Во Македонија, отпадот не мирува, туку постојано „расте“, се шири и не труе.
Илјадници диви депонии никнуваат насекаде, меѓутоа сѐ уште не се
евидентирани во системот, истите неретко се палат, и со години остануваат
незабележани од институциите, а ние граѓаните секој ден одново се труеме,
бидејќи го дишеме тој воздух, без заштита, одговорност или некоја промена.
Покрај законските обврски и постоењето на државни и локални тела кои се
задолжени за управување со отпадот, дивите депонии во Македонија остануваат
сериозен еколошки и здравствен проблем.
Затрупани во планови, а не во решенија
Додека државата на хратија гради современи системи за управување со отпад, на терен ситуацијата е сосема поинаква, односно тлото на Македонија е преполно со ѓубре. Ова ѓубре секој ден ја загадува животната средина и здравјето на луѓето. Покрај многуте најави за реформи и воведување на европски стандарди, веќе три децении нема ниту една целосно функционална регионална депонија надвор од Скопје.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за ПИНА велат дека се работи за сложен и скап процес кој бара децениска подготовка, од планска документација, преку обезбедување финансиски средства, до тендерски постапки и изградба на цела инфраструктура.
„МЖСПП во изминатиот период работеше на подготовка на планска документација, финасирана преку ИПА фондовите за Источниот, Североисточниот, Југозападниот, Пелагонискиот и Вардрски регион, потоа обезбеди грант средва од Владата на Шавјацарската федерација за Полошкиот регион и во 2019 година потпиша договор со Европската Банка за Реконструкција и Развој (ЕБРД) за реализирање на проект кој даде насоки за начинот на финасисрање на регионалните системи за управување со отпад за четири региони (Вардарски, Југоисточен, Југозападен, Пелагонсики и Полошки).“ додаде М-р. Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на сектор за отпад.
Според информациите од МЖСПП, во тек се активности за отварање на пет регионални центри за отпад. Така што ќе има по една санитарна депонија за секој регион и претоварни станици во поголемите општини.
За Источниот и Североисточниот регион, веќе е распишан тендер за изградба на централна постројка во Свети Николе, како и шест претоварни станици. За Полошкиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион, се подготвува тендерска документација, додека Вардарскиот и Југоисточниот се сè уште во фаза на изработка на плански документи. Иако најнаселен е Скопскиот плански регион за него, се’ уште нема обезбедено средства за изградба на нов систем. Засега се работи само на документацијата, финансирана од ЕУ.
„Обезбедувањето на средства, независно дали е заем или грант од ИПА, е долгорочен процес. Дополнително по добивињето на средствата, за да се започне со имплементација потребно е да се има целокупна урбанистичка документација за предвидените локации што исто така одзема време, па оттука процесот долго трае“ додаде М-р. Ана Каранфилова Мазневска.
Дополнително, Министерството за животна средина нагласува дека, иако чистењето на отпадот е обврска на локалните самоуправи, секоја година во својот буџет предвидува средства за помош во чистењето на дивите депонии. Оваа помош се одобрува само за општините кои претходно доставиле барање за финансиска поддршка.
Систем во трансформација и предизвици на терен
Нелегалното фрлање и наталожување на отпад на јавни површини прерасна во системски и сериозен проблем, а надлежност за контрола и санкционирање имаат општинските комунални инспектори според Законот за јавна чистота, како и општинските инспектори за животна средина согласно Законот за управување со отпад.
„За ѓубришта на јавни површини во урбани и вонурбани средини надлежни се општинските комунални инспектори (Закон за јавна чистота) и општинските инспектори за животна средина (Закон за управување со отпад). ДИЖС има соработка со општинските инспектори за животна средина, прекршочните санкции предвидени во законодавството за животна средина се високи и во зависност од големината на субјектот на надзор се движат и до 240.000евра во денарскс противвредност. Можеби треба да се зголемат санкциите за физички лица“ вели Дарко Блинков, Генерален Инспектор за животна средина.
Со зголемувањето на бројот на инспектори и елиминирањето на фрагментираноста, се очекува подобра ефикасност во надзорот и намалување на отпадот.
„Во однос на подобрување на ефикасноста на инспекцискиот систем за животна средина во процедура е измена на Законот за инспекциски надзор во животната средина за единствен инспекциски систем, односно да нема општински инспектори за животна средина со што ќе се зголеми бројот на инспектори и секако ефикасноста“ додава Блинков.
Дивите депонии како резултат на нефункционален систем за управување со отпад
Проблемот со дивите депонии во Македонија е многу повеќе од еколошко прашање, тоа е симптом на длабок институционален неуспех. Отпадот е секојдневен проблем што директно влијае на квалитетот на животната средина и здравјето на луѓето, системот за управување со отпад во земјата е нефункционален, недоволно финансиран и без доволно стручност и волја за реална промена.
Зелена народна стража алармира дека само една санитарна депонија во земјата ги исполнува законските стандарди, додека илјадници непријавени и неконтролирани депонии се расфрлани низ целата територија, загадувајќи го воздухот, почвата и водните ресурси.
„Проблемот со дивите депонии е масовен и хроничен. Македонија има само една санитарна депонија што е усогласена со закон, „Дрисла“, и неколку десетици други „комунални“ депонии кои сè уште не ги исполнуваат законските стандарди. Паралелно, низ годините се наталожија повеќе од 2.000 диви депонии на територијата на државата, кои директно го загадуваат воздухот, почвата и подземните води. Воздухот дополнително го загадуваат и честите пожари на депониите (вклучително и поради метанот што се создава од органскиот отпад), додека тлеењето на мешаниот градежен, комунален и друг ризичен отпад доведува до продор на тешки метали и хемикалии во почвата и водата. Ова е директен резултат на системската зависност од депонирање: 99% од отпадот во Македонија завршува на депонии наместо да се селектира и рециклира. Па причината за депониите е едноставна: надлежните институции не управуваат со отпадот, туку го игнорираат, па народот е оставен да се справува со него сам, како знае и умее, што најчесто резултира со исфрлање во природа, на празни парцели во урбани средини, покрај патишта, во реки и шумски појаси, создавајќи илјадници диви депонии низ целата земја. Оттука, ова не станува само еколошки проблем, туку и симптом на институционален неуспех: недостиг на волја, стручност и визија за управување со нешто толку просто и основно“ велат за „ПИНА“ од Зелена Народна Стража.
Алармот е вклучен со години, меѓутоа тоа не значи ништо, ѓубрето само се трупа насекаде. Според невладината организацијата Зелена Народна Стража, оваа ситуација во која се наоѓа животната средина е резултат на неефикасноста на комуналните служби, недостатокот од стручност, недоволните инспекциски контроли и низок буџет за инфраструктурни инвестиции.
„Во моментов, комуналната услуга во Македонија не само што е недоволна, туку е и нефункционална. Во многу населени места, особено во руралните средини, комуналните служби не ги опфаќаат сите домаќинства, а на премногу локации воопшто немаат ни поставено контејнери во кои граѓаните би можеле да го фрлат отпадот. И што останува да направат луѓето со него, да го голтнат? Дури и онаму каде што има контејнери, отпадот не се собира редовно и се остава да се натрупа, а многу од службите воопшто не ги покриваат излетничките и периферните зони, кои потоа стануваат нови диви депонии. Покрај нефункционалната комунална услуга, системот потфрла и во контролата, санкционирањето и стратешкото управување со отпадот. Закони постојат, но се застарени, а најчесто не се ни спроведуваат. Никој не следи кој, каде и колку отпад фрла, инспекциските служби се вечно со ограничени капацитети, а казните ако воопшто се изречат, се смешно ниски“ велат од таму.
Недостасува вистински систем за следење и одговорност на чинителите
Во европските земји Словенија и Австрија, секој килограм отпад е евидентиран, без разлика дали е од домаќинство или од некој бизнис, преку транспорт до депониите. Граѓаните плаќаат според количината отпад што ја создаваат, а пластиката, стаклото и хартијата се селектираат преку посебни, редовно одржувани контејнери. Во Финска и Данска, повеќе од 50% од отпадот се рециклира, додека во Македонија едвај 1%.
„Во Македонија уште немаме ни инфраструктура ни систем ни стратегија за селектирање и управување со отпад, нема отворени и функционални биокомпостари, а проектите за регионални депонии се заглавени меѓу политички препукувања и локални интереси. Кога ќе прашаш зошто, одговорот најчесто е: „нема средства“. А има средства, само очигледно не сакаат да ги дадат на решавање на депониите. Пре би да ги распределат на други места. Корупцијата е очигледна во сите сектори на управување со државата, но особено е изразена и боде очи преку отпадот меѓу кој живееме и кога резултатите од работата на надлежните се над 2.000 диви депонии“ велат од ЗНС.
Се додека не се воспостави транспарентен и ефикасен систем за следење на отпадот, додека не се обезбедат доволни средства и стручни кадри, и додека корупцијата и неодговорноста продолжат да го попречуваат секој напор, Македонија ќе остане заробена во хроничниот проблем на дивите депонии, што сериозно ја загрозува нашата животна средина, јавното здравје и иднината на сите нас.
Авторка: Сара Танаскоска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





