Цветановска: Потребна е измена на Законот за семејство, каде на прецизен начин ќе се предвиди кои информации може да ги добиваат посвоените лица

0
131
Александра Цветановска

Мирјана Мирчевска која е посвоена на 3 години ја доби првата пресуда против државата во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) затоа што не можеше да ги добие информациите за своето потекло и за здравствената историја. Каде ќе го однесе македонското законодавство оваа пресуда, и што треба понатаму да променат македонските власти во Законот за семејство и посвојување, во интервју за ПИНА.мк, Александра Цветановска од македонското Здружение на млади правници смета дека Комитетот на министри треба да ја следи пресудата со зајакнат имунитет, затоа што првата пресуда од ваков тип треба да предизвика системски промени во земјава. Таа смета дека потребно е со измените и дополнувањата на Законот за семејство, прецизно да се разграничи кои од податоците можат да бидат споделени кога ќе постои исклучок, во какви околности и услови и исто така на кој начин би можеле да бидат споделени.

Што значи пресудата што ја донесе Европскиот суд за човекови права во Стразбур за случајот со Мирјана Митревска, за македонското законодавство и Законот за семејство и посвоените деца? Што понатаму ќе промени ваквата  пресуда во Македонија?

– Пресудата Митревска против Републија Северна Македонија е од суштинско значење, бидејќи идентификува системски проблеми во нашата држава чие решавање значително ќе придонесе кон решавање на дел од проблемите на посвоените деца. Државата со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), презема обврска за задолжителност и извршување на пресудите на ЕСЧП. Оттука, пресудата ќе предизвика преземање на сет на мерки од страна на државата, со цел  отстранување на веќе настанатата повреда и враќање во поранешна состојба во мера во која што е тоа можно, како и мерки насочени кон спречување на  исти или слични повреди на правата и слободите загарантирани со Конвенцијата.

Според нас, дел од мерките кои државата треба да ги преземе е промена на Законот за семејство, а со тоа ќе следи и промена на праксата на домашните институции и судови. Следствено, сметаме дека треба да се спроведат соодветни обуки со цел носење на одлуки кои се во линија на пресудата на ЕСЧП, Конвенцијата за правата на детето, како и на Конвенцијата за заштита на децата и соработка во однос на посвојувањето меѓу државите.

Надзорот над извршувањето на пресудата го следи Комитетот на министри, кој сметаме дека треба да ја следи пресудата со зајакнат надзор имајќи предвид дека оваа е прва пресуда за случај поврзан со правата на посвоените лица да го знаат своето потекло, а ќе предизвика системски промени во државата.

Од какво значење е да се направат законските измени и што ќе претставува тоа во пракса за посвоените деца? Кои законски измени треба да се направат во Законот за семејство и посвојување?

– Според Законот за семејство, целосното посвојување ги прекинува правата и одговорностите помеѓу посвоеникот и поранешното семејство, а информациите за посвојувањето претставуваат службена тајна. ЕСЧП во својата пресуда ja истакнува како проблем прешироко поставената одредба член 123-а од Законот за семејство со која е предвидено дека сите информации во однос на целосно посвојување претставуваат службена тајна. На овој начин Судот со пресудата потврдува дека индивидуалните околности на апликантката да го знае нејзиното потекло особено нејзиниот интерес да добие информации поврзани со нејзиното здравје, не се земени предвид од страна на македонските власти.

Со моменталната законска рамка, до сега праксата покажа одбивање на секој заинтересиран кој бил посвоен да пристапи кон евиденцијата и информациите за спроведено посвојување. Соодветно, треба да настапи системска измена и дополнување на Законот за семејство, каде на прецизен начин ќе се предвиди кои информации може да ги добиваат посвоените лица, под кои услови и постапката за добивање на информации во однос на нивното потекло и биолошки родители. Притоа, треба при одлучувањето за споделувањето на било какви информации да се ценат индивидуалните околности на секое лице посебно, бидејќи добивање на соодветни информации за своето потекло, за посвоените лица може да предизвика значително подобрување на нивното здравје и квалитет на живот.

Законот во Македонија предвидува казни на објавување на информации кои се службена тајна, во случајот потекло на семејството, како треба да се регулира давањето на информации кога станаува збор за здравствена состојба и болест кај посвоенинте деца?

– Како што веќе нагласив, потребно е со измените и дополнувањата на Законот за семејство, прецизно да се разграничи кои од податоците можат да бидат споделени кога ќе постои исклучок, во какви околности и услови и исто така на кој начин би можеле да бидат споделени.

Ова е прва пресуда против Македонија од ваков тип, дали сите деца треба да ја бараат правдата во Европскиот суд за човекови права, за да си го дознаат своето потекло и семејство кога им е неопходно?

– Нашите граѓани правдата треба да ја бараат пред домашните институции. ЕСЧП треба да биде последна инстанца на заштита тогаш кога државата не успеала да ги заштити правата и интересите загарантирани со ЕКЧП. Носењето на ваква пресуда значи токму тоа, преку системско менување и дополнување на Законот за семејствo и промена на досегашната пракса на органите и судовите да се спречат нови клонирани случаи пред ЕСЧП.

Авторка: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА