Индексот на Центарот за економски анализи (ЦЕА) за буџетската и даночната транспарентност на општините покажува дека во 2025 година истиот изнесува 11,88, што е минимално намалување од 11,93 во 2024 година.
Сепак, проблемот настанува во одредени општини кои не се ефикасни без проектна поддршка и кои не се одржуваат без континуиран надворешен притисок.
И покрај значајната поддршка во рамки на проектот на УСАИД за зајакнување на локалните капацитети (2021–2025), бројот на најтранспарентни општини опаднал од 11 во 2024 на само 8 во 2025 година.
Она што треба да се потенцира е падот на индексот кај општините Тетово, Сарај, Желино, Кривогаштани и Центар, кои минатата година биле дел од интензивната проектна поддршка.
Овој тренд покажува дека воспоставените практики за отчетно управување не се одржуваат без континуиран надворешен притисок. Транспарентноста мора да биде трајна обврска на општините и дел од нивната институционална култура, а не привремен одговор на проектна помош.
„Причината најчесто е во немањето континуитет во навремено објавување на буџетски документи. Формализирањето на процесот и редовната објава веднаш по подготовката на документите ќе го намали ризикот од вакви падови, кои често се должат на промени на кадар или на недостаток на внатрешна комуникација“ објаснува ЦЕА.
Организацијата препорачува и конкретни механизми за подобрување како воспоставување постапки за редовно објавување на сите јавни документи и активна вклученост на граѓаните во носењето на одлуки.
Голем дел од општините немаат стратегии за даночни ризици
Законите бараат од општините да имаат стратегии за управување со даночни ризици – нешто што сè уште го немаат 52 од 81 општина, што претставува директно непочитување на законските обврски.
„Во секој плански регион има општини кои, и без континуирана донаторска поддршка, продолжиле со добрата пракса на редовно објавување на буџетски документи. Такви се, меѓу другите, Битола, Аеродром, Радовиш, Крива Паланка, Брвеница, Велес, Берово и Центар Жупа. Но, постојат и општини кои воопшто не направиле чекор напред во изминатите години“ додаваат од ЦЕА.
Иако разликата меѓу годинава и лани во однос на транспарентноста на општините е речиси симболична, зад бројките се кријат предизвици кои бараат системски пристап и долгорочни решенија.
„Нашата методологија покажува дека генералниот тренд е позитивен – од 2015 година, кога индексот изнесуваше 5,59, до 2025 година, кога достигна 11,88. Намалувањето во последната година е минимално и не ја менува насоката на подобрување. Сепак, тоа може да укажува дека е потребно дополнително внимание за да се одржат повисоките стандарди на транспарентност, отчетност и вклученост на граѓаните во буџетските процеси“ велат од ЦЕА.
Еден од ризиците, според организацијата, е транспарентноста да се претвори во „административна формалност“.
„Нема значителен ризик за уназадување, бидејќи процесите се унапредуваат, а минималните обврски се регулирани со закон. Но, доколку недостасува притисок од граѓаните и граѓанскиот сектор, постои опасност транспарентноста да стагнира. Потребно е да се развие култура на отчетност, посилна институционална структура и технолошка поддршка за автоматизирано објавување на информации“ истакнуваат од ЦЕА.
Транспарентноста зависи од политичка волја, не од систем
Иако падот на просечниот индекс на буџетска транспарентност во општините во последната година е минимален, задача на општините е да се подобруваат во континуитет и воедно сериозно да одговорат во корист на граѓаните, вели комуникологот Бојан Кордалов, кој смета дека тоа е само одраз на деценискиот недостиг од системска поставеност на отвореното управување.
„Ние 35 години немаме изграден одржлив систем на транспарентност и отчетност, туку сè зависи од волјата на партиите на власт и на актуелните функционери. Кога транспарентноста зависи од политичарите, тие секогаш ќе најдат оправдување да ја намалат, обвиткано во аргументи за ефикасност или подобри резултати“ истакнува Кордалов.
Тој предупредува дека транспарентноста често се сведува на „административна формалност“ и се спроведува само затоа што „така мора“.
„Досега кај политичките елити немало свест дека транспарентноста носи напредок и придобивки за сите. Наместо тоа, се лови во матно, што резултира со недоверба во институциите, слаб квалитет на јавните услуги и масовно иселување“ додава тој.
Како решение, Кордалов предлага создавање на систем базиран на јасни правила, максимална отчетност за трошењето на јавните пари и поставување на граѓаните како носители на одлуките, а не политичарите.
„Доколку има политичка волја, за две години Македонија може да се доближи до стандардите на земји како Шведска или Естонија“ оценува тој.
Недостатокот од систем и одговорност, според него, е причината зошто повеќе од половина општини не објавуваат извештаи за своите активности.
„Кај нас санкциите зависат од лидерот на партијата, а не од граѓаните кои ги плаќаат институциите“ вели Кордалов, нагласувајќи дека непримената на законите е поголем проблем од нивното отсуство.
За трајно подобрување на транспарентноста, тој бара натпартиски консензус, дигитална отчетност и санкции за секој обид за избегнување на обврските.
„Транспарентноста не е прашање на рангирање – или сте целосно транспарентни, или сте нетранспарентни. Сè друго е само прашање на време кога оценката ќе ви падне на најниско ниво“ заклучува Кордалов.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





