
Во општество во кое мајчинството најчесто се прикажува како исклучиво радосно и исполнувачко искуство, ретко се слушаат гласовите на жените кои живеат поинаква реалност. Истражувањето „Кој се грижи? Мајчинство, ментално здравје и невидливиот товар на очекувањата“, спроведено од Реактор – Истражување во акција, покажува дека мајчинството е далеку од романтизираната слика што доминира во јавниот дискурс.
Според податоците од истражувањето, во 2022 година постпородилна депресија се манифестирала кај 27,6 проценти од младите мајки, додека 27,8 проценти биле погодени од умерена до екстремна анксиозност.
Данче Азманова Мирчевска, основачка на Платформата Working Mom за ПИНА.мк раскажува за периодот на мајчинството, како период во кој била осамена и се соочила со постпородилна депресија.
„Платформата Working Mom се роди од една многу лична, па дури и болна точка на мојата осаменост. Иако по потекло сум од Струмица, мајчинството ме затекна во Скопје, во период кога моите најблиски пријателки беа далеку, во родниот град или преселени во странство’’ вели Азманова Мирчевска.
Секојдневието, како што опишува, било исполнето со долги прошетки низ нејзиното маало во Влае, Ѓорче Петров со количка со бебе, постојано прашувајќи се: „Зошто не се чувствувам пресреќно, како што нели ти налага општествениот наратив за мајчинството?
За неа најголемиот предизвик во тој период, бил соочувањето со постпородилната депресија – состојба која, иако теоретски ѝ била позната, не успеала веднаш да ја препознае кај себе.
„Имав денови на екстремна среќа, но и денови на целосен емотивен пад, без некоја особена причина“, вели таа.
Само три месеци по породувањето, инспирирана од серијата „Working Moms“, ја основала платформата со мисија ниту една жена да не мора да бира помеѓу тоа да биде успешна професионалка и посветена мајка.
Таа вели дека со растот на заедницата, сè поотворено се зборува на теми поврзани со ментално здравје, нагласувајќи ја огромната потреба кај жените да зборуваат за анксиозноста, стравот од губење на професионалниот идентитет и притисокот да се биде „супер-жена“.
„За нас, менталното здравје не е табу тема, туку неопходна тема за дискусија. Бидејќи сите знаеме дека само здрава и исполнета мајка може да биде присутна и стабилна за своето дете,“ потенцира Азманова Мирчевска.
Услугите за психолошка поддршка на мајките недостапни или финансиски неприфатливи
Програмската координаторка на Реактор – Истражување во акција, Ана Бојчевска за ПИНА.мк вели дека перинаталните нарушувања на расположението не се индивидуален проблем, туку резултат на сложена интеракција меѓу психолошки, релациски и структурни фактори.
„Еден од најсилните фактори е недостигот од социјална поддршка и чувство на заедништво. Современите индивидуалистички начини на живот и ерозијата на колективната грижа ги оставаат мајките изолирани во период во кој поддршката и споделената одговорност се од суштинско значење,“ вели таа.
Бојчевска посочува дека патријархалните уредувања и убедувања и понатаму претставуваат клучна структурна рамка преку која се обликува мајчинското искуство.
„Идеализираната слика за „несебичната и среќна мајка“ создава тесен и исклучувачки модел на прифатливо мајчинство, при што депресијата, анксиозноста, амбивалентноста и траумата се стигматизираат или целосно се игнорираат,“ додава таа.
Клучни проблеми остануваат стигмата, отсуството на редовен скрининг и ограничените услуги. Дополнително, економската несигурност, недоволната социјална заштита и ограничената вклученост на мажите во грижата дополнително ја засилуваат ранливоста.
Сепак, таа потенцира дека постпарталната депресија не може секогаш да се предвиди, затоа е неопходен универзален скрининг со стандардизирани алатки, барем еднаш за време на бременоста и повторно во постпарталниот период.
Нашата соговорничка посочува дека постојат сериозни системски пропусти во поддршката на мајките кога станува збор за менталното здравје, а како резултат на тоа менталното здравје на мајките останува маргинализирано.
„Сè уште нема кохерентна и функционална рамка за перинатално ментално здравје, а свесноста и во јавноста и меѓу здравствените работници е ограничена,“ потенцира таа.
Дополнително, преоптовареноста на здравствените работници, како и географската и финансиската нееднаквост го отежнува пристапот до услугите за психолошка поддршка.
„Единствената специјализирана служба за ментално здравје на мајките е концентрирана во Скопје, додека за многу жени услугите на психолошка поддршка се недостапни или финансиски неприфатливи,“ вели Бојчевска.
Говорејќи за неопходните институционални чекори, таа објаснува дека клучен чекор е интеграцијата на оваа област во националните здравствени и родови политики и буџети со соодветни буџети, мерливи цели и национален протокол за поддршка, усогласен со моделот на степенувана грижа на Светската здравствена организација.
Бојчевска истакнува дека психосоцијалната поддршка за мајките мора да стане дел од јавното здравствено осигурување, со што ќе се отстранат финансиските бариери и ќе се обезбеди еднаков пристап до услуги и во урбаните и во руралните средини.
Дополнително, таа укажува на потребата од вклучување на психолози и психотерапевти во примарната здравствена заштита, како и континуирана обука на здравствените работници што се во директен контакт со мајките.
Голем одзив за иницијативата за поддршка на менталното здравје во перинаталниот период
Иницијативата за поддршка на менталното здравје во перинаталниот период, реализирана од Психолариум во партнерство со Реактор и со поддршка од Француската амбасада, покажува колку ваквата поддршка е потребна.
Ирена Жунгулова и Сузана Арсовска Митревска, психолози и психотерапевтки, кои работат со групите, за ПИНА.мк велат дека одзивот на мајките за учество во оваа иницијатива бил значително висок, со повеќе од 150 пријавени мајки за учество во групите во првите неколку дена.
Иако за оваа иницијатива биле предвидени средства за работа со една група, поради големиот одзив и потребата од ваква поддршка, паралелно се оддржуваат две групи, со што од Реактор апелираат за донација на средства од компаниите за покривање на основните трошоци за работа и на втората група.
Групите започнале со работа кон крајот на јануари и ќе траат три месеци, односно 12 онлајн работилници со цел поголема достапност на поддршката. Оттаму дополнуваат дека секоја работилница е посветена на различна тема — емоционалното живеење, социјални и културни притисоци, промени во идентитетот.
Жунгулова и Арсовска Митревска посочуваат дека мајките се соочуваат со мноштво предизвици кои се карактеристични за постпартум периодот, особено кога станува збор за менталното здравје.
„Најчесто се соочуваат со хроничен стрес, анксиозност, недостатокот на соодветна поддршка во процесот на адаптирање на новата улога на мајката, недоволно препознавање на ранливата емоционална состојба на мајката, градењето на нов идентитет, промени во секојдневното живеење и функционирање на мајката и на целото семејство, телесните промени, промени во социјалното функционирање, доживувањето за животот и смртноста итн,“ велат нашите соговорнички.
Исто така тие посочуваат дека многу оптоварувачки за мајките можат да бидат и застарените сфаќања и совети кои што постојат за мајчинството, што предизвикува фрустрација и интензивна непријатна одбранбена реакција кај мајката која се соочува со интрузивни пораки од блиското семејство.
Според нив, иницијативите за психосоцијална поддршка на мајките не се важни само за самите жени, туку и за целото општество.
Тие сметаат дека е неопходно институциите да воведат едукација која ќе ги подготви мајките за промените што настануваат во нивниот живот кога еден идентитет се распаѓа, а нов се гради, како и групи за поддршка со цел да се создаде простор за размена на искуства, додавајќи дека во едукацијата можат да бидат вклучени и членови од семејството.
Посочуваат дека во педијатриските ординации би можело да се воведат психолози обучени за грижа за мајките и нивното ментално здравје, достапни како за домашни посети, така и за онлајн или телефонски консултации.
„Овие услуги се достапни во многу земји во светот и е тренд кој би било значајно да го следиме ако сакаме да ги засилиме здравите темели на нашето општество и да работиме на превенција од долгорочни психосоцијални последици,“ заклучуваат Жунгулова и Арсовска Митревска.
Родителството не доаѓа природно, се учи
Елена Џебр, психолог и психотерапевт, во разговор за ПИНА.мк вели дека од нејзиното досегашно искуство жените најчесто се соочуваат со анксиозност, страв, преоптовареност и чувство на недоволност. Но, неретко се присутни и породилната траума и депресија.
Таа објаснува дека жените често влегуваат во мајчинството со очекување дека природно ќе знаат како да се снајдат во новата улога. Но реалноста, вели таа, е поинаква.
„Имајќи предвид што динамиката на животот е променета, живееме се почесто во нуклеарни семејства, каде мајката ја нема помошта од роднините и пријателите (како кога би се живеело во заедница), каде мудроста и искуството се пренесуваат, се појавува проблем и неретко чувство на длабока осаменост,“ вели Џебр.
Дополнително, таа нагласува дека тука е и телото, кое минало низ големи промени, промената во хормоните, но и новиот идентитет и секојдневието кое се менува.
„Често ми доаѓаат мајки со реченицата „Елена, мислам дека не сум доволно добра мајка“, тоа не е мајка која е слаба или недоволно добра, туку мајка која е во одреден период преоптоварена и без простор да дише.
Ми кажуваат и „Го сакам најмногу на свет, но во исто време, бројам минути да заспие за да имам 5 минути за себе. После тоа плачам и имам грижа на совест, се чувствувам виновно. Сите ми велат уживај, ова е најубавиот период, а јас сум уморна до коска и мислам дека нешто не е во ред со мене“, додава нашата соговорничка.
Џебр нагласува дека периодот на станување мајка е една од најголемите психички трансформации во животот, со што не се менува само нејзиното тело, туку начинот на кој мисли, спие, чувствува, реагира и се доживува себеси.
Таа истакнува дека појавата на пренатална или постпородилна депресија најчесто се должи на хормоналните промени, недостиг на сон и психо-физичка исцрпеност, недостаток на поддршка, родилна траума, високи очекувања од себе, претходни нерешени емоционални рани, изолација, може да се должи и на анемија или недостаток на други витамини и минерали.
Според неа во ред е да се нормализира стравот, да се прифати дека тој не е показател дека нешто не е во ред, туку е знак дека и телото и психата разбираат колку голема промена се случува.
Џебр исто така го потенцира фактот дека иако се движиме во насока да се нормализира потребата од психолошка поддршка, и сè повеќе мајки бараат помош и сè повеќе се зборува за ментално здравје, кај мајките сè уште постои силно верување дека „Мајката треба да издржи“, а истовремено, и предрасудите од околината сè уште постојат, „Што ти фали, имаш здраво дете?“, „Сите сме поминале низ тоа.“, „Немој да се жалиш.“
„Овие реченици не помагаат. Особено затоа што не секоја мајка поминува само низ природни промени, некоја има потреба од поголема поддршка, особено доколку се соочува со депресија,“ објаснува таа.
Според неа на оваа тема треба многу повеќе татковците да се едуцираат, бидејќи тие (барем би требало) се најголемата поддршка за мајката. Но, исто така, и тие се подложни на депресија, анксиозност и сите други појави (освен хормоналните), а таму стигмата е многу голема, особено во нашата држава.
Таа посочува дека вклучувањето на психолози и психотерапевти во примарната здравствена заштита би значело рана детекција на проблемите, навремена поддршка и превенција, наместо доцнежно лекување.
Во развиените земји постојат основни механизми за следење на менталната состојба на мајките, како кратки прашалници кои се користат како алатка за рана проценка.
„Кај нас, барем од моето искуство, тоа сè уште не е пракса. Поддршката не треба да зависи од среќа, туку да биде достапна за секоја жена. Последиците не ги сноси само мајката, туку и детето, семејството и целото општество“ додава таа.
Меѓусебната поддршка и разбирање е чекор кон исцелување
Во рамки на заедницата Working Mom, чиј што основач е Данче Азманова Мирчевска, искуствата на мајките се движат од чувство на изолираност и вина, па сè до страв дека ќе бидат осудени ако признаат дека им е тешко или дека им треба помош.

„Многу мајки ни споделуваат дека најтешкиот дел е моментот кога околината очекува од нив да бидат благодарни што се реализирале како родители и да носат 24/7 насмевка на лицето, додека тие всушност внатрешно се распаѓаат.
Клучниот момент е меѓусебната поддршка и искреноста во заедницата. Кога една жена ќе сподели низ што поминува, веднаш се јавуваат десет други кои велат: „И јас го поминав истото, те разбирам“, токму таа валидација е првиот чекор кон исцелување и самото сознание дека ти не си проблемот и дека не си сама во она што го чувствуваш,“ вели Азманова Мирчевска.
Во таа насока, платформата Working Mom развива различни форми на поддршка насочени кон менталното здравје и благосостојбата на мајките.
„Најпрво, преку едукација и настани со стручни лица – како нашите работилници за правна заштита, планирање на времето и емотивна поддршка, потоа, преку настаните на Мама Круг, каде што фокусот е ставен на енергијата и поврзувањето лице в лице, дополнително, овде се и моите едукации и консултации за продуктивност каде што ги учиме мајките како да постават граници, да се заштитат од прегорување и да не се занемарат себеси,“ додава нашата соговорничка.
Азманова Мирчевска вели дека нивната цел е секоја мајка да знае дека има „ветар во грб“ без разлика дали отвора свој бизнис, си дава отказ од токсична работна средина или се бори со внатрешните демони.
Автор: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА




