Скано: Асимптоматските случаи треба да се изолирани како другите

0
138

Асимптоматските случаи треба да се изолирани како и другите, вели советникот на Светската здравствена организација за Европа, Фабио Скано, при посетата на земјава во врска со епидемијата од ковид-19.

„Како СЗО собираме докази од студии, но со сигурност може да се каже дека потребни се претпазливи мерки и кај асимптоматските лица исто како и за другите. Може да се утврди дека се асимптоматски, но по неколку дена можат да развијат симптоми и е многу важно да се следат зашто така подобро ја разбираме и сфаќаме како напредува болеста. Тие треба да бидат изолирани“, рече Скано на денешната заедничка прес-конференција со министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој рече дека зголемување на бројот на заразени има и во регионот и во Европа, и со тоа Македонија не е исклучок. Скано смета дека зголемувањето на бројот на нови случаи на ковид-19 е и во мерките и во контролите и во самото однесување на луѓето.

Според него, овој вирус нема да си замине и колку ќе бидеме помалку претпазливи тој побрзо ќе се шири.

Во однос на отворањето на границите, тој смета дека тоа се тешки одлуки за земјите, но мора да се балансира и пред се да се има рана детекција на вирусот без негово експлозивно ширење.

„Кога се отвораат границите најважно е да видиме за каква трансмисија се работи, да ги изолираме случаите и да ги ставиме во изолација контактите“, додава тој.

Запрашан за големата стапка на смртност од ковид-19, Скано смета дека не може да се прави споредба меѓу земјите, бидејќи секоја земја води различни статистики.

„Можеби некогаш не се бројат починатите во или надвор од болниците, оние што се потврдени или непотврдени случаи. Но, она што можам да го кажам е дека Северна Македонија е транспарентна во однос на споделување на информациите за луѓето што починале од ковид-19. Ова ни помага да научиме повеќе за болеста“, додаде Скано.