Дигитализацијата во Македонија со бројни предизвици и планови

0
51
Фото: Unsplash

Македонија се соочува со сериозни предизвици во областа на дигитализацијата, честопати рангирана екстремно ниско на европските листи за дигитален развој. Земјава треба да чекори долг пат за да ги стигне светските, но и европските трендови последните анализи велат дека само 35 отсто од населението поседува дигитални вештини и оти мнозинството можат само ограничено да ги упоребуваат електронски услуги.

По децениско игнорирање, процесот на дигитализација од минатата година доби на институционална тежина во Македонија. Новото Министерство доби јасни задачи – да работи на дигитализирање на јавната администрација, да ја унапреди сајбер-безбедноста во земјава и да овозможи пристапни, брзи и безбедни услуги за граѓаните. Но, дали една година од формирањето, институциите, но и општеството се подготвени за ваков чекор?

Организацијата за економска соработка и развој во својата анализа направена минатата година, нотира дека само 34 отсто од населението поседува основни дигитални вештини, што пак е значително помалку од просекот на Европската унија кој изнесува 54 отсто. Иако дури 84% од населението во Македонија има пристап до интернет, секојдневното користење варира кај различни структури на населението. Кај помладите и дигитално пописмените, процентот изнесува 90 отсто, додека пак кај повозрасните оваа бројка е околу 52%. Националниот портал uslugi.gov.mk пак, каде граѓаните можат да добијат услуги во секојдневниот живот брои само 87 000 корисници и нуди 835, од кои само 66 се целосно дигитализирани.

Какви се идните планови во поглед на трансформацијата?

2025 година ќе биде година на темелни дигитални промени, барем според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој вели дека годинава како институција започнуваат со две физибилити студии кои треба плански да го определот развојот на инфраструктрната компонента, и тоа со изведба на примарен податочен центар за владините институции и надградба на заштитената владина оптичка мрежа.

„Надополнети со студијата за проширување на опфатот на супербрз интернет која ја работат експерти поддржани од ИПА проект, сметам деќа ќе имаме јасен план каде ќе бидат вложувањата во инфраструктурата наредниот период. Измените на законите кои се однесуваат на изградба на базни станици, од своја страна, ќе ги поттикнат и приватните инвестиции во ИКТ инфраструктурата“, вели Андоновски.

Нискиот степен на дигитална писменост е реална закана и проблем во земјава, а за тоа се свесни и властите. Велат состојбата во моментов е катастрофална, бидејќи за жал во минатото не се вложувало во овој сегмент во општеството. Во трка со времето, годинава како што вели Андоновски за Пина.мк, ќе бидат подготвени електронски платформи за бесплатни курсеви и обуки на граѓаните со кои тие ќе се стекнат со вештини за безбедно користење на интернет просторот, основи на сајбер-безбедност и слично.

„Позицијата е катастрофална во моментот. Но, за да се подобри потребни се сите овие мерки за кои зборуваме – системски пристап кој опфаќа е-влада и нови електронски услуги, ИКТ инфаструктура, дигитални вештини и сајбер безбедност. Работиме на сите овие правци и соработуваме со нашите меѓународни партнери за подготвени да го дочекаме новото мерење на резултатите“, заклучува Андоновски.

Дигитализацијата и вештачката интелегенција една од темите во фокусот на Самитот „Македонија 2025“

На 12 и 13 мај годинава, во хотел во центарот на Скопје, се одржа самитот „Македонија 2025“. Годинава, токму конференцијата беше платформа за конкретни визии, стратегии и решенија во однос на тоа како земјата може да стане дел од глобалниот дигитален екосистем.

На настанот, учество земаа бизнис лидери, иноватори, експерти од дијаспората и претставници на меѓународни институции кои разговараа за економските можности и придобивки кои земјава може да ги има преку дигиталната трансформација, развојот на човечкиот капитал на ова поле, како и интеграцијата на Македонија во глобалната технолошка арена.

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање ја истакна важноста на овој процес за потенцијалите и економскиот раст на земјава.

„Дигитализацијата не е само технолошки процес, туку основа за транспарентност, ефикасност и економски напредок. Нашата визија е Македонија да стане регионален лидер во дигиталната економија“, рече тој.

Според него, Владата ќе дава поддршка за инвестиции во дигиталната инфраструктра, поттикнувајќи ги стартапите да инвестираат во иновации кои ќе придонесат за модернизација и за економијата, и оти ќе биде потребен системски пристап што ќе има сеопфатност во делот на инфраструктура, кадар и вештини.

Дигитализацијата со себе носи и ризици

Зголемената дигитална активност, несомнено со себе носи и одредени нови ризици. Земјава во 2023 година доби одлична оценка на глобалниот индекс за сајбер-безбедност, но реалноста покажува дека институциите не секогаш се подготвени да одговорат на сајбер-инциденти.

Еден таков пример беше Фондот за здравствено осигурување, кој во февруари 2023 година беше мета на сериозен сајбер-напад. Токму овој хакерски напад резултираше со шифрирање на важни податоци и парализирање на ИТ-системот на институцијата, што пак како домино ефект направи неповратлива штета во здравствениот систем, оти за време на нападот, матичните лекари, болниците и аптеките беа принудени да се вратат на рачна обработка на документи, што значително го отежна процесот на здравствена заштита, а дополнително, имаше доцнење во исплатите на платите на здравствените работници, породилните отсуства и боледувања, што предизвика финансиски потешкотии за многумина вработени токму во овој сектор.

Надлежните очекуваат ваквите напади да зачествуваат, но институциите да понудат координиран, сепофатен и системски одговор. Токму затоа е донесена и Националната стратегија за сајбер безбедност со која треба да се дефинираат обврските, роковите и буџетите за постапување на секоја засегната институција. Веќе во јуни, во Собрание треба да влезе и Законот за сајбер безбедност кој ќе биде обврзувачки патоказ за како да се однесуваме во поглед на безбедноста на интеренетот.

Дигитализацијата како една од гранките за интеграција во Европската унија

Во октомври минатата година, Европската комисија ја одобри Реформската агенда 2024-2027 за Македонија. Во агендата, дигитализацијата е идентификувана како една од клучните и приоритетни области, која се испреплетува со сите други реформи кои земјава се обврзала да ги направи во дадената рамка. Целта, како што се вели е целосна дигитализација на јавниот сектор – а за секоја од успешно завршените домашни задачи, земјава ќе добие одредена транша на финансиски средства. Па оттаму, дел од реформите се:

  • Проширување на опсегот на дигиталните јавни услуги, со цел до 2025 година на порталот за е-услуги бидат достапни 550 услуги
  • Целосна дигитализација на услугите на Управата за јавни приходи до 2026 година
  • Воспоставување на Интегриран информациски систем за управување со финансии, како системи за управување со државна помош и даночни приходи
  • Развој на електронска комуникациска инфраструктра и услуги, вклучително и воведување на „е-конзулат“ за дигитализација на конзуларните услуги во дипломатските и конзуларните претставништва

Сумирано, Македонија не смее да дозволи да задоцни во трендот на дигитализација. Дигиталната трансформација не е повеќе опција, туку нужност, а патот е долг со бројни предизвици. Најавените мерки треба да се спроведат доследно, за граѓаните да ги уживаат бенефитите, за дигитализацијата да стане не само алатка за модерна администрација, туку и двигател на севкупниот општествен и економски развој.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА