Направив мамографија преку скрининг програмата во мај 2024, а резултати добив дури во ноември кога веќе примав хемо. Сама отидов на ехо во август откако напипав грутка. Ова кусо сведоштво на пациентка со рак на дојка, можеби и најдобро ги отсликува последиците од недостатоците на скринингот кои се бројни во неодамнешниот извештај на Заводот за ревизија.
Анонимната жена го споделила своето искуство во анкетата која меѓу пациентките ја спроведе здружението Хема-онко, а до чии резултати ПИНА имаше увид. Тие само покажуваат како изгледа во пракса она што на хартија, ревизорите го оценуваат како слабост.
Формална организираност, но без јавно-здравствени ефекти
Ревизијата утврдила дека од 2021 до 2024 година, вкупно 20.946 жени направиле мамографски преглед во рамките на организираниот скрининг за рак на дојка, кој иако формално е дефиниран како таков, не постигнува значајни јавно-здравствени ефекти. Затоа, преку него се откриваат многу малку случаи во однос на вкупниот број новооткриени.
Овој скрининг ги опфаќа жените од 40 до 69 години во двегодишен циклус. Тие може да добијат покана со СМС порака, или пак, сами да се пријават електронски.
Ова го сторила штипјанката Манојла Мемишова, која на крајот на 2024 година решила да го направи својот прв мамографски преглед. За ПИНА вели дека изненадувачки брзо добила порака со која ѝ бил закажан термин во клиничката болница во нејзиниот град за помалку од еден месец.
„Во тој момент имав 42 години и немав направено мамографија, иако претходно одев на редовни ехо прегледи. Наодите беа уредни и ги добив за кратко време, а не ми беше наплатено ништо. Потоа дознав дека мамографот во болницата се расипал, па ако годинава нема таков проблем планирам пак да се пријавам на истиот начин“, вели Мемишова.
Радиолозите во оваа клиничка болница во периодот кој го анализирале ревизорите, направиле 919 вакви прегледи како дел од скринингот. Оваа статистика го става Штип на трето место во државата по број на мамографски прегледи во програмата, веднаш зад Скопје (14.978) и Тетово (1698).
Но, искуството на нашата соговорничка е ретко, ако се земе предвид дека жените во просек, резултатите ги добиваат за околу 25 дена. Заводот за ревизија констатирал дека некои чекаат и по повеќе од два месеца.
Тоа го доведува во прашање квалитетот на дијагностиката и нејзината навременост, бидејќи нема временски рокови од реализирање на прегледот до издавање на резултатите.
Кабинетите за дојка со ограничени капацитети
Паралелно, кабинетите за дојка во јавните здравствени установи (ЈЗУ) имаат ограничени кадровски и организациски капацитети, а тоа го отежнува понатамошното постапување кај жените кои добиле сомнителни или позитивни наоди.
Податоците покажуваат дека зголемениот обем на активности поврзани со скринингот има влијание врз достапноста на редовните термини во одделите за радиологија, при што во дел од ЈЗУ е евидентирано намалување на бројот на редовни термини за дијагностички и контролни прегледи – наведуваат ревизорите во извештајот.
Токму таквиот намален број на редовните термини, ги оневозможува веќе дијагностицираните пациентки да ги направат контролните прегледи. Тие овој проблем го посочиле и во анкетата на здружението Хема-онко, според чии податоци, само нешто помалку од 4 проценти, ја откриле болеста преку организираниот скрининг.
Речиси 74 отсто од испитаничките, пациентки со рак на дојка, одговориле дека редовните контролни прегледи ги прават во приватните установи. Но, најголем дел од оние кои сепак успеале да добијат термин во државните кабинети за дојка, чекале и по повеќе од три месеци.
Една од пациентките посочила дека за да дојде до резултати ѝ се потребни лични контакти, а друга дека за нив чекала толку долго што морала да ја одложи и редовната контрола кај својот онколог.
Но, една од анкетираните жени наведува дека за време на лекувањето, секогаш се плашела дали ќе има терапија или ќе ѝ биде одложена. Во својот одговор понатаму, таа порачува дека „мора да се направи национална стратегија за едукација и превенција“.
„Потребна е рана детекција и успешно лекување со најнови лекови и протоколи како во најмодерните здравствени центри“, додава таа во одговорот.
Марјановиќ: Недостатоци на повеќе нивоа
Со сличен став е и Ана Марјановиќ од Хема-онко која коментира дека за да биде успешен скринингот, многу работи мора да се променат бидејќи, според неа, недостатоците се на повеќе нивоа.

„Нема системско повикување на пациентите, туку тие најчесто сами се пријавуваат. Недостига медицински кадар, особено надвор од главниот град. Нема јасно дефинирана патека што следува по првиот преглед, па пациентите често остануваат сами да се снаоѓаат“, вели Марјановиќ за ПИНА.
Таа забележува и на недостигот на централен регистер, поради што, системот нема увид дали пациентот направил дополнителни испитувања, дали почнал со лекување или се „загубил во системот“.
„Немањето регистар остава простор за лажно позитивни резултати или за пациенти кои воопшто не се јавуваат на понатамошно лекување. Системот мора да има континуитет и контрола. Ако се најде промена следниот чекор е биопсија, која ќе потврди дали станува збор за рак. Доколку пациентот одлучи тоа да го направи приватно, резултатите без разлика дали се позитивни или негативни мора да бидат внесени во системот“, нагласува Марјановиќ.
За разлика од успешните скрининг програми во другите земји, посочува таа, кај нас нема доволно развиен систем на активно повикување од институциите. Паралелно, нема ниту механизми на одговорност за пациентите кои не ги следат препораките или не се јавуваат на повик.
Во изјава за ПИНА, таа вели и дека и матичните лекари треба да имаат евиденција за тоа која жена кога треба да оди на преглед.
„Исто толку важно е и континуираната контрола на лекарите кои ги читаат резултатите за да се детектираат и коригираат оние со висок процент на пропусти, бидејќи тие пропусти директно влијаат на дијагностиката“, додава Марјановиќ.
И овој став не е случаен бидејќи и нејзината приказна како онколошки пациент почнува со зборовите на докторката „ништо страшно, контрола за шест месеци“, иако симптомот односно грутката на левата града сама ја почувствувала.
„И покрај тоа што беше време на корона, по шест месеци отидов на контрола. Докторката се обиде да ме врати со објаснување дека „ехото е чисто“. Но грутката се напипуваше. Инсистирав да ја провери со рака. Дури тогаш повторно направи преглед и призна дека не е сигурна што гледа, па предложи биопсија. Но биопсијата требаше сама да си ја закажам на Торакална хирургија“, раскажува Ана која во тој момент имала 38 години.
Поради возраста, не можела да влезе во скрининг програмата за мамографски преглед, кој всушност, воопшто не ѝ ни бил предложен и покрај неуредниот наод. Побарала и второ мислење, но овојпат, во приватна установа. Таму, во истиот процес со ехо преглед, ѝ била направена не само мамографија туку и биопсија.
„Така треба да изгледа секој скрининг да се знаат чекорите, да се знае патеката. Не можете на пациент да му кажете дека постои сомнеж, а да не го упатите што е следно. Тоа не е систем тоа е оставање на пациентот сам да се снаоѓа“, заклучува Ана.
Пораст на бројот на новодијагностицирани
Бројот на пациентки кои се лекуваат од рак на дојка при Клиниката за радиотерапија и онкологија, расте. Лани таму се регистрирани 1001 нова пациентка, за разлика од 2024-та кога нивниот број бил 883.
Нивната просечна возраст е околу 59 години – велат од Клиниката за ПИНА.
Во групата на пациенти под 30 години, болеста е ретка: евидентирани се 5 нови пациенти во 2024, 4 во 2025 и 1 пациент во првите три месеци од 2026 година – додаваат од оваа институција.
Повикувајќи се на податоци од таму, Заводот за ревизија информираше дека на оваа Клиника, над 80% од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што укажува дека најголем дел од случаите не се откриени во рана фаза, како очекуван резултат од организиран скрининг.
Со него годинава треба да бидат опфатени повеќе пациентки, а Министерството за здравство тоа планира да го постигне преку унапредување на електронското следење на скрининг процесот, зајакнување на контрола на квалитетот и засилени информативно-промотивни активности.
Здравствените власти во писмен одговор до ПИНА, најавуваат и аналитичка обработка, евалуација и развој на модул за скрининг досие, со цел подобро следење на опфатот, одѕивот и патеката на пациентката.
Но, за да постапи по препораките на Ревизија, здравствените власти ќе треба континуирано да спроведуваат промотивни активности за да ја информираат и мотивираат целната популација. Во десетиците препораки од ревизорите, Министерството ќе треба да преземе и одредени активности со Фондот за здравство, со Управата за електронско здравство, како и со дел од институтите.
Годинава предвиден опфат на 15.000 жени во скринингот
Целокупната програма за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во кои се вбројува и карциномот на дојка, годинава чини 23.000.000 денари. Од ресорното министерство, за ПИНА велат со неа во скринингот за овој тип малигнитет, би биле опфатени 15.000 жени.
Лани, во рамките на скринингот, мамографски преглед направиле 12.990 жени, додека една третина од повиканите не се појавиле на закажаниот термин. Најголем број скрининг снимања се реализирани на Институтот за радиологија, а надвор од рамките на програмата, се прегледале 9.423 жени.
Во периодот од 2021 до 2024 година на поканата се одзвале 9.065 жени. Во овој период, просечниот одзив бил околу 23,5 %, а над половина од прегледаните жени сами се пријавиле за скрининг преку веб порталот.
Авторка: Вања Мицевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





