Фер застапеност или политички ризик: што би значела ,,една изборна единица“

0
62
Фото: Unsplash

Од независноста до денеска, дебатата за реформа на изборниот систем во Македонија повремено се актуелизира, но главно пред избори. Една од идеите која доминира во плеадата реформи е несомнено воведувањето на една изборна единица наместо постоечките шест, бидејќи на овој начин потенцијално би се решиле неколку клучни проблеми во македонскиот политички систем. 

Низ годините оваа идеја повремено се појавува како предлог, пред се промовирана од помалите партии, но досега истата се чини дека уште е далеку од тоа да може да стане реалност. Еден од главните аргументи за воведување на една изборна единица е тоа што на тој начин македонските граѓани и гласачи би биле поправедно застапени во законодавниот дом. Според актуелниот Донтов модел, значителен број на гласови остануваат нераспределени оти најголемите политички партии го собираат кремот од нивото на концентрација на гласачи кои одбираат да го дадат својот глас за еден од поголемите политички субјекти, на сметка на помалите.

Со воведувањето на една изборна единица, би можело овие гласови да се искористат поефективно, бидејќи системот создава нееднаквост во тежнината на гласовите меѓу различните изборни единици, или симплифицирано, во одредени изборни единици како на пример шестката, пратеник се станува со 6 000 гласови, додека пак во единицата се потребни и до 10 000 гласови. Токму со воведувањето на една изборна единица би се елиминирала оваа дискрепанца.

Но, воведувањето на една изборна единица би дала поголеми можности за помалите партии, па токму затоа оваа тема е камен на сопнување и барем досега декларативна заложба на поголемите политички субјекти во земјава, кои не покажаа политичка волја да посегнат кон вакви промени. 

Со потенцијално воведување на систем со една изборна единица, помалите политички партии би имале поголема застапеност во Собранието со што би се избегнало коалицирањето со други политички субјекти пред избори оти на тој начин се губи нивниот политички идентитет. Овој систем би овозможил помалите партии да ги соберат гласовите од целата држава, наместо да се борат за да ги достигнат високите прагови во изборните единици што пак, само по себе би значело и поголем диверзитет во Собранието. 

Како помалите партии би добиле повидлива репрезентативност?

Ова прашање е жешка тема за големите партии повеќе од дваесетина години, бидејќи иако декларативно се залагаат за ваква промена, сепак општо познато е дека тие не би сакале да го поделат колачот со нивни „соперници“. 

Поранешниот министер за внатрешни работи и долгогодишен пратеник во македонското Собрание, Павле Трајанов со неговата партија повеќе од две децении се залага Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен систем кој ќе го применува Донтовиот модел и без изборен цензус, но и со отворени листи во подоцнежните изборни циклуси. 

Трајанов за Пина.мк вели дека овие промени се потребни за да се демонтира актуелниот „двопартизам“ (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ н.з), и оти на овој начин ќе се зајакне одговорноста на владејачкото мнозинство, оти во Собранието ќе бидат застапени интересите на граѓаните и одлуките за круцијалните прашања би се носеле со учество на повеќче политички партии што пак ќе обезбеди поширок граѓански и политички консензус. 

„Поширока аргументирана транспарентна политичка расправа е здрава за демократските процеси, отвора можности за нови идеи, соочување на истите и поизострен и објективен суд на јавноста и граѓаните во целост. Поларизацијата во некои случаи при отворање на системски промени во државата е неминовна и енергијата што се појавува во такви процеси може да ги забрза овие измени“, вели Трајанов.

Претседателот на Демократски сојуз вели и оти неговата партија е единствената во земјава која подготвила анализа на изборните модели и подготвила проект за Македонија да биде една изборна единица и дека досега, два пати доставиле предлог закон за измени на изборниот законик. Како што вели тој, измените се подготвени врз основ на поширока експертска и меѓупартиска расправа, но ниту досега, ниту пак во иднина нема да биде постигнат целосен политички консензус на кој се повикуваат противниците на овие промени. 

Проблемите според Трајанов вели се надминуваат само со поширока расправа за моделот на пресметка на пратенички мандати и на електронското броење на гласовите. 

„Демократски сојуз е партија која постојано инсистира за промена на изборниот модел и тоа ќе го правиме и во иднина. Една изборна единица значи огромен демократски исчекор. Многу е важно секој пратеник да има иста граѓанска поддршка. Не е прифатливо зад некој пратеник да стојат 10 илјади гласови, а зад некој само 6 000 гласови. Инаку на секои парламентарни избори по околу 100 000 гласачи се без свои претставници во Законодавниот дом“,заклучи Трајанов.

Друга партија која активно лобира и се залага за Македонија да стане една изборна единица е Либерално демократската партија (ЛДП). Претседателката Моника Зајкова за Пина.мк вели дека токму нејзината партија е една од оние кои во јавноста ја пласираа оваа идеја, и оти во минатиот парламентарен состав била подносителка на Измените на изборниот закон со кој се бараше една изборна единица без изборен праг и подеднаква застапеност на мажите и жените во Собранието. Таа нејзиниот предлог го темели на фактот што според неа на тој начин, многу гласови нема да одат во ветер односно да се залудно дадени и дека и тоа како ќе има поправедна застапеност на гласот.

„Моментално Македонија иако е плуралистичко општество во пракса е бипартизам односно сведочиме како две партии од македонскиот блок и една до две од албанскиот се креатори на секоја Влада. Сметам дека е поправеден изборен модел и ќе придонесе за поголема шареноликост на парламентот. Можеби ќе влезат порадикални или полиберални идеологии, но сепак ќе ја отсликува вистинската волја на граѓаните и ќе се избегнат тие предизборни коалицирања на кои се приморани многу условно кажано помали политички партии“, вели Зајкова.

Таа вели дека ова прашање бара поширока дебата и оти се предвидени различни модели кои би требало да бидат тема на разговор. 

„Со актуелниот изборен модел со шест изборни единици не се почитува волјата на секој гласач. Педесетина илјади освоени гласови одат во ветер односно се случува и со толку освоени гласови да  останете без пратеник, односно без претставник во парламентот, што значи дека волјата на 50 до 100 илјади граѓани не е испочитувана и тие немаат свој репрезент во законодавниот дом. Со нов изборен модел ќе дојде до израз секоја идеологија и изборна програма“, заклучи Зајкова.

Претседателката на ЛДП вели и дека тие се подготвени за дебата на која би можела секоја страна да ги изнесе аргументите оти само така ќе може да се создаде решение кое би било најдобро и за државата и за граѓаните. 

Одговори побаравме и од партијата која во два изборни циклуси најмногу „настрада“ од моменталниот изборен законик – партијата Левица. Иако неколку пати стапивме во комуникација со официјално лице од партијата и ни беше кажано дека се спремни да го соопштат својот став во однос на ова прашање, останавме покуси за одговор и покрај фактот што оставивме две недели за тие да се произнесат.

Постојат ли и негативности од реформата во изборниот модел?

Но, и покрај очигледните предности, идејата за една изборна единица секако дека има и свој одредени предизвици. Една од главните е тоа што на овој начич парламентот би бил фрагментиран, што пак потенцијално носи можност за поголема нестабилност на некоја идна Влада. Со поголем број на партии се зголемуваат тешкотиите за формирање на стабилни коалиции, а постои и загриженост дека со ваков систем, би можело да се наруши географската репрезентативност, оти на врвот на листите би биле кандидати од главниот град Скопје и уште неколку поголеми градови во земјава. 

Одговори побаравме од двете најголеми македонски политички партии – владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ… Иако прашањата беа уредно доставени на електронските пошти на двете политички партии, одговори не добивме. Една седмица подоцна, се обидовме уште еднаш, испраќајки ги прашањата повторно, а овојпат ги контактиравме и партиските портпароли, од кои иако добивме уверување дека овојпат ќе добиеме одговор, сепак и овој обид остана јалов.

Како до подобра застапеност на гласачот во Македонија?

Воведувањето на една изборна единица во Македонија претставува значаен чекор кон подобрување на политичката репрезентација и демократизација на изборниот процес. Иако постојат предизвици, потенцијалните придобивки од поголема инклузивност и поправедна застапеност на граѓаните во Собранието се клучни аргументи за поддршка на оваа реформа. 

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски за Пина.мк вели дека прашањето за воведување на една изборна единица треба да се отвори сега, а не пред избори како што често милуваат да прават партиите, бидејќи на овој начин ќе се направат навремени стручни анализи како и дебати, а како што вели тој лично најмногу ја застапува идејата за една изборна единица но со задолжителен праг. 

„ Со таква реформа ќе се намали политичката поларизација, ќе се зголеми конкуренцијата, но сепак со еден прифатлив праг партиите кои ке изборат место ке бидат посилен политички фактор во парламентот. Ќе нема предизборни коалиции во тој обем, бидејки сега навистина не се знае кој со кого коалицира и секогаш се коалицира со партии кои немаат никаква поврзаност во однос на тоа за што се залагаат. Ќе се зголеми конкуренцијата но и ке се направи и еден вид прочистување на списокот на регистрирани партии“, рече Новаковски.

Дополнително, вели тој, земјава треба да ги земе позитивните примери и искуства од европските земји и да се започне со работа. Вели, очекува отпор кај одредени политички партии на кои овој начин на прераспределба на гласови не им оди во корист, но со добри аргументи смета дека и тој отпор би бил надминат.

„Да напоменам тоа нема да е лесна работа, затоа треба време, бидејки партии кои се против ке ја опструираат работата. Еден пример – кога бев Претседател на работната група за измени на изборниот законик, направивме одличен текст и го предадовме на Министерството за правда. Тие измени не се најдоа ни на дневен ред а се вложи труд од голем број експерти. Таа работна група требаше да продолжи со работа за изработка на нов Изборен законик ,а дел од тоа ќе беше и ова прашање“, заклучи Новаковски.

За да се остварат овие промени, очигледно е потребен широк политички консензус и темелна анализа на сите потенцијални ефекти. Но, она што е важно е дека доколку се донесе оваа реформа, учество во нејзиното креирање треба да земат сите релевантни чинители во општеството оти само така може да се обезбеди долгорочно подобрување на демократските процеси во земји и поголема доверба на граѓаните во политичкиот систем. 

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА