Загадените извори во Шум ги примораа стружани да купуваат вода за пиење

0
70
Фото: Jonathan Chng on Unsplash

Последиците од загадената вода во Струга, на своја кожа најмногу ги чувствуваат граѓаните, кои се принудени да купуваат вода за пиење што претставува дополнителен трошок за семејниот буџет, а проблем е и одржувањето на личната хигиена.

Во разговор за ПИНА.мк стружани велат дека за проблемот кој трае со години, се бараат алтернативи.

„Со години купуваме вода за пиење, не смеам да им дадам на децата од чешма. Меѓутоа ова не е нов проблем, ова трае со години. Еден месец е добра водата, потоа со недели не е. Можеби е малку смешно бидејќи живееме покрај езеро и река, а немаме чиста вода ама тоа е реалноста, подобро да трошиме пари на флаширана вода наместо по болници,“ вели 42-годишната Тамара.

Други жители пак ги истакнуваат проблемите со одржување на хигиената, ризикот по здравјето, како и имиџот на Струга како туристички град.

Проблемот со загадената вода трае со години, но случајот ексалираше неодамна, поради што, постапуваат Основното јавно обвинителство во Струга, Народен правобранител, а директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Струга си поднесе оставка.

ОЈО Струга при истрагата утврди дека се вршело кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем, во близина на извориштето во селото Шум, од каде што подрачјето се снабдува со вода.

Истражните органи при увид на терен затекнале работни машини на две компании, поради што Обвинителство побара итни мерки на претпазливост против две правни лица од струшкото село Велешта, кои се сомничат дека го предизвикале енормно загадување на водата за пиење во градот.

„Поради основани сомневања за сторени кривични дела – „Незаконита експлоатација на минерални суровини“ (член 225-а) и „Загадување на водата за пиење“ (член 219), надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка веднаш доставил предлог за санкции. Се бара целосна забрана за правните лица да ги посетуваат парцелите и забрана да преземаат какви било работни активности на тоа подрачје,“ соопштија од Обвинителство кои ќе продолжат со преземање дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуалната кривична одговорност.

Граѓаните и активистите за животна средина долги години предупредуваа дека ископите во близина на изворот, се можни причинители на загадувањето на водата.

„Некој дозволил со години овде да се минира, копа и уништува. Без соодветен надзор, контрола и мерки за заштита во случај на хаварија, која веќе се случи. Институциите никогаш не реагираат на време. Дополнително, тие само реагираат, а не превземаат ништо. А ова е многу симптоматично, бидејќи токму преку тие исти институции поминуваат барања, документи, дозволи, елаборати итн.Проблемот треба да се реши пред да се појави, не откако е направено уништувањето. Секогаш се лечат последиците, и тоа без посебен успех, наместо да се спречат причините,“ велат за ПИНА.мк од Зелена народна стража, граѓанска иницијатива за заштита на природата, луѓето и животните

Според нив, не треба да сте експерт за да се знае дека ископувањата околу извор ќе причинат штета.

„Главниот извор на загадувањето како и сѐ друго, е секогаш човечкиот фактор. Поточно – неукиот или алчниот човек. Во многу случаи и двата вида. Во овој случај, не треба си експерт за да знаеш дека масовните ископувања во близина на изворите за вода ќе предизвикаат штета и загадување на водат,“ потенцираат од таму.

Тие сметаат дека и покрај тоа што надлежните најавија итна санација на теренот, целосна забрана за ископи, воспоставување на заштитна зона околу изворот, институционална истрага, транспарентност за граѓаните и јавноста, проблемот ќе се реши само доколку има вистинска одговорност за секој кој на било каков начин ја уништува природата, луѓето и животните.

„Во секој друг случај ќе имаме класично „заматување на водата“, во овој случај – загадување на водата и загрозување на животот. Ова е најголемата закана и опасност за човекот и сите живи суштества,“ потенцираат од таму.

Проблемот со ископувањето околу изворот го потврди и градоначалникот на Струга, Менди Ќира кој оцени дека станува збор за сериозна институционална аномалија.

Тој најави дека ќе се бара кривична одговорност од сите кои со своите дејствија или недејствија придонеле за оштетување на екосистемот и загадување на водата.

„Оние што дале дозволи да се оштети овој екосистем треба да сносат одговорност“, изјави Ќира.

Во извештајот на вонредна седница на Советот на Општината беше презентирано дека повеќе од десет години било дозволувано ископување без јасно утврдени критериуми, а како дополнителен проблем се посочува тоа што не била утврдена задолжителната заштитна зона од еден километар околу изворот.

Од регионалната канцеларија Народен правобранител Кичево велат дека безбедната и доволна вода за пиење е основно човеково право, поврзано со правото на живот, здравје и достоинство.

Од таму предупредија дека секое подолго ограничување, сомнежи за исправноста или недостиг на транспарентност од надлежните, создава несигурност и го погодува јавниот интерес.

„Во рамки на постапката, од Општина Струга и од ЈП Водовод Струга се бара детален извештај за актуелната состојба и мерките што се преземаат,“ велат од регионалната канцеларија на Народен правобранител, кој порача дека темата не смее да се сведува на политички пресметки, туку да се третира како витален приоритет за секојдневието на граѓаните.

Проблемот со загадената вода предизвика и директорски смени во ЈП „Водовод и Канализација“, Меџијаит Јусуфоски поднесе оставка, а нов директор е Јованчо Мечкароски.

„Се работи за голема катастрофа, еколошка катастрофа по здравјето на граѓаните, сите школи, деца, градинки. Јас сум во фирмата 43 години, не се памети вакво заматување на водата,“ изјави Јусуфоски кога ја даде оставката.

Според последното известување од ЈП „Водовод и Канализација“ – Струга, забраната за употреба на вода за пиење продолжува, додека е дозволена за други потреби.
„Ги молиме сите граѓани да не користат вода за пиење, до следното известување,“ велат од таму.

 

Автор: Сара Танаскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА