Ветената заштита на македонскиот јазик заглавена меѓу процедури и одложувања

0
12
Фото: Влада

Поминаа повеќе од две години откако беше изгласан Законот за употреба на македонскиот јазик, но неговата примена и понатаму изостанува. Законот, усвоен на 26 јануари 2024 се темелеше на три клучни ветувања: задолжително вработување лектори по македонски јазик во институциите и медиумите, формирање Инспекторат за надзор над неговата примена и воведување стипендии за ученици и студенти по македонски јазик. Наместо системска заштита и унапредување на јазикот, процесот на имплементација беше одложен со месеци, оставајќи ги овие суштински мерки само на хартија.

За суштината на носењето на овој Закон, разговаравме со директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елена Јованова-Грујоска која вели дека последиците од негово неспроведување се истите кои ги имаме и со кои живееме 20 години наназад.

„Читаме недоволно лекторирани текстови, книги, порталите исто така се опфатени во овој дел и тие ќе треба да имаат лектори. Ние не смееме да се среќаваме со македонски јазик со разни примери затоа што на тој начин покажуваме дека туѓите јазици ги цениме многу повеќе од мајчиниот јазик. Не можеме да зборуваме македонски јазик на дијалект, тоа не смее да се случи. Ако сакаме да бидеме професионалци, тоа значи и употребата на јазикот да биде на професионално ниво“, изјави таа.

Јованова-Грујоска потенцираше дека кога се носел овој закон, двете најголеми македонски партии застанале и го гласале со што покажале дека планираат да го реализираат.

„Тоа е она што нас македонистите нè збунува. Зошто ако од нивна страна законот тогаш беше изгласан, сега нема интерес? Сметам дека треба да има малку повеќе добра волја и препорака од државата. Не може надворешен човек да ја врши работата лектор, туку тоа треба да биде лице кое ќе биде вработено постојано. На тој начин, сите што во минатите децении завршиле македонски јазик, со овој закон ќе можат да влезат на работа и да го работат она за што завршиле високо образование. Тоа ќе биде стимул и за наредните генерации да учат македонски јазик“, појаснува Јованова-Грујоска.

Според неа, за да се вработат лектори, потребна е промена на систематизацијата во која треба да се планира вработување на тие лица.

Се применуваат само делови од Законот

Иако Законот бил одлично составен, се употребуваат само делови од него, смета професорката Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје.

„Јас бев дел од тимот кој што го составуваше овој Закон. Истиот беше одлично направен, но не влезе во целост, само делови од него. Новитетите што таму се донесоа во однос на јазикот се вработувањето на лектори во институциите и медиумите. На тој начин ќе се зголемеше можноста за вработување на нашиот кадар, меѓутоа тоа не се случи. Инспекторатот се направи на хартија и се назначи директор. Во однос на стипендиите, јас само го видов конкурсот, но не знам што е она што е применето. Требаше да се подготви и Национална страгеија за македонскиот јазик, но ништо и од тоа“, објаснува таа.

Пановска-Димкова ја потенцираше и потребата за носење на овој закон.

„Потребата за донесување на овој закон е недоволно правилна употреба на македонскиот јазик по официјалните настани на медиумите и слично. Токму Инспекторатот е телото кое треба да врши контрола за користењето на македонскиот јазик. Ако граѓаните увидат дека одредена книга не е лекторирана, да можат тоа да го пријават во оваа институција која понатаму ќе преземе одредени чекори. Едноставно употребата на србизми, англизми и слично е недозволено, па преку оваа тело секој ќе има право да пријави неправилна употреба на нашиот јазик“, децидна е таа.

Инспектори по македонски јазик ќе вршат надзор низ целата држава

Во согласност со Годишниот план за вработување, во 2026 година е предвидено постепено вработување на инспектори по македонски јазик, вели директорката на Инспекторатот за употребата на македонскиот јазик Менка Андреева.

„Процесот на нивно вработување ќе се одвива во зависност од обезбедените согласности и услови. Инспекторите за македонски јазик ќе постапуваат според Законот за употребата на македонскиот јазик и според Законот за инспекциски надзор и ќе вршат редовни, контролни и вонредни инспекциски надзори на територијата на државата“, изјави таа.

Според Законот, во повеќе државни органи задолжително ќе треба да се вработат лектори по македонски јазик и нивниот број ќе зависи од потребите и можностите на секоја институција.

„Македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо задолжително се употребуваат во работата на органите на законодавната, на извршната и на судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во други држави и во меѓународни организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и институции, во другите правни лица основани со Устав и со закон и во медиумите регистрирани во Републиката, во согласност со закон“, додаде Андреева.

Таа потенцираше дека во изминатиот период напорно се работело за да се обезбедат сите потребни услови за формирање и екипирање на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик.

„Со процесот на основање на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик започнавме еден историски чин кој е од огромно значење за заштита и зачувување на македонскиот стандарден јазик. Во иднина, формирањето на Инспекторатот може да има само позитивно влијание врз примената на законот и статусот на македонскиот јазик во јавната комуникација“, изјави таа.

Според неа, приоритетна цел на Инспекторатот е правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.

„Инспекторатот во иднина ќе работи и на подигнување на јавната свест за значењето на правилната употреба на македонскиот стандарден јазик. Сепак јазичната култура и квалитетот на јавното говорење зависи од сите нас. Сведоци сме на чести неправилнисти при употребата на македонскиот стандарден јазик, а една од причините за тоа сметам дека е отсуството на лектори во институциите, медиумите и издавачките куќи кое што остава видливи последици врз јазичната култура и квалитетот на јавниот говор и пишување“, децидна е Андреева.

Инспекторатот наскоро целосно ќе профункционира

Во заеднички одговор за ПИНА.мк, од Владата и Министерството за култура велат дека фокусот во моментов е е насочен кон обезбедување на сите потребни услови и добивање согласности за вработување на инспектори по македонски јазик, со што ќе се овозможи целосно и ефективно оперативно функционирање на Инспекторатот.

„Сите институционални и законски обврски неопходни за негово воспоставување се навремено и успешно реализирани, а Инспекторатот е подготвен за ставање во целосна функција. Формирањето и целосното ставање во функција на Инспекторатот претставува сложен институционален процес кој бара време и почитување на законски утврдени постапки. За време на изборниот процес не постоеја законски можности за спроведување на вработувања. Обезбедувањето на услови за вработување на инспектори е приорите и се преземаат сите активности тоа да се реализира во најкраток можен рок“, велат тие.

Во согласност со Годишниот план за вработување, предвидено е постепено обезбедување на инспектори по македонски јазик. Процесот на нивно вработување ќе се одвива постепено, во зависност од обезбедените согласности и расположливите услови, со цел Инспекторатот да започне со работа на одржлив и ефикасен начин.

„Инспекторатот во соработка со надлежните министерства и институции, веќе  преземаат конкретни чекори за прибирање на релевантни податоци, со цел во наредниот период да се изработи детална, објективна и сеопфатна анализа за степенот на почитување на Законот за употреба на македонскиот стандарден јазик. По изготвувањето на анализата, јавноста навремено ќе биде информирана“, додадоа оттаму.

Од Владата потенцираа дека секоја институција треба да одреди во своите годишни планови да предвиди вработување на лектори и да ги достави до надлежните институции и дека Законот предвидува глоба за органите утврдени во членот 9 доколку не вработат лектор по македонски јазик.

„Оваа одредба укажува на потребата и за систематизирање на вакво место во актите за систематизација, но директна глоба за несистематизирани работни места не е предвидена во овој закон. Инспекторатот ќе продолжи да соработува со надлежните органи, истовремено укажувајќи на важноста од усогласување со законските обврски за лектори. Како Влада, наша примарна цел е правилна употреба на македонскиот стандарден јазик во сите државни институции, јавни и образовни установи, во медиумите како и во приватниот сектор“, децидни се тие.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА