Кумановци со нетрпение го очекуваат законското решение за воведување комунална полиција

0
16

Кумановци секојдневно споделуваат фотографии и видеа од фрлање смет, палење ѓубре, мебел во реката, уништена урбана опрема. Социјалните мрежи се преполни со фотографии од хроничните проблеми со јавната хигиена. Граѓаните се повеќе бараат комунална полиција која ќе треба да ги надмине застарените законски решенија и неподготвеноста на комуналното претпријатие и на инспекциските служби. Кумановци веќе немаат толеранција и бараат системско решение, казни за сторителите. Дел од граѓаните предлагаат превенција, наместо трошење буџетски пари за „лекување“ на хроничниот проблем и едукација на најмладите. Во моментов се подготвува законско решение за воведување на комунална полиција, кое ќе чека на завршување на изборите. Комуналната полиција треба да понуди системски пристап и решавање на проблемот и да ги надмине ингеренциите на комуналното претпријатие, кое нема доволно ресурси и правно-процедуралните ограничувања на инспекторот. Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) е иницијаторот на идејата за воведување на општинска комунална полиција.

„ЗЕЛС е многу задоволен што во предлогот на Закон за локална самоуправа, беше обезбеден правен основ за воведување на оваа надлежност на локалната власт. За жал, иако предлог- законот влезе во собраниска процедура, не доби разрешница пред започнувањето на претстојните локални избори“, велат од ЗЕЛС.

Од комуналното претпријатие укажуваат дека не се во можност да се справат со самоволието на поединци и го поздравуваат оваа решение, исто како и од Министерството за животна средина.

Ефекти од комуналната полиција

Комуналната полиција треба да обезбеди контрола и санкционирање на граѓаните и правните лица кои постапуваат спротивно на прописите од областа на комуналните дејности, јавната чистота, заштита на животната средина. Од Министерството за животна средина сметаат дека е потребно донесување на нов закон, односно Закон за комунална полиција.

„Овој закон треба да донесе поголема дисциплина и одговорно однесување на граѓаните кон животната средина. Законот предвидува и дека комуналната полиција треба да ги извршува своите надлежности со преземање на превентивни мерки, кои ќе ги упатат граѓаните на поодговорно однесување“, велат од министерството за животна средина.

Крајна мерка ќе биде казнувањето, ако граѓаните не ги почитуваат одредбите на законот. Искуствата од соседните земји се позитивни, придонесуваат за почиста животна средина. И не само граѓаните, велат од министерството туку и правните субјекти не се однесуваат согласно законите од областа животна средина.

Од ЗЕЛС нагласуваат дека целта на донесување на ваков е да се утврди правото на локалната самоуправа да изрекува мерки и да презема активности за почитување на комуналниот ред, јавната хигиена, заштитата на зеленилото, водите, јавните површини, загадувањето на воздухот и почвата, одлагање на отпадот, одржување и безбедност на настаните.

„Локалната власт ги има овие надлежности, таа е најнепосредно до граѓаните, па во таа насока е и најзасегната за обезбедување на квалитетни услуги. Со добро утврдено законско решение, не би требало да има ризици“, велат од ЗЕЛС.

„Чистота и Зеленило“ нема ресурси за однесувањето на поединци

Од комуналното претпријатие укажуваат дека се свесни за реакциите на граѓаните. Претпријатието има 20-тина возила и опслужува 26 реони со 150-тина вработени.

„Недоволно е за одржување на хигиената на град од над 100.000 жители. Според проценките, потребно е зголемување на работниците за околу 50 проценти, како и обновување на возниот парк“, вели директорот на претпријатието, Ненад Стојановски.

Финансиите се пречка за ова претпријатие, кое бара суштинска помош во справувањето со проблемот. И за нив спорни се недореченостите на законските надлежности на инспекцијата и полицијата, работниците под притисок на јавноста мора да изнесуваат смет и шут од површини кои не се нивна надлежност.

„Дефинитивно, решението е во формирање на комунална полиција“, вели Стојановски.

Донесени мерки за прекршители

Секторот за инспекциски надзор за девет месеци врз основа член 14 на Закон за јавна чистота и членови 37 и 38 од Закон за управување со отпад изрекол казни на 16 прекршители. Сепак, како што објаснуваат за да може да се санкционираат прекршителите треба да се исполнат одредби од повеќе закони. Пријавата треба да биде целосна согласно законот за инспекциски надзор, законот за пријави и претставки и законот за управна постапка. За да се казни прекршител, потребна е целосна информација за субјект на надзор (име, презиме, адреса на сторен прекршок или место потребно за увид на самото место). Согласно овие закони непотполната претставка или пријава се отфрла.

До Секторот за инспекциски надзор или преку социјални мрежи пристигаат фотографии на оставен отпад на јавно прометна површина без да се каже сторителот.

„Прашањето е против кого да се поведе прекршочна постапка. Во текот на надзор наидуваме и на други проблеми-прекршителот, иако е фатен на самото место, не сака да се легитимира. Додека ние се обраќаме на МВР за асистенција – сторителот си заминува од местото на прекршокот. Инспекцијата не поседува систем за идентификација на лица од фотографија. Кога добиваме таква пријава со фотографија се обраќаме до МВР Куманово и доколку добиеме целосна информација за лицето поведуваме инспекциска постапка“, изјави Бобан Бојковски од Сектор за инспекциски надзор.

Секторот има 23 инспектори, што е подобро од другите општини, но сепак недоволно за Куманово. И од ЗЕЛС потврдуваат дека општините немаат доволен број на инспектори.

Јовановски: Куманово има итна потреба од комунална полиција

Поранешниот советник, Александар Јовановски од СДСМ смета дека состојбата е алармантна, а институциите не ги исполнуваат законските обврски, поради немање капацитети, но и поради немање политичка волја.

„Дури и со зајакнување на инспекциските капацитети, повторно ќе се соочуваме со истите проблеми. Потребна е комунална полиција со зголемени овластувања за навремено и ефикасно постапување“, вели Јовановски.

И тој се согласува дека има несовесни граѓани, ама не се сложува со наративот дека е вината само кај луѓето, а институциите само треба да констатираат и да не преземаат конкретни мерки. За него, главна пречка е лошото менаџирање со Општината и недостигот на стратегија.

„Советот беше ставен во улога на гласачка машинерија, без суштинска расправа и без приоритет на теми како јавна хигиена и животна средина“, вели Јовановски.

Покрај воведување на комунална полиција, смета дека е потребно инвестиции во инфраструктура, доекипирање на службите, надзори и подобрување на работа на јавните претпријатија и подигање на јавна свест.

Дарко Митевски: За почисто Куманово потребни се и по казни и поголема јавна свест

Дарко Митевски од владејачката ЗНАМ, оценува дека состојбата е подобрена во однос на претходните години, и додава дека е потребно донесување на закон за комунална полиција и предлага систем на казни.

„Сметам дека казната не треба да биде симболична и нејзината вредност да биде во зависност од тежината на самиот прекршок и дали се повторува во континуитет од страна на едно лице или повеќе сторители. Предлагам и воведување на општокорисна работа во траење од повеќе часови, чистење на улици, паркови и јавни површини, садење на дрвја, собирање на отпад“, вели Митевски.

За него важни се и национални кампањи, акции за пошумување и чистење, како и вклучување на јавни личности и инфлуенсери во едукација на младите.

„Тајната е во вистинската комбинација, образование од мали нозе, личен пример, мали стимули за совесните граѓани и строга казна за прекршителите“, вели Митевски.

ЗЕЛС: Комуналната полиција е неопходна за поефикасно решавање на локалните проблеми

Во многу земји од регионот и Европа постојат вакви служби и искуствата се позитивни, велат од ЗЕЛС.

„Со години наназад зголемувањето на инспекциските капацитети не даде резултати, затоа убедени сме дека општинската комунална полиција е најдоброто решение. Овој предлог добива „прием“ од централната власт последниве години и тоа нè радува, што делиме исто мислење“, додаваат од ЗЕЛС.

Комунална полиција и сеопфатен пристап за целосно решавање на проблемот.

Покрај комунална полиција, важно е вложувањето во комуналните претпријатија во човечки и други ресурси, инфраструктура која обезбедува пунктови за селекција на отпад. Траен ефект ќе обезбеди електронскиот систем за прекршоци во координација со јавните претпријатија, инспекцијата, МВР. Во едукацијата на населението покрај образование треба да се вклучи и министерството за здравство, јавни личности, медиуми. Навиките се менуваат потребна е политичка волја за чиста градска средина.

Авторка: Александра Максимовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА