Тече реализацијата на проектите во општините со средствата од унгарскиот кредит

0
118
Стоковна куќа Радовиш, фото: Министерство за култура

Веднаш по двојната победа на парламентарните и претседателските избори во мај 2024 година, тогашниот мандатар и иден премиер од редовите на победничката партија Христијан Мицкоски во својот прв јавен настап најави заем од 500 милиони евра од европска земја.

По неколкумесечно шпекулирање во однос на тоа која е земјата која ќе ги издвои овие финансиски средства, беше обзнаено дека всушност парите ќе бидат добиени од Унгарија, држава во која на власт е ФИДЕС на премиерот Виктор Орбан, близок соработник на македонскиот премиер и на владејачката партија.

По објавата, беа соопштени и деталите дека впрочем Мицкоски и Орбан го договориле заемот уште на средбата на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, а парите требаше да се обезбедат од унгарската банка „Ексим“. Според пишувањата на одредени унгарски медиуми, се отвори дилемата дали Унгарија се согласила на овој заем благодарение на кредитна линија која „Ексим“ претходно ја обезбедила од кинески кредити.

Веќе во септември, кредитот влезе во процедура во македонскиот парламент каде беше изгласан законот за заемот со 65 гласа за по скратена постапка, што предизвика низа реакции од опозицијата од каде обвинија за недоволна транспарентност, а на 8 октомври во Будимпешта, беше потпишан официјалниот договор. Според она што е познато, заемот има рок на исплата од 15 години, тригодишен грејс период и фиксна каматна стапка од 3.25 отсто.

До крајот на годината, половина од заемот беше употребен за исплата на стара еврообврзница, а преостанатите 250 милиони се насочија кон програма за локални капитални инвестиции.

Секоја од осумдесетте општини во Македонија и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа имаше можност да аплицира за средства за инфраструктура, изградба на спортски сали, водоснабдување, енергетски проекти и други јавни објекти.

За првата фаза од распределбата на средствата од кредитот беа распишани два јавни повика. Од вкупно 100 милиони евра на располагање, беа одобрени проекти во вкупен износ од околу 68 милиони евра. Еден од клучните критериуми за одобрување на проектите беше распределбата на средствата по глава на жител во општините.

Овој принцип значи дека секоја општина ќе добие финансии согласно бројот на жители, со цел да се обезбеди фер и пропорционална распределба. Согласно овој критериум, очекувано, најголемиот дел од колачот доби Општина Куманово – околу 4 милиони евра. Нешто помалку или 3,7 милиони евра добија Битола и Тетово, а од скопските општини предничи Општина Аеродром со 3,4 милиони евра.

Сумирано, вкупно 78 општини од 81 добија средства од унгарскиот кредит, а во првата фаза одбиени беа повеќе проекти од Градот Скопје, Општина Струмица, како и Општина Сарај. Овој потег наиде на реакции и негодувања од опозицијата и јавноста, со оглед на тоа што, случајно или не, со овие општини раководат градоначалници од директните опоненти на владејачкото мнозинство и Данела Арсовска, која дојде на власт со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, а која една година по изборот влезе во отворена „војна“ со оваа партија.

Од Општина Струмица за Пина.мк велат дека досега не добиле официјален одговор зошто биле одбиени, а единствените информации кои ги добиле биле преку медиумите.

Општо е познато дека Струмица аплицираше со еден проект – изградба на нов пазар, а според неофицијалните информации, проектот е одбиен бидејќи не ги исполнувал условите како нов проект, односно изградбата на пазарот бил во напредна фаза на реализација.

Од општината Аеродром пак, како една од петте општини кои доби најголем износ на финансиски средства во одговор за ПИНА.мк велат дека аплицирале со неколку проекти за кои досега на општинската сметка се исплатени 52 милиони денари или 850 илјади евра и тоа само од Министерството за транспорт. Во однос на реализацијата на овие проекти, оттаму велат дека се работи на девет проекти.

Прашања упативме и до Општините Куманово, Тетово и Гостивар, но одговори не добивме и по две недели чекање.

Во вториот повик се одобрени речиси четири пати поголеми средства за
разлика од првиот

Во меѓувреме, во првата половина од годинава беше објавен и вториот повик за распределба на дополнителни 250 милиони евра од унгарскиот кредит. Според властите, овој повик беше продолжение на поддршката на општините, а за разлика од првата фаза во која критериумот „по глава на жител“ беше основниот и главен услов за распределба на средствата, беа воведени дополнителни критериуми за избор на проекти, меѓу кои и приоритет за зелени и енергетски ефикасни решенија, како и проекти со висок потенцијал за развој на локалната економија.

За разлика од првиот повик, се забележува дека интересот на општините за учество во вториот повик е значително понизок од очекуваното. Дел од општините се пожалија на административни пречки и недостаток на стручна поддршка при подготовка на апликациите, а дел од локалните самоуправи изразија загриженост поради можноста да бидат дополнително оптоварени со задолжувања, особено доколку проектите не се реализираат во предвидените рокови.

Очекувано, најголем дел од средствата според информациите ќе се реализираат преку Министерството за транспорт и врски – 130 милиони евра. Од Министерството за животна средина околу 40 милиони евра, Министерството за образование и наука 26 милиони евра, за култура 10 милиони евра, социјална политика, демографија и млади – 8.4 милиони евра и од Министерството за спорт, 8.85 милиони евра.

Општина Струмица на овој повик аплицираше со тринаесет проекти. Најголемиот дел за изградба на улици, како и изградба на канал за атмосферски води, изградба на семејни куќи во низа, како и изградба на филтер станица во селото Банско.

Скопската општина Аеродром аплицирала со шест проекти, меѓу кои надградба на основно училиште „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче, доградба на основно училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин, реконструкција на водоводна мрежа, изградба на културен центар и реконструкција на јавни површини и улици.

Првиот повик одобрени биле 288 проекти, во вториот 828

Според податоците кои ги добивме од Министерството за локална самоуправа, заклучно со 30.04, од вкупно пристигнати 887 апликативни формулари од вкупно 80 општини за вториот повик, одобрени биле 828 проекти.

„Финансирани се проекти од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика за кои со општините ќе се потпишат договори“, велат од министерството.

Средствата од централниот буџет за оваа намена се исплаќаат во фази, зависно од степенот на реализација на проектот, од страна на секое надлежно министерство.

„Заклучно со крајот на месец мај, 273 проекти од првиот повик се со склучен договор од кои 168 воведни во работа или работат на терен. Од тие 168, 29 се во завршна фаза и се очекува наскоро да завршат, а 76 проекти се завршени“, додаваат од министерството.

Со вториот повик најмногу проекти добила општина Битола, а 5 општини добиле по 1 проект.

Дека реализацијата на капиталните проекти оди слабо покажуваат и податоците на Министерството за финансии. За половина година реализирани се само 26 проценти од парите наменети за капитални инвестиции. Или потрошени се само 200 милиони од планираните над 770 милиони евра за капитални проекти за годинава.

Премиерот Мицкоски изјави дека ќе се гради сѐ што ќе им го олесни животот на граѓаните. Тој додаде дека заедно со проектите од првиот повик има градежна офанзива или 1.200 градилишта во земјава.

Кој ќе го враќа унгарскиот кредит и какви импликации ќе има врз економијата

Унгарскиот кредит, како и секој друг ќе треба да се врати, а сите кредити кои ги зема централната власт, ги плаќаат даночните обврзници – самите граѓани. Според калкулациите, барем по првиот повик и финансиите кои беа искористени, секој граѓанин „должи“ 83,33 евра само за враќање на овој кредит и оттаму се поставува прашањето дали ова задолжување би донело нов ризик, особено ако се има предвид дека проектите може и да не бидат успешно реализирани или пак доколку не се постигнат очекуваните ефекти во локалниот и економски развој.

Економистот Абил Бауш за Пина.мк вели дека формално, 250 милиони кои би се вбризгале директно за општините можеби изгледаат поволни во однос на каматната стапка и грејс-периодот, но суштински, ја зголемува ранливоста на државниот буџет поради новото задолжување направено надвор од традиционалните европски финансиски рамки. Ова задолжување, вели тој, во услови на веќе висок јавен долг создава фискален ризик за генерациите кои следат, особено доколку повратот на инвестицијата е низок или нефункционален.

„Покрај фискалниот ризик, постои и сериозна опасност од прекршување на принципите на фискална дисциплина и координација со европските економски политики. Доколку средствата не се насочени кон капитални проекти со одржлива економска вредност, туку кон тековни или краткорочни трошоци, граѓаните индиректно ќе го сносат товарот преку потенцијално зголемени даноци или намалени јавни услуги во иднина“, вели Бауш.

Во однос на тоа каков би бил импактот од помошта за локалните власти, Бауш вели дека потенцијалот за позитивен ефект постои само доколку овие средства се вложат во инфраструктурни и продуктивни проекти, но предупредува дека во отсуство на стратешко планирање, реалната опасност е дека заемот ќе се искористи за асфалтирање улици или краткорочни активности со ниска мултипликативна вредност.

Дополнително, во однос на тоа дали е обезбедена доволна транспарентност и дали се реални сомнежите кај јавноста дека кредитот се користи за „политички цели“ пред локалните избори, тој вели дека транспарентноста при доделувањето на средства е ограничена и дека недостигна детален план за критериумите според кои општините ги добиваат средствата и јасна економска анализа за очекуваните резултати. Тоа пак, според него е спротивен пристап на добрите управувуачки практики кои бараат јавноста да има целосен увид во јавните средства.

За сомнежите за предизборен поткуп, Бауш вели:

„Ако кредитот се распределува по партиски или етнички линии, без транспарентни критериуми и јасна економска логика, тогаш тоа е сериозен сигнал за политичка инструментализација на јавните средства. Историски гледано, вакви практики се користени како механизам за предизборна мобилизација, особено кога извршната власт има директна контрола над распределбата на ресурсите. Јавниот пристап бара оценка базирана на докази, но отсуството на јавно достапни податоци, објавени листи на корисници, критериуми и механизми за следење, остава простор за сомнежи. За да се неутрализира ваквиот ризик, потребно е основање на независно тело за ревизија на користењето на заемот и редовно објавување на резултатите“ додава тој.

Автори: Михаил Милошевски и Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА