До 20:45 минути собрани се податоците од 3.466 изборни места од вкупно 3.480, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски.
Петнаесет минути пред да заврши гласањето, правото на глас го искористиле вкупно 922.678 граѓани или 50,86 проценти.
„Очекуваме бројката да се зголеми уште малку за тие последни 15 минути“, рече Дерковски.
По изборни единици најголем одѕив има во четворката, а најмала во шестката. Прегледот по изборни единици за секоја посебно изгледа вака: Изборна единица 1 – 52,17 проценти, Изборна единица 2 – 47,97 проценти, Изборна единица 3 – 57,37, Изборна единица 4 – 59,79 проценти, Изборна единица 5 – 50,16 проценти и во Изборна единица 6 – 39,23 проценти.
Дерковски вели дека изборниот ден помина во исклучително сложена и комплицирана ситуација, но поминал добро, со мали исклучоци.
„Можам само да им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет што го покажаа во овој изборен ден“, рече Дерковски.
На десетите по ред парламентарни избори во земјава за првпат се гласаше до 21 часот, како дополнителна мерка за спречување на ширењето на вирусот ковид-19, со што на гласачите им се даде дополнително време со цел да не се создаваат гужви на избирачките места.
Дел од избирачките места беа пренаменети со цел да се постигне препорачаната дистанца и меѓу гласачите и меѓу избирачките одбори и набљудувачи.
Во секој момент се очекуваат и да почнат да се соопштуваат првичните резултати. Граѓаните ќе може да ги следат директно на вебстраницата на Државната изборна комисија, но таа засега се соочува со технички проблеми и има потешкотии со отворањето.