Психолошката помош – клучна за болката и загубата но и надежта во Кочани

0
87
Фото: Support Kochani

Силната траума по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која 62 млади лица трагично ги загубија животите, остави длабоки емоционални последици врз локалната заедница. Соочени со болката и шокот, граѓаните имаат потреба од професионална психолошка поддршка. Институциите, образовните установи и здравствените служби веднаш по трагедијата започнаа со организирани активности за психо-социјална помош, обидувајќи се да помогнат во справувањето со загубата и стресот.

Комората на психолози заедно со Црвениот крст уште од самиот почеток е на терен пружејќи помош. Претседателката на Комората Мирјана Јовановска Стојановска вели дека навидум може да изгледа дека градот Кочани е во ред, но при средба и разговорот со луѓето, се забележува голема болка и тага кај нив.

„Во Кочани нема човек што не е допрен од оваа трагедија. На овој град сега му треба многу љубов, грижа и разбирање. Треба на луѓето да им се помогне да влезат во секојдневен ток. Ако се сруши куќа, големи се шансите повторно да ја изградиме. Во овој случај имаме изгубени млади животи, тоа не се поправа, не се обновува. Нема ништо што може да ги утеши, да им даде надеж за опоравување. Ние треба да им изградиме надеж, но болката и загубата нема да можеме да ги надополниме“, вели таа.

Јовановска Стојановска објаснува дека тие работат со наставниците и воспитувачите во градинките за да ги држат децата фокусирани.

„Работиме и со родителите, но и со оние кои загубиле блиски. Ова е многу специфичен вид на катастрофа. Овде немаме материјална загуба, туку губење на човечки животи. Затоа, во случајов најпотребна е психолошката помош за населението кое на било каков начин е истрауматизирано од настанот. Најбитно е што и да се прави, истото да биде координирано, во меѓусебен договор за да нема повторување на истите интервенции, да нема психологизирање на нивната ситуација“, додава Јовановска Стојановска.

Support Кочани – подадена рака кога е најпотребно

Иницијативата „Support Кочани“ која произлезе веднаш по трагедијата и која е создадена од млади кочанчани, активно обезбедува психолошка поддршка, информации и логистичка помош за семејствата и сите погодени од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Со професионалци, волонтери и отворено срце, оваа граѓанска акција нуди безбедно место за тагување, споделување и заздравување.

„Ние произлеговме од потребата за помош, но и од љубовта кон луѓето и нашиот град. Таа е одговор на недостигот од доверливо, поддржувачко место каде што младите, а и сите граѓани можат слободно да зборуваат, да бидат слушнати и разбрани. Ние не ја заменуваме стручната психолошка помош, туку ја надополнуваме со емпатија, човечност и автентична поврзаност“, велат тие.

Луѓето, особено младите се обраќаат кај нив каде бараат психолошка помош.

„Многу од нив чувствуваат силна потреба да бидат слушнати и прифатени, но често не се охрабрени веднаш да се обратат кај стручно лице. Нашиот простор често е првата станица, топло и сигурно катче каде што можат да се опуштат и да добијат поддршка. По потреба, ги упатуваме кон соодветни професионалци“, додаваат од „Support Кочани“.

Од таму додаваат дека градот се справува тивко и дека шокот е длабок и се чувствува на многу нивоа, и лични и колективни.

„Многумина сакаат да дадат придонес, но не знаат од каде да почнат. Токму затоа иницијативи како нашата се важни, да бидат водилка кон заздравување, да отворат пат за заедничко справување. Од она што го гледаме, потребата за психолошка поддршка е реална и сè повеќе расте. Неколку психолози и стручни лица се веќе активни на терен, а и ние сме во контакт со мрежа на професионалци кои доброволно се вклучуваат. Кај нас досега се обратија десетици млади кои имаа потреба од разговор, разбирање и присуство“, децидни се тие.

За нив важно е да не се молчи, туку да се зборува за болката, стравот и загубата, но и за надежта.

„Младите треба да почувствуваат дека не се сами, дека се слушнати, прифатени и дека имаат иднина. Тука почнува промената. Во моментов работиме на креирање младински центар во рамки на здружението „Супортко“. Центарот ќе биде отворен простор за психоедукативни, друштвени и спортски активности, создаден со љубов и визија да биде сигурно место каде младите ќе се чувствуваат охрабрени, безбедни и инспирирани. Наскоро ќе имаме повеќе информации, кои со радост ќе ги споделиме со јавноста“, велат од „Support Кочани“.

Зајакната психолошка помош за младите по трагедијата во Кочани

По трагедијата, државата преку координирана акција на повеќе институции обезбеди широка и интензивна психолошка поддршка за учениците, наставниците и родителите, особено во регионите најпогодени од несреќата.

Министерството за образование и наука (МОН), во соработка со УНИЦЕФ, Институтот за психологија при УКИМ, Комората на психолози и Црвениот крст, реагираше веднаш по настанот со испраќање насоки до училиштата и поставување јасни протоколи за пружање прва психолошка помош. Овие насоки се достапни на сите пет наставни јазици во државата.

„Веднаш по трагичниот настан беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и родителите за постапување, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата“, велат од МОН.

Како дел од активниот пристап, формирана е мрежа од 140 училишни психолози кои веќе се распоредени во Кочани, Виница, Штип, Чешиново-Облешево и околните општини. Тие помагаат во процесот на емоционално закрепнување на заедницата преку индивидуални и групни сесии со ученици, родители и наставен кадар.

Дополнително, на интернет страницата на МОН е објавена листа со 40 професионални психолози, достапни за телефонско советување, како и телефонските линии на Црвениот крст кои функционираат 24/7.

Центарот за ментално здравје во Кочани и пунктовите на Црвениот крст исто така се отворени за сите граѓани, а за студентите од источниот регион поддршката е проширена и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде функционира центар за младинско советување.

Системскиот крах ја создаде трагедијата

Трагичниот настан во Кочани, кој зад себе остави ненадоместлива загуба и општествена болка, повторно ги отвори прашањата за нефункционалноста на институциите и слабостите на системот во државата. Според социологот Илија Ацески, ваквите трагедии не се изолирани случаи, туку резултат на длабоко вкоренети пропусти и институционален распад.

Несреќата, вели тој, настанала како резултат на „поклопување“ на низа пропусти, од користење на објект кој не бил наменет за јавни собири, до институции кои дозволиле или не забележале ризик.

„Ова не се случува поради една грешка, тука се работи за системски дефект. Одлуките и неактивностите на институциите доведуваат до тоа да се чувствуваме несигурни во сопствената земја,“ вели Ацески.

Тој укажува дека проблемот е подлабок, кога системот не функционира, граѓаните стануваат жртви. Според него, во вакви ситуации одговорноста не треба да се бара кај поединци на пониските нивоа, туку кај оние кои ја имаат целосната контрола.

„Не може чувар или келнер да биде главниот виновник. Мора да се лоцира одговорност кај оние кои се поставени да раководат со институциите, но очигледно не го прават тоа. Ова е резултат на една длабинска пропаднатост на државните механизми,“ додава Ацески.

Нагласува дека оваа трагедија треба да биде последен аларм за потребата од радикални промени во институционалното делување.

„Македонија има долга историја на вакви трагедии, но ретко се гледа реална промена. Секој нов случај е уште едно потсетување дека граѓаните не се безбедни, и дека довербата во системот е разнишана.“

Освен институционална реформа, Ацески посочува и на неопходноста од долгорочна психолошка поддршка за засегнатите.

„Разговорот со професионалци, особено со психолози, е клучен за емоционално закрепнување, иако кај многумина тоа можеби никогаш нема целосно да се случи. Државата мора да покаже дека не ги остава самите луѓето што страдаат,“ апелира тој.

Социологот изразува загриженост дека со текот на времето општеството ќе ја заборави трагедијата, што уште еднаш ќе покаже колку сме нефункционални во долгорочното справување со кризи.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА