Лазовски: Државата треба да ги вклучи општините во собирањето даноци за краток престој

0
43
Славко Лазовски, фото: Академик.мк
Славко Лазовски, фото: Академик.мк

Дигитализацијата на туризмот носи нови можности, но и предизвици за даночната политика. Платформи како Booking, Airbnb и други кои нудат кратки изнајмувања на станови ја менуваат туристичката економија, отворајќи простор за приватните издавачи на сместувачки капацитети, но и создавајќи нови празнини во системот за наплата на даноци.

Под краток престој се подразбира издавање на максимум 31 ден во месецот. Основа за пресметување на данокот претставува бруто доходот што се остварува намален за износот на следниве трошоци: 10 отсто од износот на доходот за неопремен простор и 15 отсто од износот на доходот за опремен простор.

Според примерите што ги дава УЈП во брошурата „Оданочување на доход од закуп и подзакуп“, ако на пример, граѓанин издаде стан два дена во месецот за 2.000 денари, тогаш данокот на доход би бил 170 денари, а 1.830 денари би бил нето-износот што ќе му остане на издавачот по платениот данок кон државата.

За тоа како функционираат овие платформи, дали приходите остануваат во земјата и како државата може подобро да ги регулира овие текови, разговаравме со даночниот експерт Славко Лазовски.

Колку државата води сметка ваквите кратки престојувања да бидат наплатени со оглед на тоа што истите се многу популарни, па сигурно станува за голем број на средства кои не се наплатени кон државата?

Без разлика на тоа дали станува збор за големи или мали средства државата е должна преку своите органи да го собере данокот и тоа е задача на националното даночно тело – УЈП или на локално ниво – општинската даночна администрација.

Овде проблем е што ова е сепак некоја „нова работа“, која е надвор од вообичаено поле на собирање на даноци. Овде самооданочувањето не го решава проблемот.

Секогаш кога даночниот обврзник ќе се почувствува „технички“ посупериорен во однос на даночното тело, се јавува истиот проблем низ даночната историја. Но, даночната историја нѐ учи дека таа супериорност не трае предолго и даночното тело постојано изнаоѓало начини да го собере „својот“ дел од доходот или да го собере.

Дали таквите пари кои се плаќаат преку вакви платформи се „испумпуваат“ надвор од државата. Колкав е тој ефект врз македонската економија, и дали имаме некаква проценка на изгубени приходи?

Националниот и светскиот доход се предмет на оданочување под еднакви услови на оданочување. Тоа е почетната даночна позиција. На националните даночни тела им стојат на располагање повеќе инструменти и начини на оданочување. Кога самооданочувањето не ги дава очекуваните резултати, добро би било да тоа биде потврдено во сериозно истражување, тогаш се посегнува по други начини на оданочување.

Дали сметате дека државата води точна статистика за прометот што се остварува преку овие апликации?

Не станува збор за некоја „точна статистика“, кога станува збор за оданочување на настан, или серија на настани, кои се прилично над „дофатот“ на рацете на даночниците. Овде е згодна прилика да нагласиме дека даночната статистика не е добра страна на нашите даночни тела: на УЈП и на општинските даночни администрации. Но, тоа е така и во светски рамки. Даночната статистика, очигледно, многу заостанува зад нејзината најблиска статистика од јавните политики – монетарната статистика.

Дали има позитивни аспекти од користењето на овие платформи што би требало да се задржат, и како да ги интегрираме?

Овие платформи се одреден стадиум на современото живеење и најнормално е дека им требаат на луѓето, затоа се и прифатени од нив. Тие платформи, токму на својот специфичен начин „произвеле“ турист, кој можеби би останал дома ако не постојат тие. Таквото однесување е прифатливо и на него мораме да се прилагодиме. Некој порано, некој подоцна. Некој со поголеми загуби, некој со помали. Но, како да се интегрираме е вистинското прашање.

Какви препораки би им дале на Министерството за економија, УЈП или другите надлежни институции за подобра регулација и заштита на локалниот туристички сектор?

Најнапред треба да се реагира со измени во регулативата. Даночната регулатива е во рацете на Министерството за финансии. Тие и УЈП треба да побараат странска стручна помош во разрешување на оваа проблематика. Едно друго прашање заслужува внимание, а тоа е дали приходот од данокот од закуп и подзакуп и понатаму треба да остане како приход само на државниот буџет или е време тој да биде заеднички приход на централната и на локалната власт или како целосен приход на локалната власт?

Кога би ја вклучиле заинтересираноста на општините за собирање на овој данок, можеби, работите би се промениле во позитивна насока, односно би дошло до поуспешно собирање на овој данок. А овој данок е тој што не е собран каде даночни обврзници се и оние ситните издавачи на апартмани кои доаѓаат до приходи со издавање на сопствените станови преку овие платформи. Така би дошло до обединување на напорите, па овој данок би се собирал заедно со собирањето на таксата за привремен престој, кој е во надлежност на локалната даночна администрација. Исто така, општинската даночната администрација би дошла на побрз и поефектен начин до податоци за престој на странци, што е во надлежност на МВР.

Дали сметате дека Македонија е доволно подготвена дигитално и законски да го „фати чекорот“ со глобалните трендови во туризмот, без да ги жртвува домашните капацитети и работна сила?

Мудроста или целите на јавните политики е токму во тоа да се фати чекор, а при тоа
да се претрпат минимални загуби. Но, никој не треба да се сомнева дека нема да се
најде решение. Ова не е наш, домашен, македонски феномен, туку е дојден од
надвор. Сепак, нашата земја е „отворена“ земја и во оданочувањето, па секој
напредок во смисла на добар одговор на овие платформи, било каде во светот, би
бил прифатлив и во нашата секојдневна реалност.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА