Пандовски: Корупцијата не е начин на завршување на работите, туку е начин на руинирање на општеството

0
66

Довербата во правосудниот систем е на рекордно ниско ниво, а системската корупцијата е проблем веќе три децении. Претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски во интервју за Пина.мк вели дека потребна е поголема казнивост на коруптивните дејствија со што ќе се превенира нивото на корупција бидејќи потенцијалните извршители на коруптивни дела ќе знаат дека нивните противзаконити дејствија нема да поминат неказнето.

Корупцијата е горлива тема во државава со децении наназад, кои се главните проблеми и причинители за корупцијата што е присутна во институциите во земјава?

Како еден од главните причинители за корупцијата, мора да ја издвоиме неказнивоста на истата. Во држава во која се соочуваме со системска корупција која трае повеќе од 30 години и во која корупцијата е практично продрена во сите пори на нашето општество, репресијата односно казнивоста претставува најсоодветен модус на генерална превенција. Со поголема казнивост на коруптивните дејствија во секој случај ќе се превенира нивото на корупција бидејќи потенцијалните извршители на коруптивни дела ќе знаат дека нивните противзаконити дејствија нема да поминат неказнето.

Какви се можни начини на корупција се забележуваат во јавните институции?

Многу е тешко да се зборува за видови на корупција и нивна застапеност во јавни институции без бројност на судски пресуди во оваа област. На овој начин се ставаме во позиција да шпекулираме што е апсулутно непотребно и нерелевантно. Од перцепцијата која ја имаат граѓаните а и видно од некои мерења кои се спроведуваат во областа на корупцијата, може да кажеме дека постои давање и примање на поткуп, тргување со влијание, непотизам, кронизам, но повторно ќе потенцирам за да заборуваме на јасен начин за оваа проблематика ни требаат повеќе правосилни пресуди.

Системот го градат граѓаните преку институциите, што треба да се направи да имаме едно приближно транспарентно општество?

Пред се институциите треба да направат целосна дигитализација на податоците и постапувањата со цел истите да бидат достапни на јавноста. Тука секако не треба да се објавуваат само оние информации од доверлив карактер. Се останато треба да биде објавено. Транспарентноста на работењето и одлучувањето е првиот чекор во борбата против корупцијата.

Неодамна се случи трагедија од невидени размери каде што корупцијата има голема улога и за жал имаше многу човечки жртви, дали ваквите настани треба да ни бидат лекција и да не освестат за последиците од корупцијата?

Ако мислите на случајот со дискотеката во Кочани одговорот е да. Случајот во Кочани е еклатантен пример за тоа кои се последиците од системската корупција. Секако дека истиот треба да биде добра лекција за сите и вакви случаи во иднина не треба да се повторат.

Судската власт треба да биде таа која ги дефинирира, утврдува и санкционира негативните појави во општеството, вклучувајќи ја и корупцијата како еден од најголемите проблеми на модерните општества. 

Колкави се и какви се последиците од корупцијата во правосудниот систем?

Корупцијата во сите сфери од општеството е штетна, но корупцијата во судството е најштетна за сите. Судската власт во едно демократско општество е таа која кажува што е исправно а што не, таа е онаа која санкционира општетствено негативни појави и воведува ред во правниот промет. Ако корупцијата продре таму тогаш настапува неконтролиран хаос и не можност за корупцијата да се лицира и санкционира. Без независно, некорумпирано и објективно судство кое работи со интегритет нема борба против корупцијата.

Кои се механизмите на кои треба да се работи за да се подобри транспарентоста во правосудството? Како да имаме ефективено судство?

За поефикасно судство треба да имаме и поефикасен судски совет бидејќи тој е единствениот коректив на судството и судиите. Повеќе дисциплински постаки, повеќе утврдувања на неправилности и поголеми контроли на судиите. Исто така сите податоци од работата на судскиот совет вклучувајќи ја и статистиката на дисциплинските постапки мора да бидат јавно достапни. 

Како до повеќе правда, а помалку корупција?

Пред се ефективни судови и обвинителства кои ќе овозможат генерална превенција. Потоа едукација на младите и сите граѓани дека корупццијата не е начин на завршување на работите туку таа е начин на руинирање на општеството. 

Авторка: Ивана Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА