Мал интерес кај младите за новинарството како професија

0
54
Фото: Unsplash

Младите луѓе се помалку се вклучуваат во новинарството како професија, а и оние кои ќе влезат на студии, неретко се откажуваат од истите и се префрлаат во други професии.

На новинарските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“, оваа 2024/25 учебна година има само шест запишани студенти, што е поразителна бројка. Студиите, за кои порано имаше интерес од над стотина кандидати, сега тешко постигнуваат двоцифрена бројка.

Еден од младите кој започнал новинарските студии во 2022 година, одлучил да ги прекине во 2023 година. 

За ПИНА.мк, студентот кој сакаше да остане анонимен вели дека освен недостатокот на практична работа за време на студиите, една од причините за да ги прекине студиите биле и информациите за потценетоста на професијата новинар и малите перспективи за развој.

Според него, не помогнало и тоа што предметите од првиот семестар не биле доволно упатувачки за самиот смер новинарство. 

,,Оттука почна се’, на некој начин се почувствував дека можеби не припаѓам на тој смер, запознавајќи некои колеги коишто го работат тоа, добив предупредување дека се потценети во нашата држава, но не ги послушав и се’ уште стојам на ставот дека новинарската професија треба да биде почитувана”, додава тој.

Ниските плати ги демотивираат младите за влез во професијата

Според информациите на проф. д-р Даниела Блажевска, редовен професор на научната област медиуми и комуникации на новинарските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ лани имало запишано седум, во 2017 година околу 28, а во 2022 околу 15 студенти.

„На студиите по новинарство имаше група од стотина студенти во 2005, 2006 година кога имаше поинаква програма за студирање и компјутерско полагање на испитите. Интердисциплинарните студии по новинарство се отворени во 1977 година. Оттогаш до денес се запишани преку 3.000 студенти,“ вели таа за ПИНА.мк.

Според неа, главниот проблем за намалениот интерес на средношколците да се запишуваат на новинарство е што „се шират приказни дека може да се биде новинар без запишување на студии по новинарство, како и ниските плати на новинарите.“

Во однос на прашањето дали студиската програма соодветно ги подготвува студентите за професијата и нивната практична настава, вели дека допрва треба да се видат резултатите.

„Минатата година започнавме да изведуваме настава по новата програма. Само што започна втората година. Имаме практикум и практична работа. Сметам дека студентите треба побрзо да ги завршуваат студиите. Да бидат попосветени на студирањето,“ додава Блажевска.

За побројниот стручен кадар на оваа студиска програма за посоодветна едукација на студентите, смета дека има повеќе можности за ангажман на стручен кадар.

„Во текот на летниот семестар, предметот Известување во новинарството – практикум го предаваше професорката Ен Донахју (Anne Donohuе) од Универзитетот во Бостон (Boston University). По новата наставна програма имаме предмет Известување и уредување во новинарството – практикум. Професорката Донахју и студентите ќе комуницираат преку интернет. Сметам дека ќе имаме повеќе можности,“ додава Блажевска.

Проф. д-р Јасна Бачовска Недиќ, професор на катедрата по новинарство и раководител на Центарот за иновации во медиуми, за ПИНА.мк вели дека бројките на студенти по новинарство не е мал само на Правниот факултет туку општо на сите студии по новинарство во државава.

„Генерално причините ги гледам првенствено во состојбата во медиумите во државата, нивната исполитизираност, социјалниот статус на новинарот, платите на новинарите и притисоците, условите во кои работат. Можеби некој тип на апатичност кај младите за таков тип на професија,“ вели Бачовска Недиќ.

За праксата на студентите вели дека, факултетот досега имал соработка со медиумите и студентите имале пракса во медиуми, а биле вклучени и новинари од пракса во наставата.

„За прв пат оваа година имаме комплетно опремено професионално студио во кое студентите ќе имаат практична работа. Студиото ќе продуцира програма, а медиумските продукти за програмата ќе ги прават студенти. Во наставата ќе вклучиме новинари кои ќе ги учат студентите да работат со опремата и да пишуваат, снимаат, монтираат и објавуваат.

Сметам дека треба повеќе кадар, но во услови на мал број на студенти, а со оглед на состојбите во високото образование т.е финансиската способност на државата тешко ќе биде зголемувањето на кадар. Но, ќе се трудиме што повеќе предавачи од областа да бидат проектно вклучени,“ додава Бачовска Недиќ.

Стручњаците од праксата не се доволно вклучени во образованието

Студентката Антонија Јаневска која е трета година на новинарски студии исто така смета дека недостига стручен кадар.

„Во сите години студирање ни предава само еден новинар, а и да постои соодветна програма, таа не може да ја предава лице кое не работело ни ден како новинар. Сепак, ни програмата не е соодветна, предметите кои ни се навистина корисни како истражувачко новинарство, тв новинарство, известување во новинарството итн се изборни предмети, а најчесто за нив немаме предавања. Немаме никакво практично учење, кога се вработив и почнав да учам од колеги со искуство, се почувствував како воопшто да не сум студирала новинарство,“ вели Јаневска.

Таа учи по стара програма и не е запознаена со новата програма од 2023/24 година.

„Не верувам дека менување на неколку предмети во програмата ќе направи голема промена за студентите без соодветен кадар кој ќе предава предмети корисни за идни новинари. Сепак мислам дека проблемот со мал број студенти не е атрактивноста на професијата, туку фактот што по завршувањето на студии по новинарство не сме никако поквалификувани за професијата, од некој што на пример завршил односи со јавност или економски факултет,“ додава таа.

Според професорката Бачовска Недиќ, клучно за да се зголеми интересот за новинарските студии и професијата, е медиумската и политичката култура во општеството.

„Децата од мали нозе да се учат да пишуваат, бидејќи новинарството е првенствено талент за пишување и истражување. Треба уште во основно училиште да функционираат новинарските клубови. Да се има желба да се смени светот. Децата да сфатат дека новинарот има моќ поголема од владата. Тоа е моќта на јавниот збор,“ додава Бачовска Недиќ.

Авторка: Бојана Спасовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА