Почетна Анализи Имаме одлични професори, немаме систем да ги задржиме младите

Имаме одлични професори, немаме систем да ги задржиме младите

Македонскиот образовен систем и пазарот на труд со години функционираат во паралелни линии кои ретко се допираат. И покрај постоењето на квалитетен наставен кадар и бројни образовни институции, економијата и понатаму се соочува со недостиг на практично обучени млади луѓе.

0
24
Фото: Маја Терзиова, ПИНА

Бизнис заедницата, стопанските комори и претставниците на компаниите сè појасно укажуваат дека иднината на економијата зависи од тоа колку образованието ќе биде усогласено со реалните потреби на пазарот на труд. Во спротивно, државата ќе продолжи да создава кадар кој или заминува во странство или не може веднаш да се вклучи во работниот процес.

Бранко Азески | Фото: Маја Терзиова, ПИНА

Бранко Азески од Стопанската комора на Македонија вели дека компаниите не бараат само теоретско знаење, туку практични вештини и кадар кој непосредно може да започне со работа.

Според него, дуалното образование е клучен механизам за создавање на таков кадар. Со години постојат обиди за поголема соработка меѓу училиштата и компаниите, но процесот оди бавно и недоволно системски. Бизнис заедницата, додава, веќе активно учествува во обуки и практични програми, но тоа сè уште не е дел од целосно функционален систем.

Азески предупредува дека без силно образование не може да има ниту економски развој, ниту стабилна држава. Образованието, според него, е основата врз која се гради секоја економија.

Сами Морина од Стопанската комора на северо-западна Македонија дополнително ја нагласува потребата од практична настава уште од најрана возраст. Според него, младите мора да се запознаат со реалниот пазар на труд додека се сè уште во образовниот процес.

Посочува дека постои недоволна координација меѓу образовните институции и бизнис секторот, што резултира со неусогласеност меѓу понудата и побарувачката на работна сила.

Морина смета дека практичната обука и професионалната пракса треба да станат задолжителен дел од образованието, почнувајќи уште од средно училиште. Воедно, државата треба да креира механизми и стимулативни мерки за компаниите да се вклучат во образовниот процес.

Образованието денес ја креира економијата утре

Орце Симов од Сојузот на стопанските комори на Македонија ја поставува пошироката слика: квалитетот на образованието денес директно ја одредува економијата за 15 до 20 години.

Орце Симов | Фото: Маја Терзиова, ПИНА

Тој предупредува дека голем број млади заминуваат од државата поради незадоволство од системот, бавен напредок и недоверба во институциите. Дополнително, статистиките покажуваат сериозен проблем — многу мал процент од студентите навистина го завршуваат образованието.

Симов смета дека решението е во сериозни инвестиции во образованието, особено во наставниот кадар. Зголемување на платите и подобрување на условите за работа се неопходни мерки, чии резултати ќе се видат долгорочно, но се клучни за иднината.

Генерациски јаз и нови очекувања на пазарот на труд

Една од најконзистентните пораки од соговорниците е дека Македонија има квалитетни професори и наставници, но тие работат во систем кој не ги поддржува доволно.

Проблемот не е во луѓето, туку во структурата. Недоволната поддршка, ниските плати и недостигот на модерни образовни политики го намалуваат ефектот на наставниот кадар, иако нивното знаење и потенцијал се значителни.

Ова води кон ситуација во која образованието не ја исполнува својата основна функција,

Дарко Велков (лево) | Фото: Маја Терзиова, ПИНА

создавање кадар кој ќе остане и ќе придонесува во државата.

Дарко Велков од „Вработување.ком“ го отвора прашањето за генерацискиот јаз меѓу младите и компаниите. Според него, проблемот не е само во образованието, туку и во очекувањата на новите генерации и барањата на работодавачите.

Младите очекуваат брз напредок, јасна кариера и високи плати, додека компаниите бараат практични вештини, одговорност и самостојност. Ова создава несогласување уште на самиот почеток од работниот однос.

Велков вели дека образованието е премногу теоретско, додека реалниот сектор бара критичко размислување и практично искуство. Според него, дуалното образование и практичната работа се единствениот начин да се намали овој јаз.

Синиша Наумоски, генерален директор на факултетот Хајделберг, вели дека токму мисијата на таа институција е да понуди образование кое ги поврзува академското знаење, практичната работа и директната соработка со компаниите.

Синиша Наумовски | Фото: Маја Терзиова, ПИНА

„Мора конечно да започнеме да создаваме млади луѓе подготвени за реалниот живот и за компаниите. Најголемата инвестиција денес не се згради, автомобили или бројки на сметка. Најголемата инвестиција е образованието што можеме да им го дадеме на младите“, додава Наумоски.

Димитар Клисаровски од Шведско-македонската стопанска комора вели дека нема единствен идеален образовен модел, туку треба да се комбинираат најдобрите практики од различни земји.

Како пример ја наведува Шведска, каде образованието е силно поврзано со реалниот сектор. Учениците уште од рана возраст се вклучуваат во компании и се запознаваат со реалната работа, но и со вредности како тимска работа и адаптација.

Димитар Клисаровски | Фото: Маја Терзиова, ПИНА

Во Шведска, над 90% од студентите поминуваат практична работа од најмалку шест месеци, што значително ја олеснува нивната транзиција на пазарот на труд.

Клисаровски смета дека оваа практика треба да се имплементира и во Македонија, бидејќи директно влијае на задржување на младите и намалување на одливот на кадар.

Авторка: Маја Терзиова 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.