Охридскиот регион и по децениските предупредувања и препораки се соочува со сериозна еколошка и урбанистичка криза, пред сè поради растечкиот број на дивоградби и несоодветната заштита на природното и културно наследство.
На 8 јули, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи да не го стави Охрид на листата на светски локалитети во опасност – барем не во нареднава година. Оваа одлука беше поздравена од централната власт, а претставена како дипломатски успех и доказ за посветеноста кон зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО.
Но, слични „триумфи“ се случија и во 2021 г. и 2023 г. кога и тогашната власт предводена од СДСМ и ДУИ тврдеше оти успеала да го одбрани статусот. Но зад овие политички изјави, суштинските проблеми остануваат нерешени.
По последната објава дека Охрид добива нова едногодишна шанса, премиерот Мицкоски најави ангажирање на приватна фирма која ќе биде овластена да работи на рушење на диво изградените објекти кои се во голем број како еден од начините за Охрид да го задржи статусот.
Оваа најава доаѓа во време кога е забележливо отсуство на конкретни чекори на терен и покрај тоа што уште во 2019 година беа издадени повеќе решенија за уривање, особено во охридската населба Горица и кај каналот Студенчиште.
Еколошка и урбанистичка криза во Охридскиот регион
Во Охридскиот заштитен регион, според истражувањата на невладините организации има повеќе од 1.000 дивоградби, од кои најмалку 400 се во строго заштитени подрачја – долж крајбрежјето, во Стариот град, Националниот парк Галичица, Струга, зоната на Студенчишко Блато…
Иако УНЕСКО уште пред осум години препорача мораториум на сите градежни активности, додека не се изготват нови урбанистички планови и не се финализира регистар на нелегални објекти, голем дел од овие мерки сè уште не се спроведени.
Мораториумот е повеќе формален отколку реален – градежните активности продолжуваат, а процесот на легализација или пак уривање тапка во место. Според извештаите, само мал дел од нелегално изградените објекти се уриваат, додека дел од нив, помалку парадоксално, се легализираат и покрај тоа што се изградени на заштитени подрачја. Институциите честопати се повикуваат на „правни нејаснотии“ или пак на недостиг на капацитети, додека активистите укажуваат на клиентелизам, политички влијанија и корупција.
Централен проблем е недовршениот процес на урбанистичко планирање. Општина Охрид сè уште нема усвоено нови Генерални и Детални урбанистички планови за поголем дел од територијата. Без овие планови, нема ни правен основ за легализација, уривање или заштита на просторите. Покрај тоа, регистарот на дивоградби не е целосно ажуриран, а не постои транспарентен јавен увид во неговата содржина. Иако Владата изработи Стратегија за управување со доброто, дел од клучните активности од планот за спас на регионот постојано се одложуваат, со што се губи довербата дека ќе се постигнат реални резултати.
Во Струга, пак, ситуацијата е уште посложена. На територија на општината има најмалку 300 дивоградби во крајбрежниот појас – голем дел од нив се угостителски објекти, платформи и приватни вили на самиот брег на езерото, вклучително и во близина на реката Црн Дрим и околу селата Радожда и Калишта.
Инспекциските органи речиси и да немаат присуство, а според неформални информации некои од објектите се во сопственост на локални политичари или поврзани со бизниси блиски до власти во изминатите години. Струга досега речиси воопшто не спровела уривања, а дел од објектите се предмет на судски спорови.
Граѓанските организации како глас на совеста
Во меѓувреме, не изостануваат реакциите од граѓанскиот сектор. Над 40 домашни и меѓународни организации, испратија заедничко писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со јасно барање – Охридскиот регион конечно да се стави на Листата на светско наследство во опасност. Во писмото се наведува дека речиси ниту една од 19-те препораки од 2017 година не е спроведена, додека пак „заканите по регионот“ се зголемуваат – од продолжена изградба на автопат, до урбанистички проекти без еколошка или културна проценка.
Во посебен граѓански извештај, организациите констатираат дека само една препорака е делумно спроведена, додека сите останати, особено оние поврзани со уривање дивоградби, стопирање урбанизација во Студенчишкото Блато и ажурирање на урбанистички планови – се игнорирани. Преку документирани примери, се покажува како институциите избегнуваат транспарентност, а извештајот заклучува дека состојбата не само што не е подобрена, туку е значително влошена.
Од граѓанската коалиција „Фронт 21/42“, која повеќе од една деценија работи на мониторинг, анализа и застапување на заштитата на Охридскиот регион, велат дека одлуката на УНЕСКО не смее да се толкува како дипломатски успех, туку како уште едно алармантно сведоштво за тоа како институциите во земјава свесно ги избегнуваат суштинските обврски за зачувување на светското наследство. Според Искра Стојковска, долгогодишна активистка и истражувачка, одлуката на Комитетот е повеќе политички компромис отколку објективна оценка на теренската реалност. Зад славеничките изјави на властите, додава таа, се крие суровата вистина – практично ниту една од главните обврски што државата ги презела не е исполнета. Наместо навремено да се ревидираат урбанистичките планови, да се отстранат дивоградбите и да се воспостави систем за постојан мониторинг, институциите продолжуваат со површна бирократија и козметички потези.
„Актуелната власт, исто како и два пати претходно тогашната власт (а сегашна опозиција) јасно демонстрираше отсуство на свест за државност и одговорност, од изјавите пред и по одлуката очигледна беше целосната опседнатост со партијата. И едните и другите уште еднаш ни покажаа дека за нив единственото значење на највредното богатство на земјата е каква функција ќе има во контекст на имиџот на сопствената партија и онаа на противниците. Обврските (за зачувување и реставрирање на вредностите) ни најмалку не ги интересираат, ниту оваа, ниту било која претходна власт и на локално и на државно ниво – ова одговорно го тврдиме врз основа на 11 години секојдневна работа на Охридскиот Регион (и стотици претставки, судски случаи, петиции, итн.)“, вели таа.
Стојковска објаснува дека речиси секоја експертска мисија или посета на терен укажува на влошување, а не подобрување. Наместо реставрација и заштита – се бележат нови дивоградби, нови проекти без еколошки студии и сè помалку транспарентност. Како флагрантен пример го посочува случајот со риболовната основа, каде наместо забрана за лов на ендемската пастрмка, како што бараа експертите, квотата е зголемена. Според неа, Општината не само што не ги отстранила баровите и рестораните, туку им ги продолжила концесиите.
Најалармантен случај, според неа, е Студенчишкото Блато, кое од подрачје со меѓународна заштита станува урбанистички експеримент, а неговата егзистеницја е под закана од приватизција, бетонски патеки, платформи и урбани проекти.
„Состојбата на блатото е алармантно лоша со години и на потребата за негова итна реставрација експертите предупредија во 2012 година. За време на мисијата на Бернската конвенција во 2023 година, кон која се приклучија како набљудувачи УНЕСКО и Рамсарската конвенција, случајно „фативме“ дел од разговор меѓу експертите на Бернската и Рамсарската конвенција, кои ужаснати од од тоа што го затекоа на терен се согласија дека „македонските власти немаат поим колку е страшно, ако итно не почнат со реставрација за 5 години нема да има веќе блато“. Ако за 5 години нема блато, за 50 нема да има езеро“, појаснува таа.
Подеднакво критични се и областа „Горица“, Св. Наум, Националниот парк Галичица. Очекувано, активистите се скептични дека проблемите ќе започнат да се отстрануваат набрзо. Велат, нивните очекувања се дека ќе продолжи заштитата на криминалот и трошењето на време со изработка на нови документи со истите активности, но со нови декларативни рокови. Во однос на изјавите дека наскоро ќе почне со рушење на дивоградби, оттаму велат:
„Кој ќе ги руши дивоградбите е ирелевантно, она што нас не загрижува во изјавите на премиерот е фокус на дивоградбите кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснале во станбени објекти и најава на откривање на злоупотреби од претходната власт – никаде не ги спомена хотелскиот комплекс во Горица, дивоградбите во Студенчишко блато и Горица Север, кои УНЕСКО втора година по ред директно ги адресира во одлуките, а кои опстојуваат благодарение и на претходната и на оваа власт.“
Културното наследство на испит – дали државата и локалната власт ги слушаат алармите?
Како градските власти ги адресираат проблемите? Дали реалноста на терен ќе се промени суштински и дали последното предупредување од УНЕСКО го вклучи црвениот аларм во државниот апарат?
На овие прашања не добивме одговор од локалната власт, која можеби ја игра најклучната улога и која е најзасегната од настанатата ситуација, иако неколкупати се обидовме да стапиме во контакт со нив, со телефонски повици, прашања испратени на официјалната електронска пошта на општината, а воедно неколку денови бевме присутни и во Охрид и во Струга.
Во недостиг на комуникација на официјалните лица на градот по кој единствениот регион кој во земјава е под закрила на УНЕСКО и според многумина едно од најстарите природни езера во Европа го носат своето име, одговори побаравме и од министерството за транспорт. Оттаму во не толку опсежниот одговор кој ни го доставија меѓудругото се вели дека во моментов располагаат со бројка од околу 400 објекти кои се во постапка на легализација на охридско-струшкото крајбрежје, но и дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам кој е под капата на министерството има надлежност да постапува по дивоградби во заштитеното подрачје, односно централното градско јадро, додека пак сѐ останато е во надлежност на општините.
„Исто така сакаме да Ве информираме дека Министерството за транспорт распиша јавен повик за уривање на бесправно изградени објекти. Предвидени средства за оваа намена согласно јавниот повик се 5, 9 милиони со ДДВ, а рокот за пријавување е до 7 август. Во однос на бројката за дивоизградени објекти во Охрид и Струга, Ве упатуваме да се обратите до конкретните општини бидејќи согласно Закон тие се должни да водат регистри за дивоизградени објекти“, велат од Министерството за транспорт.
Министерството за култура и туризам е еден од многуте државни органи кои се директно инволвирани во процесот на заштита на културното наследство, координација со УНЕСКО, финансирање на проекти за заштита, како и за изработка на планови и нивно имплементирање. Во последниот извештај, токму овој ресор беше еден од најкритикуваните во однос на непостапувањето и недоволната интер-институционална координација. Министерството честопати е и најпрозивана институција кога станува збор за недостаток на ефикасна заштита на културното наследство во заштитените зони.
Оттаму, за Пина.мк велат дека согласно последниот извештај и апропо последното одложување, Македонија и Албанија се обврзани најдоцна до први февруари 2026 г. Да достават заеднички извештај до Центарот за светско и културно наследство, во кој треба да се прикаже напредокот во спроведувањето на препораките и одлуките на Комитетот, а документот да биде разгледан на неговата 48. Сесија истата година. Во извештајот, треба да бидат опфатени сите досега реализирани, тековни и планирани активности од страна на државните институции, локалните самоуправи и засегнатите страни, со цел да се отслика реалната состојба со заштитата на прекуграничното природно и културно наследство на Охридскиот регион.
„Зачувувањето на светското наследство бара интердисциплинарен и комплексен пристап, кој вклучува координација меѓу владините институции, локалната самоуправа и сите засегнати страни – од урбанизам и култура, до одржлив туризам, животна средина и економски развој“, велат оттаму.
Иако управувањето со доброто е комплексен процес, како што наведуваат од Министерството за култура и туризам, се преземаат напори за да се спречат најголемите закани врз автентичноста и интегритетот на регионот. Тоа, меѓу другото, подразбира воведување иновативни модели на управување кои ќе бидат ефикасни и во поширокиот прекуграничен простор околу Охридското Езеро.
„Иако процесите на управување со Охридскиот регион се исклучително сложени, вложуваме максимални напори за спречување на најголемите закани врз автентичноста и интегритетот на доброто, преку активности што одговараат на препораките на УНЕСКО“, одговорија од Министерството за култура и туризам.
Министерството потенцира дека двете влади – на Македонија и Албанија, мора да играат централна улога во обезбедувањето одржлив развој, прекугранична координација и заштита на исклучителната универзална вредност на регионот. И покрај одлуката на Комитетот за светско наследство, реалноста на терен не се променила суштински. Дивоградбите стојат, институциите доцнат, плановите не се финализирани, а јавноста е сè повеќе скептична. УНЕСКО ја остави Македонија со уште една шанса, но тоа не е признание туку последно предупредување. Наместо славење, потребна е мобилизација: јасен регистар, транспарентна стратегија, итно рушење и јавна одговорност. Само така Охрид ќе може навистина да го задржи статусот на светско наследство – не само на хартија, туку и во реалноста.
Автор: Михаил Милошевски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





