите од изборите се поради продолженото време за гласање и дека во текот на целата ноќ и во текот на денешниот ден тие ги прибирале изборните материјали и истите постојано ги обработувале. Неработењето на веб страницата на ДИК и ненавременото информирање на граѓаните за изборните резултати предизвика бројни реакции во јавноста.

Дерковски рече дека по соопштувањето на овие „конечни неофицијални“ резултати, течат два рокови за приговори коишто засегнатите страни може да ги поднесат. Во рок од 24 часа по завршувањето на изборите може да се поднесат приговори за спроведување на изборите, тој рок трае до утре до 21 часот, а приговорот за сумирање на резултатите почнува да тече по вечерашното усвојување на заклучокот на изборните резултатите и ќе трае 48 часа. За овие приговори ДИК има рок од 72 часа да даде одговори. Комисијата едногласно го донесе заклучокот за изборните резултати и веќе тече законскиот рок од 48 часа за поднесување на приговори.

Според Дерковски, во зависност од понатамошните постапки возможни се мали измени во состојбата со резултатите.