Студентки уценувани за да положат испити, пари во плико за докторот за породување во некоја од државните болници, сексуална изнуда за напредок на работното место или уцена за се добие некаква услуга во јавниот, приватниот или здравствениот сектор се само дел од случаите на корупција изминативе години, кои директно ги погодуваат жените.
Родовите влијанија на корупцијата се поврзани со родовите улоги во општеството, социјалната нееднаквост и дискриминацијата. Така, подредената положба на жените во многу сфери на живеењето резултира во поголема ранливост на корупција споредено со мажите, кои уживаат повеќе моќ и заштита. Корупцијата сериозно влијае врз степенот на овозможување и заштита на правата на жените.
Според анализата на UN Women „Анализа на перцепции за род и корупција во Северна Македонија“ меѓународните организации идентификуваат четири области каде жените се изложени на корупција, и тоа: при пристап до основни услуги, пазари и кредити, при ангажирање во политика, во ситуации кога се прекршени правата на жените (на пр., трговија со луѓе и сексуална изнуда) и небрежност и/или лошо управување.
Истражувањето „Родот и корупцијата Истражувања за Република Северна Македонија“ на ОБСЕ покажува дека седум од десет жени детектираат големи проблеми поврзани со корупцијата и широкиот обем на нејзината распространетост во нашата земја.
Според Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), најчесто родово-специфичните форми на корупција се појавуваат во секторите каде што постои хиерархиска зависност и нееднаква распределба на моќта.
„Тоа би биле сектори како високото образование, каде што се забележани случаи и пријави на сексуална изнуда во замена за оценки или академски погодности. Понатаму, јавната администрација, каде што жените се понекогаш изложени на притисоци или барања кои вклучуваат лични или сексуални „услуги“ за напредување или задржување на работно место. Не е за занемарување и локалната власт и пристапот до јавни услуги, каде што жените, особено оние од ранливи категории, може да се соочат со коруптивни бариери или дискриминација при добивање административни дозволи, здравствени или социјални услуги“, објаснува таа.
Пред неколку години во јавноста одекна случајот „Еразмус“ на Економскиот факултет во Скопје, каде се случувала сексуална уцена од студентки и барањето мито за положување испити. Основниот кривичен суд Скопје, во септември 2023 година, ги изрече пресудите за тројцата професори од Економскиот факултет за примање и давање поткуп.
Според извештајот „Истражувања за сексуалната изнуда како форма на корупција во Република северна Македонија – сектори високо образование и јавна администрација“ дури 61% од вработените во јавната администрација препознаваат случаи кога службеници бараат сексуални услуги во замена за услуга. Повеќе од 60% сметаат сексторцијата како форма на корупција сè уште не е доволно препознаена во јавноста, ниту пак во политиките и законите. Најчесто, вакви случаи според испитаниците се случуваат во здравството.
Камиловска Трповска дополнува дека корупцијата, без разлика дали е во форма на паричен поткуп, злоупотреба на службена положба или сексуална изнуда, остава длабоки последици врз жените и врз општеството во целина.
„Кај жените, таа дополнително ја засилува нееднаквоста, економската зависност и недовербата во институциите, особено кога коруптивните практики се јавуваат во области што директно го допираат нивниот секојдневен живот – образование, здравство, работни односи и пристап до јавни услуги. Кога една жена мора да „плати“ – било со пари, било со лична или сексуална услуга – за нешто што ѝ следува по закон, тоа не е само лична неправда, туку удар врз самата основа на владеењето на правото. Ваквите искуства ги обесхрабруваат жените да пријавуваат, да се вклучуваат во јавниот живот и да веруваат дека системот може да биде правичен. Но, важно е да се нагласи дека корупцијата, во која било форма и кон кој било пол или група, е еднакво разорна за општеството. Таа ги поткопува институциите, ја намалува ефикасноста на јавните услуги и создава култура на страв, молк и недоверба“, додава таа.
Таа додава дека анализата за проценка на корупцијата во Северна Македонија јасно покажува дека корупцијата е најголем општествен проблем за граѓаните, пред сиромаштијата и невработеноста — така сметаат дури 63,5 % од испитаниците.
„Овие бројки ја потврдуваат длабочината на проблемот и укажуваат дека корупцијата — во сите свои форми, па и оние кои најчесто ги погодуваат жените, како сексуална изнуда или злоупотреба на моќ — не е индивидуален инцидент, туку системски дефект кој ги поткопува институциите и ја гуши правдата. За да се надмине ова, државата мора да покаже вистинска политичка волја, а не само празни ветувања и декларации за „борба против корупцијата“. Потребни се јасни резултати: санкции за злоупотребите, институционална заштита на жртвите и охрабрување на пријавувањето“, објаснува таа.
Сексуалната уцена како честа форма на корупција
Сексторцијата (сексуалната изнуда) е форма на сексуална експлоатација и изнудена корупција каде што лице на позиција на одлучување или со авторитет, ја злоупотребува позицијата и моќта што ја има за да изнуди несакана сексуална активност од друго лице во замена за услугата, доброто, пристап до ресурс со кое првото лице управува, за кое одлучува или со кое раководи.
Љупка Трајановска, истражувачка за родови прашања, вели дека некои жени се принудени на сексуални услуги за да им се пружат основните јавни услуги, вклучувајќи ги и здравствените услуги или образованието.
„Родовите стереотипи и од нив формираните очекувања од однесувањето на мажите и жените, ги ставаат жените во поранлива положба и ги принудуваат да го користат сексот како ‘валута’ за поткуп/добивање услуга, пристап до јавно добро или работна позиција; која им следува доколку системот не е корумпиран. Кај нас дефинитивно би ја издвоила сексуалната изнуда како и митото како најзастапени форми на корупција кои особено влијаат на жените. Би посочила и дека овие видови на корупција покрај во јавниот сектор, неретко се случуваат и во приватниот сектор. Корупцијата дополнително ги засилува родовите нееднаквости и придонесува за поголеми социјални разлики во пристапот до здравство, образование, ресурси и распределба на приходите, претставувајќи сериозна пречка за жените во остварувањето на нивните граѓански, социјални и економски права“, објаснува Трајановска.
Анализата на ОБСЕ „Сексуалната изнуда како дело на корупција: Правен и институционален одговор“, на која работела и Трајановска, покажува дека иако сите испитаници сметаат дека сексуалната изнуда е многу застапена во нашето општество, велат дека недоволно се пријавува пред се поради срам, страв од осуда и губење на работното место.
„Според видувањата на сите испитаници, жртви на сексуална изнуда се најчесто младите жени кај нас. Според ова истражување, сексуалната изнуда како вид на корупција е најмногу застапена во јавна администрација, високо образование и здравство, а се користи најмногу за вработување или унапредување. Родовата нерамнотежа на моќта и ресурсите значи дека мажите и жените поинаку го чувствуваат директното или индиректното влијание на корупцијата. Во најголем дел од секторите жените се тие кои се на пониски позиции, мажите на раководни.
Кога станува збор пак за вработеноста, истата е значително помала кај жените, па така е и финансиската моќ помала. Жените многу почесто посредуваат при остварување на граѓанските права, социјални и здравствени услуги, особено за себе и своите деца. Сексуалниот однос како таков сè уште се гледа како покажување надмоќ од страна на мажите, па така и неговата злоупотреба како средство за размена на услуга за услуга. Самата позиционираност на жените во патријархалното капиталистичко општество води до поголема ранливост на жените од разни форми на корупција“, вели Трајановска.
Недоверба во институциите за да се пријави корупција
Од Државната комисија за спречување корупција изјавија дека преземаат низа мерки и активности со цел намалување на ризиците од корупција и зајакнување на интегритетот, во согласност надлежностите утврдени со закон.
„Во рамки на унапредувањето на системот на интегритет, ДКСК со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во 2024 година спроведе родова проценка на институцијата, согласно Методологијата за родови партиципативни ревизии на Меѓународната организација на трудот. Активноста беше спроведена со поддршка од национална експертка и во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и координативниот тим на ДКСК. За спроведената проценка изработен е извештај со наслов „Родова проценка Државната комисија за спречување на корупцијата“ на ДКСК во Годишниот извештај за 2024 година ја истакна важноста на анализата работењето од родова перспектива, како нов пристап во согледување институционалните процеси. Наодите од извештајот ќе се користат при креирање на стратешките документи, организациската структура, работните процеси и политиките на ДКСК“, велат оттаму.
Во однос на постапката за пријавување на корупција, со цел заштита на идентитетот на укажувачите, односно да за не бидат доведени во ризик тие што пријавуваат, не се води родова статистика за тоа колку жени пријавуваат корупција на годишно ниво.
Според Камиловска Трповска постапката за пријавување корупција во Северна Македонија не е ниту едноставна, ниту охрабрувачка.
„Иако законски постојат механизми, тие во практика функционираат бавно, неефикасно и често создаваат повеќе недоверба отколку чувство на заштита. Најголемата пречка е токму недовербата во институциите – граѓаните не веруваат дека нивната пријава ќе резултира со конкретна акција, а жените уште помалку, затоа што се плашат од притисоци, етикетирање и институционална рамнодушност. Дури 28 проценти од граѓаните сметаат дека корупцијата е прифатлив начин на однесување, што покажува колку е длабоко вкоренето прифаќањето на „нормалноста“ на корупцијата. Во ваква средина, очекувањето не е дека ќе се обезбеди правда, туку дека пријавувањето ќе донесе проблеми – од осуда до одмазда.
Стравот од притисоци од моќни структури, како и од губење на работно место или општествена стигма, е најсилната кочница на секој обид за разобличување на корупцијата. Жените, кои често се во поранлива позиција во институционалните хиерархии, дополнително го чувствуваат тој ризик. Кога се соочени со злоупотреба, притисок или сексторција, тие во најголем дел молчат, не затоа што не ја препознаваат неправдата, туку затоа што знаат дека системот ретко застанува на страната на жртвата. Законот за укажувачи мора итно да се зајакне, за да обезбеди вистинска и правна, но и психолошка заштита на секој што се охрабрува да пријави корупција. Истовремено, мора да се создадат независни и одговорни институционални механизми што ќе ги проверуваат наводите без политички влијанија и ќе го застапуваат јавниот интерес, а не партиските интереси “, објаснува таа.
Самата сексуална изнуда, според Трајановска, поради загрозувањето на сексуалната слобода и повредата на достоинството, како и повредата на физичкото и менталното здравје на изнудената личност, мора да биде пријавувана кај лица кои се родово сензитивни и постапуваат соодветно без осуда, без обвинување и без ширење гласини за жртвата.
„За жал, особено во помалите средини, вакви лица речиси и да не постојат и не би рекла дека жените се охрабрени истата да ја пријават. Стигматизацијата и маргинализирањето на жртвите се сеприсутни“, смета Трајановска.
Потреба од посебно кривично дело
Сексторцијата во нашето законодавство не е препознаена како посебно кривично дело, па оттука се третира како економски феномен и финансиската корист се изедначува со сексуалната корист. Од една страна, ова ги прави уште потешки напорите за справување со сексуалната уцена, но од друга страна, уште поголема е потребата од законско регулирање.
Според Трајановска, првенствено потребно е зајакнување на легислативата и вклучување на сексуалната изнуда пред сè како дело на корупција проследено со значителни затворски казни.
„Кривичниот законик недоволно и несодветно ја регулира сексуалната изнуда истата треба да биде инкриминирана како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик. Дополнително, сексуалната изнуда треба да се дефинира и во Закон за спречување корупција и судир на интереси и Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Потребно е и усогласување на Законот за работни односи и Законот за заштита од вознемирување на работно место со Конвенцијата 190 на Меѓународната организација на труд за да добиеме сеопфатно законско решение. Истражувањата на светско ниво покажуваат дека во државите каде има поголем број на жени на раководни позиции, стапката на корупција е помала. Жените ја опсервираат корупцијата како лоша појава и поверојатно е да се заземат за казнување на коруптивни дела отколку мажите“, објаснува таа.
Камиловска Трповска, исто така смета, дека вклучувањето на жените во во дизајнирањето и спроведувањето на антикорупциските политики е клучно, не само како прашање на родова еднаквост, туку како прашање на квалитет, иновативност и етичност во управувањето со државата.
„Кога жените се дел од процесите на одлучување, институциите стануваат почувствителни и поодговорни кон граѓаните. Такви позитивни примери имало и во нашата држава, а и пошироко. Истражувањата и искуството покажуваат дека поголемата застапеност на жени во јавните функции, во комисиите за етика и во локалните заедници, придонесува кон поголема транспарентност и доверба во институциите. Жените често носат перспектива заснована на емпатија, отчетност и грижа за заедницата — вредности кои се спротивставени на логиката на злоупотреба и привилегија што ја храни корупцијата“, вели таа.
Предрасуди од околината
Во 2021 година преку јавниот перформанс „Место за поддршка – корупција на работно место кај жени“, беа обработени неколку сведоштва од жени кои се соочиле со корупција на работно место, во вид на секаков тип вознемирување, психичко или физичко насилство, малтретирање, закани итн. Овој перформанс беше резултат на истражување преку онлајн анкета и интервјуа, во кое учествуваа над 500 жени и повеќето од нив биле сведоци на насилство на работно место од страна на лице на позиција на моќ.
Режисерката, Драгана Гунин, која учествуваше во истражувањето на „Место за поддршка“ работеше и на проектот „Приказни кои треба да ги слушнете“ со студентки уценувани и вознемирувани од професори. Таа вели дека најчестата предрасуда со која се соочила е дека самите студентки одобруваат вакви однесувања.
„Кога околината има ваква предрасуда многу тешко е млада девојка да се отвори и да зборува за траумата и искуството низ кое минува. Затоа тука е потребно стручно лице и достапна психолошка помош. Ваквите предрасуди/изјави/мислења спречуваат да се оди подлабоко и да се истражат сите мотиви. Станува збор за млади луѓе, дел од нив исплашени, дел со ниска самодоверба, секој/а со различна позадина, непозната за останатите, затоа осудата и предрасудите се сосема непродуктивни и неосновани. Честопати се заборава на позицијата на агресорот и нападот извршен од негова страна“, објаснува Гунин.
„Апсурдно е, апсурдно е да се чувствувам виновно затоа што професорот не ме пушта да положам испит затоа што сум му била убава и сакал да ме гледа почесто. Или… Да ме пипка за бутина. Или… Непријатно е малку. Малку? Уствари јас сум толку несигурна во себе што сè ова ми е прљаво. Пак го паѓам истиот испит. За да се вратам, за да му биде нему убаво и да ужива. Знам дека и други колешки поминуваат низ истото. А мислите ако кажат некому ќе му биде гајле“, гласи едно од шесте сведоштва за сексуално насилство на универзитетски кампуси кои ги сними режисерката Гунин, а беа објавени во 2020 година.
Драгана Гунин вели дека повеќето од искуствата на студентките кои доживеале сексуална уцена се трауматски, каде и потребите и правата на младите луѓе се загрозени.
„Дел од студентките, според моето истражување, чувствуваат и грижа на совест затоа што се нашле во таква ситуација, а всушност се жртви на агресорот. Некои чувствуваат и страв и лутина. Дел го одложуваат зборувањето за проблемот или се затвараат во себе. Секој/а различно реагира. Битно е да му се посвети внимание на проблемот, да се освестат емоциите и да се даде важност на тоа што се случило. Свесноста дека треба да се работи и дека се нормални сите фази низ кои поминуваат студентите кои се нашле во ваква ситуација од неверување и тага до лутина и бес се првите чекори во работата на себе и ослободување од притисокот врз себе“, објаснува таа.
На социјалните мрежи преку хаштагот #Сегакажувам, пред неколку години исто така беа споделени вознемирувачки сведоштва на студентки кои биле сексуално вознемирувани или уценувани од професори на УКИМ, жени кои се соочиле со обиди за уцена со работното место во замена за сексуални услуги, како и барања од работодавците до вработените жени да го искористат своето тело (да покажат повеќе голотија) за доброто на бизнисот, односно за да го привлечат вниманието на повеќе клиенти. Дел од вознемирувањата, според овие сведоштва, се случувале дури и кога жените барале здравствени услуги.
Авторка: Марта Стевковска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА





