Родово одговорно буџетирање – трансформативен пристап за остварување на родовата еднаквост

0
132

,,Важноста на родовото-одговорното буџетирање особено се препозна за време на пандемијата од Ковид-19 кога донесувањето на политиките треба да биде брзо и флексибилно во духот на брзите промени и кога треба да се одговори подеднакво на потребите на сите во општеството”, се вели во соопштението на UN Women кои минатата недела, заедно со Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, ја промовираа новата регионална иницијатива за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан.

UN Women и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, ја промовираа четиригодишната регионална иницијатива за поддршка на Западен Балкан во зајакнување на интеграцијата за родовата еднаквост во сите фази на националните и локалните креирања на политики и буџетски процеси. Земјава е дел од оваа иницијатива преку тековен проект за промоција на родово-одговорно буџетирање, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида.

Програмата има за цел да се зајакнат политиките и буџетските процеси на владите за напредок во спроведувањето на националните и меѓународните заложби за родова еднаквост и да се забрза имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформа за акција, агенда со најсилна визија за човековите права на жените и девојките, како и Агендата 2030 за одржлив развој.

„Поставувањето на родовата еднаквост и гласот на жените во центарот на плановите и буџетите можат да ги зајакнат економиите и да донесат трансформативна промена во животите на заедниците – нешто што е многу важно, особено сега, за време на кризата предизвикана од Ковид-19. Со нетрпение ги очекуваме нашите заеднички напори во Западен Балкан во следните четири години“, рече Каролина Венерхолм, раководителка на одделот за Западен Балкан, Турција и Латинска Америка при Сида.

„Оваа програма доаѓа во поволен момент кога правиме рефлексија за да видиме до каде сме и колку уште ни преостанува за да ја оствариме родовата еднаквост. Промоцијата се случува 25 години по Пекиншката декларација за правата на жените и 5 години по имплементацијата на Целите за одржлив развој, и она што го знаеме со сигурност е дека за да се случи вистинска промена во животите на жените и девојките, потребно ни е трансформативно финансирање и буџетирање.

Владите во оваа програма се веќе силни застапници и посветени партнери на овој пат. Ќе продолжиме да работиме рамо до рамо со нив и да ги поддржуваме во нивните напори во справувањето со пандемијата предизвикана од Ковид-19 за да осигураме дека буџетското ребалансирање е употребено како можност за поддршка на родовата еднаквост“, истакна Алија Ел-Јасир, регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.

На виртуелната промоција на програмата присуствуваа претставници на Сида и UN Women, високи претставници на националните и локалните влади и граѓанското општество од Западен Балкан, за да ги дискутираат идните чекори преку кои ќе може да се осигура трансформативно финансирање и буџетирање за родова еднаквост во регионот, како што се вели во соопштението на UN Women.

Што е родово одговорно буџетирање?

Родово одговорно буџетирање (РОБ) е важен пристап кој ги зема предвид родово специфичните потреби и предизвици на жените и мажите при креирањето на политиките и буџетите на централната и локалната власт.

Користењето на оваа алатка треба да ги поттикне институциите да ги проценат секојдневните потреби на жените и мажите преку препознавање и решавање на предизвиците со кои тие се соочуваат во сите сфери на животот. Преку родово одговорното буџетирање се овозможува и ефикасно, транспарентно и рамноправно управување со јавните финансии.

Родово одговорното буџетирање овозможува препознавање на придонесот на жените кон економијата преку нивната неплатена работа. Исто така, влијае и на зголемување на учеството на жените во процесите на одлучување, овозможувајќи да се слушнат потребите на најранливите групи. Употребата на родово одговорното буџетирање им овозможува на локалните власти да ја препознаат вредноста и потенцијалот за локален развој и инклузивен раст преку инвестирање во јавни услуги кои се родово одговорни.